Шкода е на најдобар пат, повторно да биде „марка со еден милион автомобили“. Во минатата година, чешката марка на концернот Фолксваген испорача 926.567 возила, или за 6,9 проценти повеќе отколку во претходната година.
Шефот Клаус Целмер неодамна изјави за гласникот на германската автомобилска индустрија Аутомобилвохе: „Целта во следните три години ни е повторно да достигнеме еден милион. Тоа е звучна граница што сакаме да ја пробиеме, меѓу другото со цел да ги искористиме скалестите ефекти.“
Со најавените нови модели, овој звучен ѕид би можело да биде пробиен уште во текот на годинава. Доколку продажбата на Шкода во 2025 година продолжи да расте исто колку во 2024, производителот би ја завршил годинава со 990.500 возила. Станува напнато.
Оперативната добивка зголемена трипати
Според објавите на компанијата, 2024 беше „најдобра деловна година во историата“. Оперативната добивка изнесува 2,3 милијарди евра, што е за 30 проценти повеќе. Во споредба со 2020, оперативната добивка се зголемила трипати.
Порасна и маржата на 8,3 проценти. „Тоа ѝ овозможува на компанијата да ги совлада претстојните предизвици на засилена трасформација, од позиција на моќ“, стои во соопштението од Млада Болеслав.
Шефот Клаус Целмер го гледа успехот во широката понуда од модели. Чешкиот производител сака на купувачите да им препушти да изберат каков вид на погон тие сакаат. Бензин, дизел, благ и приклучен хибрид, целосно електричен погон. „Купувачот решава,“ гласи мантрата во седиштето на чешкиот производител.
Секако дека електромобилноста не смее да се занемари. Во 2027 година во понудата ќе се најдат четири електрични модели, покрај Ениак и Ениак Купе. Прв е на ред компактниот Елрок, по него следи малечкиот и најдостапен Епик, па модел со седум седишта и на крајот едно комби.
Според претходните објави, околу 70 проценти од продажбата на Шкода во 2030 година ќе им припаѓа на електричните модели. Но, за тоа решава купувачот. Покрај тоа, Млада Болеслав реши моделите со класичен погон – Фабиа, Скала и Камик – да ги произведува до завршетокот на десетлетиево.

По Ениак следи Елрок, по него следи Епик
По Ениак, следен нов е-модел е помалиот брат Елрок. Со ценовник што почнува од 33.900 евра во Германија, тој ќе биде мошне блиску до цената на модел со слични перформанси со мотор со внатрешно согорување.
„Во поглед на исплатливоста, одиме до граница на болка“, изјави Целмер во разговор за Аутомобилвохе. Во богато опремена изведба, Елрок би достигнал најмногу 45.000 евра.
Тоа што Шкода ја притиска цената колку може подолу, сепак нема да падне на грб на чешкиот производител, односно нема да се случи Шкода на крајот сама да плаќа за секој продаден Елрок. „Секој автомобил кај нас мора да биде исплатлив,“ објаснува Целмер. Според шефот, тоа се должи на поволните трошоци за производство во Млада Болеслав.
Епик ќе биде пандан на Фолксваген ИД.2. Наспроти тоа, Шкода нема да нуди еквивалент на Фолксваген ИД.1. Марките во концернот сепак не треба да си газат по нозе.
Шкода толку со својот прв електричен модел се најде на врвот на продажбата на е-модели во Германија. Во септември, октомври и ноември 2024, Ениак беше најпродаван електричен модел на големиот пазар. Во февруари, електричниот СУВ сепак падна на 4-то место, зад Фолксваген ИД.7, ИД.4 и ИД.3.
Целмер неодамна изјави дека Шкода е добро позициниорана со тековната понуда од модели. Но, уште еден е-модел би бил корисен. Тој цени дека за иднината одговарала Октавија со приклучен хибриден погон, а за понатаму би следела и електрична верзија, конструирана врз новата платформа ССП на концернот.
Помала добивка кај електричните автомобили
Електричните автомобили уште се далеку од профитабилноста што ја имаат моделите со класични мотори. Новиот Елрок со цената е блиску до споредлив Карок, меѓутоа маржата е значително пониска. „Моделите со мотор со внатрешно согорување се прилично над електричните возила“, кажа Целмер во предвечерието на објавувањето на финансиските резултати.
Неизвесно е дали во 2025 година повторно ќе се постигне маржа од преку осум проценти, имајќи ја предвид помалата маржа кај електричните модели. Целмер сепак очекува деценијава да ја заврши со маржа од 10 проценти.
За добрата маржа лани придонесе и програмата за штедење, којашто ѝ остави на чешката марка една милијарда евра повеќе во касата. Во следните години, Шкода во индиректниот круг на вработувања ќе скуси 15 проценти од персоналот. Останатите марки на концернот исто така воведоа програма за штедење, за да се подобри маржата.
Планот на Шкода е во иднина да постигне голем раст во Индија, за помалку да биде зависна од Европа. Индија веќе со години е големата надеж. Шкода бара партнер за заедничко вложување, со којшто ќе се прошири пазарот. Чешката марка е силна пред сé во Европа и во 2024 година се искачи на 4-то место на најголеми прозиводители во регионот. Намерата на Целмер е оваа зависност да ја сведе на најмала можна мера.
















