Добавувачите на автомобилските фабрики работат на следната коцка во сложувалката што се нарекува софтверски дефиниран автомобил. На ред се електрични сопирачки.
ЗФ Фридрихсхафен и Брембо се првите добавувачи што објавија дека потпишале договори за системи на сопирачки брејк-бај-вајер. Хидрауликата што близу сто години се грижи за втората најосновна функција на секој автомобил, во иднина ќе биде заменета со електрика.
Начинот на работа на сопирачките не се смени многу во изминатите 100 години. Се сопира со притискање на педалата за сопирање. Главниот цилиндар ја потиснува течноста низ систем од цевки до клиповите во сопирачките клешти кај диск-сопирачките, односно до цилиндрите кај барабан-сопирачките. Течноста под притисок дејствува врз клиповите што понатаму ги притискаат облогите врз дисковите, односно ги шират облогите кај барабан-сопирачките.
Тоа е стандард уште од 1920-те години, кога Оги и Фред Дјузенберг вградија хидраулични сопирачки на сите четири тркала на својот Дјузенберг Модел А.
Сега е ред електронски компоненти што се контролираат прецизно преку компјутер да ја заменат едноставната хидраулика. Системот брејк-бај-вајер може да користи вештачка интелигенција и алгоритми, со цел да ја зголеми безбедноста, преку скусување на патот на сопирање и со сочувување на стабилноста на возилото во критична ситуација.
Системот Сензифај на Брембо треба да се појави в година, најави производителот. Брембо произведува сопирачки со високи перформанси за скапи спортски автомобили и тркачки болиди, како и за мотоцикли. Производителот сепак не го открива името на нарачателот, а не се знае ниту сегментот на возилото во коешто ќе дебитира револуционерната техника.
Германскиот добавувач ЗФ, што е прочуен по своите автоматски менувачи, исто така не го отрива името на првиот клиент за својот систем на електро-механички сопирачки ЕМБ. Вградувањето ќе почне во 2028 година.
Шефот на огранокот за шасија во ЗФ, Петер Холдман, уште на саемот ЦЕС во Лас Вегас во јануари го најави текот на настаните. Тој изјави пред новинарите дека договорот на ЗФ важи за 5 милиони возила да се опремат со ЕМБ. Од нив, 700.000 возила ќе бидат тешки пикапи.
Како работи брејк-бај-вајер
Постојат два вида на брејк-бај-вајер. Верзијата што датира од пред десет години и натаму користи хидраулика, меѓутоа за главниот цилиндар се грижи електроника. Таа одредува каква намера има возачот кога ја притиска педалата за сопирање.
Новата генерација што ја најавија Брембо и ЗФ е „сув“ систем. Хидрауличните клипови се заменети со електромотори, што притикаат врз сопирачките облоги.
Кај традиционалните системи, педалата е поврзана со главниот цилиндар и обично со засилувач што работи со вакуум. Системот ЕМБ на ЗФ е нешто сосем различно.
Педалата за сопирање е поврзана со електричен уред, што ги мери влезите параметри, како брзината и силината на притискање врз педалата.
„Симулатор на педала ја препознава намерата на возачот, преку одот и силата врз педалата, претворајќи ја во сигнал што потоа се обработува во централен компјутер,“ објаснува Диего Куси, главен инженер на ЗФ. „Тој сигнал понатаму се испраќа до четирите страни.“
Друга група сигнали покажува каков контакт имаат гумите со подлогата. Компјутерот може да одреди различен притисок во сопирачката во секое тркало, зависно од тоа каква е подлогата.
„Се чита сигналот од секое тркало и потоа електромоторот добива команда за да испорача одредена сила,“ објаснува Кузи.
Кога ќе се вклучи системот против блокирање на тркалата, возачот чувствува како педалата вибрира. Тоа ќе биде минато кај автомобилите со брејк-бај-вајер на сите тркала, затоа што електромоторите што ги притискаат сопирачките плочки врз дисковите не се поврзани со педалата.
Хибриден систем
Системот Сензифај на Брембо користи електронски компоненти на сите тркала, што укажува дека неговото прво вградување ќе биде веројатно во електрично возило.
Кај системот ЕМБ на ЗФ се користи комбинација од хидраулика за предните сопирачки – што преземаат најголем дел од енергијата при сопирањето – и електронски компоненти за задните сопирачки. Прескапо е возило со мотор со внатрешно согорување да се опреми со 12-волтен електричен систем, што има сигурен извор на напојување, што гарантира дека обичните електрични сопирачки ќе работат на сите четири тркала при откажување на елеткриката, кажува Кузи.
[the_ad id=”85764″]
ЕМБ-сопирачките се активираат побрзо од хидрауличните системи. „На врвните хидраулични системи им е потребно време додека ‘фатат’. Да речеме дека тоа време е 150 милисекинди. Кај ЕМБ тоа е многу побрзо“, кажува инженерот.
Бош има друг систем на брејк-бај-вајер, каде што задржуваат клиповите под дејство на хидраулика, но се користи брзо електронско активирање на главниот цилиндар, во којшто се создава притисокот во хидрауликата што дејствува врз сопирачките.
Постојат и други предности на системите брејк-бај-вајер, покрај тоа што работат побрзо. Кога ќе се активираат сопирачките, се создава феномен што се нарекува пренос на тежина. Носот на возилото станува потежок, а задните тркала го губат контактот со подлогата. Кај системите брејк-бај-вајер, посебно кога работат заедно со камери и вештачка интелигенција, далеку поефикасно се контролира трансферот на тежината и се задржува стабилноста при силно сопирање.
„Извршивме голем број студии, во коишто може Шевроле Сабурбан да се направи да сопира како Корвет,“ објаснува Дени Мило, виш потпретседател за развој на сопирачки во ЗФ. Возачите сепак сакаат во Сабурбан да се чувствуваат како во Сабурбан, и во Корвет како во Корвет.
„Но, при опасна ситуација, ако имате систем од камери за автономно возење, што ги активира сопирачките без возачот да притиска врз педалата, тогаш е многу добра работа да се има систем што е навистина брз,“ вели Мило.
Цена и тежина
Сопирачките клешти на системот ЕМБ што ЗФ го прикажа во своето седиште во Северна Америка, коешто е лоцирано во Ливониа, Мичиген, поголеми се и потешки од класична сопирачка клешта. Тоа главно се должи на двата електромотори што се поставени однадвор. Иако ЕМБ ќе биде поскап од хидрауличните системи, тој нуди и други предности покрај побезбедното сопирање.
Со овој систем станува непотребна мрежата од метални цевки што по подот ја доведуваат течноста за сопирачките до секое тркало. Со тоа ќе се поедностави монтажата и ќе се скусат трошоците. Системот на Брембо не користи ниту засилувач на силата на сопирање под дејство на вакуум, исто како и хидрауличен главен цилиндар, што ќе им заштеди пари на производителите на автомобили.
Сувите системи брејк-бај-вајер имаат и помала потреба од одржување. Кај нив не треба да се менува течноста. Постои веројатност дека и сопирачките плочки ќе траат подолго, а се смалува и потрошувачката на гориво. Кај хидрауличните сопирачки, плочките постојано се во слаб допир со дисковите, дури и кога не се притиска педалата. Кај електричните сопирачки, плочките се целосно одвоени.
















