Тојота подолго од седумдесет години ги пушта своите Ланд Крузери да крстосуваат каде што има копно на Земјава. И додека на Ролс Ројс му е лесно да изброи колку од возилата што ги има произведено уште возат, кај Тојота тоа е проблем. Од Ланд Крузер се произведени повеќе од 11 милиони примероци. Секоја генерација е подобра на терен од претходната, а од оваа нема покомфорна.
На секои пет продадени Короли, дел за семејни потреби, дел за службени потреби, Тојота досега има продавано по еден Ландкрузер. На преку 50 милиони народски Короли, доаѓаат преку 10 милиони специјализирани и „тешки“ Ланд Крузери. Тој е Королата меѓу теренците.
Низ сиве години, веројатно не остана парче на Земјава што е неосвоено од земјениот крстосувач на Тојота. Во тоа е лесно да се поверува, затоа што уште првиот Ланд Крузер од 1950-те години, тогаш со ознака БЈ, успеа да се искачи повисоко на планината Фуџи, од кое било моторно возило претходно. Според тоа, ако не останало парче неосвоено, што можеше да направи Тојота друго, освен да го претвори Ланд Крузер во лимузина.
Првпат качен на платформа ТНГА, во некоја нејзина најдалечна варијанта што се води како ГА-Ф, оваа Тојота вози помеко и во исто време подинамично од кој било Крузер пред неа, па веројатно и поуживателски од која било Тојота досега. Иако платформата е сменета, шасијата остана. Каросеријата може спокојно да се подигне со кран, a шасијата долу ќе си стои, со мотор, менувач, диференцијали и блокади, со мултилинк задна оска и со предна оска со две триаголни водилки како кај тркачки болид.
Дизел од 2,8 литри со 205 КС што Ланд Крузер го дели со уште една легенда на Тојота, со Хајлукс
Единствено што нема да се види долу е електромотор во функција на погонот. Но, и тоа ќе се смени кон средината на годинава, затоа што и ЛК во меѓувреме ќе биде достапен како хибрид. Благ хибрид, како за почеток, со 48-волтен стартер-генератор, исто како што пред него му се случи и на Хајлукс. Овој примерок на тест сепак е „чист“ од хибридизација, 100% дизел.
Дизајнот не може да остане некоментиран, затоа што е најголемата видлива промена кај новакот – и најдопадливата промена, секако – иако тоа и не може да се нарече промена, затоа што Ј25, односно генерацијата на Ланд Крузер 250, во изгледот се повикува на историските модели 40 и 70.
Следното унапредување на теренската способност е откачувањето на предниот стабилизатор, но само кај врвната моделска изведба
Нов квалитет за возење по терен е можноста за предниот стабилизатор да се „откачи“ од лежиштата и со тоа да се овозможи поголема флексибилност за тркалата да се припијат до подлогата. Тоа е ставка што се вградува како стандард само во врвното ниво на опременост, во најлуксузниот ЛК.
Уште еден трик што помага при возење во тешки теренски услови е системот од камери што во средишниот дисплеј ја прикажува вистинска состојба на подлогата под носот и создава приказ како хаубата и целиот нос на ЛК да не постојат. Интересно е решен изборот од програми за возење по различни видови подлога, со вртлив прекинувач во средишната конзола, што воедно служи и за одредување на брзината при спуштање и за ползењето, а на тоа следи и трета функција, за избор на режим на работа на моторот и менувачот.
Големи зафати во управувањето со цел да се подобри прецизноста
Комфорот е заеднички именител во возењето, било каде да се појде. Комфорно по нерамна подлога, а пак способно да се совладаат секакви пречки, комфорно и по асфалт, а пак со уверлива повратна информација и прецизност во управувањето, па и со релативно умерено странично наведнување, за човек да не се воздржува да се пушти по пат, исто толку брзо колку лимизините или квази-теренците пред ЛК.
Првпат во теренската икона на Тојота работи електрично сервоуправување. Целта беше на системите за асистенција да им се придружи и систем за следење лента, затоа и се премина на електрично серво.
