Киа се придружува во трката за достапен електричен автомобил

На денот посветен на електричните модели, Киа најави проширување на својата понуда од модели со погон на струја и влез во уште подостапните сегменти, со кросоверот ЕВ2 и со лимузината и комбилимузината ЕВ4. Истото важи и за ванот ПВ5, во изведба за превоз на патници и во доставна изведба.

Киа ја искористи пригодата при прикажувањето на малечкиот кросовер ЕВ2 и најави дека следи уште помал и подостапен електричен модел, што ќе го удвои растот во продажбата на електрични автомобили на јужнокорејскиот производител.

Извршниот директор на корпорацијата Киа, Хо Сунг Сонг, кажа дека на производителот на автомобили „дефинитивно“ му е потребно да понуди модел под ЕВ2 и дека е можно Киа уште в година да излезе со концептна верзија на идниот модел, што веројатно ќе ја носи ознаката ЕВ1.

Обраќајќи се пред инвеститорите и медиумите, Сонг на настанот што се одржа во Тарагона, Шпанија, кажа дека на компанијата ѝ е потребен достапен и основен модел за најширокиот пазар, што ќе придонесе Киа да ја достигне планираната продажба на 1,6 милион електрични возила во 2030 година.

Таков модел е мошне важен за европскиот пазар, каде што строгите норми за ограничување на емисијата условуваат производителите да ја зголемат продажбата на електрични возила. Идниот ЕВ1 е важен и поради притисокот што доаѓа од кинеските производители, што настапуваат со пониски цени.

Киа на настанот посветен на електричните модели ги прикажа сериските изведби на лимузината и комбилимузината ЕВ4, како модели од компакт класата, потоа електричниот ван ПВ5 и концептна изведба на идниот кросовер ЕВ2, којшто ќе конкурира во Б-СУВ сегментот.

Цената на ЕВ2 се очекува да стартува од околу 30.000 евра. Планираната годишна продажба изнесува 100.000 возила, од коишто главнината ќе биде продадена на пазарот во Европа. Компактниот ЕВ4 ќе почнува од околу 37.000 евра, со планирана продукција од 160.000 возила, од кои 80.000 примероци за пазарот во Европа, 50.000 возила за Северна Америка и 25.000 возила за домашниот пазар на Киа.

Доставниот модел ПВ5 ќе чини околу 35.000 евра. Киа планира до 2030 година да постигне продажба од 250.000 примероци од оваа серија модели, што ја нарекува Платформ Бејонд Виакл, односно доставни модели што користат иста платформа, со најразновидни каросериски форми што може да се изведат врз истата. Достапна во патничка и товарна изведба, оваа серија електрични модели ќе ги вклучува и идните ПВ7 и ПВ9.

Сонг кажа дека на Киа сепак ѝ е потребен подостапен модел, за да ги привлече купувачите што доаѓаат по првиот бран на ентузијасти за електрични возила.

„Интерно истражуваме каков ќе биде нашиот основен модел со електричен погон, покрај ЕВ2“, вели Сонг. „Можеби тоа ќе го покажеме на следниот Ден на ЕВ.“

Киа Концепт ЕВ2, прикажан на Денот на ЕВ на Киа во Тарагона, Шпанија, го најавува идниот малечок кросовер што ќе почне да се продава во Европа во 2026 година.

Киа не откри повеќе подробности околу новиот основен модел со електричен погон. Продажбата ќе стартува во 2026 година, со две големини на батерија. Стандардниот модел ќе располага со батерија ЛФП (литиум железо фосфат) со досег од најмалку 300 километри. Над него ќе биде позиционирана изведба со батерија никел-кобалт-манган, со досег од околу 450 километри, најави Киа.

Идниот малечок ЕВ ќе биде со големина слична на Пиканто, опремен со помала и подостапна баерија, со цена под 30.000 евра.

Продажбата на ЕВ на Киа во 2024 година порасна 10 проценти, на 201.000 возила. Вкупната продажба опадна за 0,1 процент, на 3,09 милиони возила. Планот е годинава да бидат продадени 250.000 електрични возила.

Целта е до 2030 година да биде постигната продажба од 1,6 милион ЕВ, од вкупно 4,3 возила со сите видови погон. Уделот на ЕВ во тој момент би изнесувал околу 30 проценти од вкупната продажба, најави Сонг.

Шефот планира да го постигне тоа со цела серија нови електрични модели, како ЕВ2, ЕВ3, ЕВ5 и ЕВ5. Киа до завршетокот на деценијава планира и 11 доставни возила, вклучувајќи ги ПВ5, ПВ7 и ПВ9.

Претходна објаваВо Мерцедес се почнува од лимузина: Новата генерација на ЦЛА имаше премиера во Рим
Следна објаваШкода имаше рекордна 2024, што ќе се случува годинава?

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here