По Микра следи нова изведба на компактот Лиф, којшто преоѓа на каросериска форма на кросовер, место класична комбилимузина.
Новиот Џук, СУВ со електричен погон, ја дели плаформата со Лиф, иако со димензиите е помал од него. Јапонската компанија на настанот во Ацуги потврди дека Џук ќе почне со продажба најдоцна до завршетокот на следната фискална година, односно до 31-ви март 2027 година.
Нисан ги покажа Микра и Лиф во нивната сериска изведба, по подолг период во којшто објавуваше детали и ги најавуваше новите модели преку студиски автомобили. Силуетата на Џук исто така веќе ѝ е позната на сцената.
Нисан претходно потврди дека уделот на електрични автомобили во својата продажба во Европа ќе го зголеми на 40 проценти, до март 2027 година.
Компанијата во изминатите неколку месеци критикуваше за брзината со којашто производителите се присилуваат да ја префрлат својата продажба на електрични возила во ЕУ и во Обединетото Кралство, коешто е најголем пазар за Нисан во Европа.
Неодамнешната објава на Јато Дајнемикс потврди дека Нисан во првите два месеци постигнал удел од 9 проценти во продажбата на електрични возила во 25 држави во ЕУ, во ОК, Норвешка и Швајцарија.
Новата Микра е конструирана врз платформата на новиот Рено 5 и ќе се произведува во фабрика на Ампер, којшто е огранок на Групацијата Рено за електрични автомобили. Микра ќе излегува од фабриката во Дуе, Франција.

Новиот модел го задржува името Микра што Нисан со генерации го користи за своите успешни модели од градската класа. Јапонците ветуваат дека таа „ќе остане верна на гените на своите претходници“. Производството на Микра беше прекинато во март 2023 година.
Новиот автомобил е дизајниран во европското студио на Нисан во Лондон, врз платформата АмпР Смол на Ампер. Исто како Рено 5, таа ќе биде достапна со две големини на батерија: Со 40 или 52 кВч, и досег до 400 километри.

Лиф преоѓа на платформата ЦМФ-ЕВ и станува кросовер
Лиф ќе се произведува во фабриката на Нисан во Сандерленд, во северна Англија, и ќе ја користи истата платформа ЦМФ-ЕВ, како електричниот модел од средната класа Арија.
Арија остана како клучен модел на Нисан за смалување на емисијата на ЦО2 и останување под строгиот лимит што го пропишува ЕУ, откако производството на втората генерација на Лиф заврши во 2024 година.
[the_ad id=”85764″]
Нисан не откри подробности околу техниката на Лиф, иако компанијата претходно соопшти дека ќе користи нова батерија од добавувачот АЕСЦ. Таа ќе располага со енергетска густина што е за 30% поголема во споредба со батеријата од 62 кВч на претходниот Лиф.
Компактниот СУВ-модел Рено Сеник ја дели истата платформа и постигнува досег до 610 километри со најголемата батерија што се вградува во него од 87 кВч.
Лиф во иднина ќе биде кросовер во стил на купе, согласно вкусовите на купувачите и неопходноста да се усоврши аеродинамичноста, порачуваат од Нисан.
Нискиот нос и заоблениот покрив помагаат за воздухот лесно да струи околу каросерија, којашто завршува со висок опаш.
Внатрешноста на возилото е осмислена како „светилиште“, вели главниот дизајнер Алфонсо Албаиса.
Арматурната табла е вгнездена во стаклена плоча, во којашто се вметнати инструментите и средишниот дисплеј.

Целосно електричен Џук ќе му се придружи на Лиф во фабриката во Сандерленд
Електричниот СУВ-модел Нисан Џук ќе се проиведува на истата платформа ЦМФ-ЕВ како Лиф. Тековниот Џук имаше моделско освежување лани.
Нисан во 2023 година потврди дека малечок ЕВ ќе се произведува во Сандерленд, заедно со Лиф, како и дека двата модели веројатно ќе ја делат истата производствена лента. Во фабриката и натаму ќе се произведува Џук со мотори со внатрешно согорување.
Електричниот компактен СУВ-модел Кашкај ќе задоцни, но и тој е планирано да се произведува во Сандерленд.
Нисан на настанот во Јапонија најави нов модел за САД со електричен погон, што е незначително поголем од Кашкај. Моделот има стил сличен со легендарниот Патфајндер, што почна да се продава во САД во 1986 година. Трите отвори во хаубата ќе бидат заменети со светлечки елементи. Нисан не соопшти дали тој модел ќе ја дели техниката со електричниот Кашкај што е планиран за Европа.
Нисан планира да ја воведе третата генерација од својот хибриден погон е-Пауер во Кашкај, што се произведува во Сандерленд. Датумот не е познат. Истиот погон ќе се вградува и во поголемиот СУВ-модел Икс-Трејл.
Најавена е и изведба на Икс-Трејл со приклучен хибриден погон во САД, каде што моделот е познат како Рог. Нема најави дали моделите со овој вид погон ќе се продаваат во Европа.
