Ланд Крузер вози исто како лимузина крстосувач, што по потреба и желба, минува секаква подлога и вози сигурно во секакви временски услови
Триото од унапредениот возен комфор, заедно со акустичниот комфор, унапредените возни својства и комплетниот арсенал од системи за асистенција, го претвора Ланд Крузер во патувачка машина, што е подготвена за секаква подлога и за секакви временски услови. Човек треба само да постави одредиште. Останатото ќе си го одработи ЛК.
Ланд Крузер е последниот модел што се префрлува на ТНГА-стратегијата, односно тоа е намерата на тогашниот шеф Акио Тојода, да внесе повеќе забава и уживање во возењето, покрај традиционалните доблести на марката, како издржливост, трајност, квалитет, ниски трошоци. Пред него, тоа го направија првиот Ц-ХР, по него Корола, РАВ4, Јарис и Јарис Крос.
Од него почна целото СУВ-движење, без името на Ланд Крузер немаше да постои првиот РАВ4
Тој е воедно и клучот, формулата за успех на сите теренци што Тојота ги изгради токму врз имиџот на ЛК. Денес во гамата на Јапонците има седум СУВ-модели: Ајго Крос, Јарис Крос, Корола Крос, Ц-ХР, РАВ4, електричен би-зи-фор-крос, и секако Ланд Крузер. Тој имиџ ѝ даде на Тојота слобода во 1990-те да излезе со модел каков што светот дотогаш немаше видео: РАВ4, возило за Рекреација и Активност, со погон на сите тркала. Тој е првиот СУВ, по него сите останати, меѓутоа пак сé почна од ЛК.
Искуството на Тојота со ваков вид возила се огледува и по џебот, во добра смисла. Носот е изработен од десетина лесно заменливи компоненти, што при оштетување се заменуваат брзо и релативно евтино.
Улогата што е замислена за новиот Ланд Крузер се гледа и во цената на возилото. Најдостапната изведба во Тојота Авто Центар е Комфор, со цена од 85.990 евра. Средината од понудата припаѓа на Егзекутив, каков што е тестираниот примерок, со цена од 95.290 евра, додека врвот гази над 100.000 евра и соодветно се продава како ниво Луксуз.
Тоа што нивото Егзекутив го има повеќе од основниот ЛК се двозонска работа за автоматската клима и посебна контрола назад, елеткрика и вентилација во предните седишта, греење на волан и на седишта, тркала од 18 инчи, панорамски приказ на просторот околу возилото, миење на задната камера и на предните светла, дигитални инструменти од 12,3 инчи и средишен дисплеј со истата големина, безжичен полнач за телефон, и сите функции за терен, со исклучок на откажувањето на предниот стабилизатор, што е специјалност само на најскапиот модел. Седумте седишта секогаш се стандард, со тоа што во третиот ред седишта не треба да се очекува удобност.
Во поглед на потрошувачката, десет литри се само ориентациска вредност, од којашто повеќе е веројатно да се направи отстапка угоре, отколку удолу. Но, за поминатото време во ЛК, вреди секој грам дизел што ќе се потроши.
Мисијата на овој автомобил на Тојота е напишано во името. Ланд Крузер, исто како крузери за прекуокеански крстарања, меѓутоа за копно. Тоа е целата суштина на овој несекојдневен автомобил. Ова е најкомфорниот, најзабавен и „најспортски“ Ланд Крузер во историјата. Најдоброто е во тоа што теренските својства се задржани, па и надградени ако се има предвид играта со предниот стабилизатор. ЛК е огромен во сите правци, меѓутоа главните симпатии се во тоа што зад воланот се чувствува како тоа да е големина на Корола.
Крузерот на Тојота никогаш досега не бил толку луксузно поставен, што се гледа и во цената. Јапонците во секој случај нема да останат без продажба. Кој сака поедноставно и поевтино, има уште еден имиџ-болид, Хајлукс. Кој пак сака повеќе луксуз и отменост, има и Лексус, со истата техника, само уште малку поскап.















