БИД сака да пушти корени во Европа, продажбата во Германија не врви добро

Со Ато 2, БИД цели кон најголемиот сегмент на европскиот пазар, на малечките СУВ. Ато 2 во април ќе почне да се продава во е-изведба, понатаму следи хибрид.

Откако стана најголем производител на автомобили во Кина, БИД бара начини за тој успех да го повтори во Европа и да се впушти во директна борба против тукашните гиганти, од ковот на групацијата Фолксваген и Стелантис, но и против азиските соперници, како Тојота и Киа.

Но, на кинескиот производител му претстои тежок пат. Лани БИД продаде 49.984 возила во Европа, што беше исклучителен раст од 216 проценти. Но, тоа уште е многу далеку од кинескиот ривал, државниот производител на автомобили САИЦ, со својата марка МГ, којшто во Европа продаде 243.000 возила лани. Во Германија, продажбата во ’24 падна за 30 проценти, на 2.891 возило.

Стратегијата на БИД за Европа е да се постигне одржлив раст, преку локално производство на своите модели и преку проширување на продажната мрежа.

„Мораме да пуштиме корени тука,“ изјави Мариа Грациа Давино, една од главните директори на БИД во Европа.

Давино е одговорна за бизнисот на БИД во Германија, Швајцарија, Полска, Австрија и Чешка. Пред лани да почне да работи во БИД, италијанската менаџерка беше во концернот Стелантис, а пред тоа во Фиат Крајслер, уште од 2013 година.

Планот на БИД е да ја прошири својата продажна мрежа, открива Давино. Во Германија, бројот на дилери ќе се зголеми од сегашните 28 на 120, иако за тоа „треба да се мине уште долг пат“, затоа што компанијата прво мора да обезбеди цврста основа, кажува директорката.

БИД е фокусиран на локализација на производството во Европа и гради фабрики за монтажа во Унгарија и Турција, што заедно ќе располагаат со капацитет за производство на 500.000 возила годишно. Првата фабрика на БИД во Европа, што се наоѓа во Сегедин, Унгарија, ќе почне со производство во октомври. Втората фабрика, во Измир, Турција, првите возила ќе ги произведе во март 2026 година.

БИД ги цени двете фабрики како природна заштита од високите увозни царини што ЕУ ги воведе за електрични автомобили што се произведуваат во Кина. Во случајот на БИД, дополнителната царина изнесува 17 проценти, покрај постоечките 10 проценти за возила од Кина.

Кинескиот производител реагира и на забавената продажба на електрични авотмобили. БИД го повлече првичниот план за да продава само електрични автомобили во Европа и сега додава и модели со приклучен хибриден погон. Со нив се цели кон купувачите што се воздржани да купат целосно електричен автомоби, меѓутоа може да се одоброволат за приклучен хибриден погон.

Планот на БИД за годинава е да ја прошири понудата со четири модели.

Со Ато 2, што ќе се појави во европските салони во април, БИД цели кон најголемиот сегмент во Европа, а тоа се малечките СУВ-модели.

Видеото од тестот на БАИК У5 Плус

Претходна објаваДачиа Сандеро најпродаван модел во Европа во јануари
Следна објаваЕУ бара Индија да ги намали царините и да си отвори поголем пазар за автомобилите

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here