Германската марка на 1-ви мај најави дека во својата вредна фабрика во Алабама, САД, ќе произведува уште еден големоволуменски модел, почнувајќи во 2027 година.
Најавата на Мерцедес за масивно инвестирање во производството во САД доаѓа во време, кога претседателот Доналд Трамп води војна против увозот, во корист на својата агенда, Америка на прво место.
Мерцедес не соопшти за кој модел станува збор, единствено наведе дека во фабриката во Алабама ќе се произведува модел од „јадрото“ на марката, а тоа се моделите од средната и вишата класа, односно Ц- и Е-Класа, и нивните СУВ-пандани ГЛЦ и ГЛЕ.
Според информациите на АутоФоркаст Солушнс, Мерцедес во фабриката во близина на Таскалуза ќе го произведува СУВ-моделот ГЛЦ, почнувајќи во ноември 2027 година.
„Има смисол да се прошири производството во САД“, вели Сем Фјорани, потпретседател на АутоФоркаст Солушнс. „Тоа не само што ќе ги пополни производствените погони, туку компанијата на тој начин ќе ги заобиколи и скапите царини за увозот од ЕУ.“
Во 2023 година проструија гласини дека Мерцедес-Бенц планира електричниот ГЛЦ да го произведува во САД. Во меѓувреме, германскиот производител се откажа од планот да премине на целосно електирчна понуда по 2030 година.
Расте побарувачката за СУВ од средната класа
Мерцедес-Бенц во САД продава речиси исто толку примероци од својот ГЛЦ, колку што заедно се продаваат трите конкурентски модели по него. Германците лани продадоа 64.163 примероци од ГЛЦ во земјата, што е близу 20 проценти од вкупната продажба на Мерцедес-Бенц во САД, не сметајќи ги доставните возила.
СУВ-моделите од средната класа имаат важно место на пазарот во САД.
Продажбата на СУВ-модели од средната класа, од премиум марки, лани пораснала за 14 проценти, на вкупно 425.294 возила. Тоа е речиси трипати повеќе во споредба со продажбата во сегментот пред десет години. Продажбата на ГЛЦ лани порасна 58 проценти, донесувајќи му го 3-то место во сегментот.
Фјорани предвидува дека Мерцедес во првата полна година во производство во фабриката во Алабама ќе постигне продукција од преку 50.000 примероци од ГЛЦ.
Во комплексот во Венс, на површина од преку 9 хектари, Мерцедес ги произведува моделите ГЛС и ГЛЕ, заедно со нивните електрични пандани Е-Ку-С СУВ и Е-Ку-Е СУВ.
За ГЛЦ да се произведува во фабриката треба да се вложат неколку стотини милиони долари за машините. Фабриката што е отворена пред близу 30 години, работи профитабилно со искористеност на капацитетот од 305.000 возила годишно од 87 проценти.

Мерцедес соопшти дека планира да ја прошири фабриката во Алабама, по еден ден откако директорите при објавувањето на деловните резултати предупредија, дека поставените цели за годинава се под знак прашање, доколку САД не ги намали царините.
Администрацијата на Трамп одреди царинска стапка од 145 проценти за увоз на автомобили од Кина и од 25 проценти за возила увезени од останатите држави.
Поради тоа, Мерцедес и воопшто целата автомобилска бранша мораше да ги реорганизира своите ланци од добавувачите и да ги приспособи своите ценовни стратегии.
На телефонската конференција за инвеститори, извршниот директор на Мерцедес-Бенц, Ола Калениус, потври дека светот се движи од глобализација во правец на регионализација.
Еден од сто примероци од серијата Голден Коуст од Мерцедес-АМГ СЛ во Мак Аутостар
„Доколку гледаме во подалечна иднина – три, четири, пет години – доколку светот премине на регионална стратегија, ќе се подготвиме за тоа,“ изјави Калениус пред инветиторите. „Ние сме извозен шампион во сите правци.“
Извршниот директор кажа дека Мерцедес има „рачки“ со коишто може да влијае врз ефектот од царините, во кус, среден и долг рок, вклучувајќи и зголемување на производството во САД.
„Ваква динамична средина досега немам видено во моите 32 години во компанијата,“ кажа Калениус.
















