Брембо го купи специјалистот за амортизери Олинс за 405 милиони долари

Брембо обезбеди стотици милиони евра готовина за преземањето на Олинс, преку продажбата на акциите во Пирели

Брембо го одобри купувањето на производителот на техника за суспензија Олинс Рејсинг за 405 милиони долари. Тоа е најголемото преземање во историјата на италијанскиот производител на системи за сопирање со високи перформанси.

Шведската компанија Олинс ќе биде преземена во целост од досегашниот сопственик Аполо Глобал Менаџмент, којшто е под контрола на добавувачот за автомобилската индустрија Тенеко, објави Брембо во соопштението од 11-ти октомври. Зделката ќе биде платена во готовина, стои во објавата.

Извршниот претседател на Брембо, Матео Тирабоши, вели дека Олинс е „силен спој“ и ќе помогне за компанијата да ја прошири својата понуда на автомобилскиот пазар.

„Со оваа зделка, напредувавме уште еден чекор во нашата стратегија, да им обезбедиме интегрирани интелигентни решенија на нашите клиенти, искористувајќи ја синергијата меѓу клучните технологии во автомобилскиот сектор,“ кажува Тирабоши.

Брембо е под контрола на италијанската фамилија Бомбасеи, којашто поседува околу 70 проценти од акциите. Во почетокот на месецов оттаму соопштија дека компанијата обезбедила над 280 милиони евра готовија, преку продажба на сиот свој пакет акции во висина од 5,6 проценти во производителот на гуми Пирели. Со тој потег воедно завршија и гласините за спојувањето меѓу двете италијански групации.

Во објавата исто така се наведува, дека Олинс Рејсинг се обврзува да развие нова генерација на технологија за мехатронска суспензија, наменета и за асфалт и за терен. Со тоа би се зајакнала „мисијата на Брембо да нуди решенија за мобилноста од иднината.“

Со очекуван промет од 144 милиони долари на завршетокот на годинава, Олинс Рејсинг произведува широка палета од производи, којашто вклучува амортизери, водилки за предна оска, амортизери за систем за управување, софтвер и алгоритми. Швеѓаните исто така испорачуваат во мотоспортот, меѓу другото за Формула 1 и за Мото ГП.

Групацијата вработува 500 лица во две фабрики, едната во Шведска, другата во Тајланд. Компанијата поседува и два центри за истражување и развој, како и четири центри за дистрибуција и тестирање, во САД, Германија, Тајланд и Шведска, соопштува Брембо.

„Здружувајќи ги силите со Брембо, со голема возбуда очекуваме да се отворат новите можности за напредок и да ги искористиме нашите сили и капацитети за да иновираме и да им понудиме уште повисока вредност на нашите клиенти и на вработените,“ вели Том Витеншлегер, извршен директор на Олинс Рејсинг.

Се очекува преземањето да биде завршено во почетокот на 2025 година.

Претходна објаваКабриолетот од Мерцедес ЦЛЕ повеќе е луксузна јахта отколку автомобил
Следна објаваКако Дачиа секогаш е чекор пред конкуренцијата што ја брка со ниски цени

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here