Опел со студијата Женева пред 50 години ја одушеви публиката

Две години по престанокот на производството на ГТ, Опел се врати на идејата да понуди привлечно и достапно спортско купе, со прикажувањето на студијата именувана според местото на нејзината премиера, салонот во Женева. Од неа сепак не беше изведен сериски модел, но таа остана како една од дизајнерските икони на марката од Риселсхајм.

Пред точно 50 години, кога автомобилската индустрија во почетокот на пролетта уште се собираше редовно во Женева, да ги прикаже своите новитети пред светот, Опел сакаше да биде главна тема на салонот.

Тоа секако му успеа, со студијата што очигледно беше осмислена да биде голема премиера на салонот покрај Женевското Езеро, соодветно именувана Женева. Премиерата беше важна и поради тоа што десет години пред тоа, Опел на салонот ИАА, тогаш уште одржуван во Франкфурт, излезе пред светот со студијата ГТ Експериментал.

Во август 1968 година, Опел ГТ на големо изненадување се појави како сериски модел, произлезен токму од ГТ Експериментал. Спортското купе со достапна цена, меѓу другото и поради тоа што ја користеше техниката на Кадет Б, постигна многу и за имиџот и на касата на Опел.

Тоа легендарно купе се произведуваше само пет години. Постојат гласини дека тогашната матична куќа Џенерал Моторс, притискаше Риселсхајм да го прекине успешното поглавје со ГТ и да не продолжи со втора генерација на моделот. Се верува дека Детроит стравуваше за пазарот на сопствената Корвет и стави вето за Опел ГТ.

На салонот во Женева во 1975 година, германската марка излезе пред јавноста со студијата, којашто очигледно беше замислена да води кон идниот сериски модел. Со ниската силуета, со нос што оддава моќност и со линија на покривот што се спушта ниско назад, Опел Женева зрачеше со чист спортски дух.

Купето со ваков изглед заслужи да биде лакирано во златна боја. Швајцарскиот магазин Аутомобил Реви, тогаш напиша: „Лесното и елегантно купе се врти на плоча што е подигната, за да ги улови погледите на посетителите на салонот… предниот и задниот дел завршуваат остро, со интегрирани браници. Сите прозорци, заедно со страничните, многу се заоблени.“

Овој впечатлив изглед беше постигнат благодарение на користењето фиберглас од страна на тимот на Опел Адвансд Дизајн, предводен од Ерхард Шнел, дизајнер на самиот Опел ГТ.

Јавноста секако дека беше одушевена и со тоа го даде своето зелено светло за моделот да се појави во сериско производство. Но, спортското купе со преклопливи светла, што беа заштитен белег на тогашните студиски модели на Опел, немаше шанси да доживее серија.

Риселсхајм уште во 1972 година се јави со идеја да го продолжи поглавјето на ГТ, преку студијата ГТ-Дупло В, што претходеше на Опел Женева. Како погон во студијата служеше двоклипен ванкел мотор, па оттаму и дупло В во ознаката. Ванкелот беше избран поради ниската конструкција, што овозможуваше носот да биде исклучително низок.

Опел ГТ – Дупло В

Но, тогаш се случи првата светска нафтена криза и развојот на проектот беше прекинат во 1974 година. Во време кога светот учеше да штеди, ванкел моторот стана лоша идеја, поради високата потрошувачка и штетниот издув. Тој проект сепак беше продолжен и доведе до студијата Опел Женева.

Место автомобил што е близок до сериско производство, футуристичка студија ГТ2 со мали изгледи да стане сериски модел

Уште во истата година, Опел се јави повторно со студија на спортско купе, овојпат на домашен терен, на салонот ИАА во Франкфурт, место на неутрална почва во Женева. Новитетот беше ГТ2, со јасна футуристичка форма, со лизгачки врати, детално опремена кабина и функционален погон. Тоа што Риселсхајм веднаш одговори со ГТ2 по премиерата на Опел Женева, укажува и на можна директива од Детроит, германската марка да ѝ признае на јавноста дека спортско купе – од ковот на Корвет – нема да се случи, повторно.

Опел ГТ2

Опел во 1978 година го подари ГТ2 на Дојчен Музеум во Минхен. Наспроти тоа, Женева остана долго во дизајнерското оддалеение на Опел. Во 1977 година, студијата беше прелакирана од златна во портокалова боја.

Риселсхајм неодамна покажа дека времињата се сменети и директивите од Џенерал Моторс се минато, како дел од денешниот концерн Стелантис. Опел во 2023 година го прикажа Експериментал на салонот ИАА во Минхен. Од тоа произлезе денешниот Грандленд, којшто воведе ново дизајнерско поглавје во Опел.

[the_ad id=”85764″]

Претходна објаваТојота Ланд Крузер · Тест · Најспособниот теренец е лимузина
Следна објаваДонгфенг има уште два новитети за македонскиот пазар, премиум по цена од Кина

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here