Кинеските производители се префрлуваат на хибриди, откако ЕУ воведе казнени царини за електричните автомобили

БИД ги напаѓа Тојота и Фолксваген со својот прв модел со приклучен хибриден погон што го нуди во Европа, со име Сил Ју ДМ-и.

Најновите царини за електрични возила со коишто ЕУ сака да ја заштити својата индустрија од напливот од кинески автомобили, не ги опфаќаат автомобилите со хибриден погон. Тоа остава простор за моќните марки, како водечкиот кинески производител на електрични автомобили БИД, да продолжи со своето ширење во Европа, преку хибридни автомобили, кажуваат аналитичари.

Некои производители исто така се префрлуваат на производство и монтажа во Европа, со цел да ги скусат трошоците и да ги избегнат царините.

Аналитичарот на Каунтерпоинт Рисерч, Муртуза Али, очекува извозот на хибриди во Европа годинава да постигне раст од 20 проценти, за в година да следи уште посилен раст.

Царините на ЕУ што достигнуваат 45,3 проценти за увозот на ЕВ од Кина, почнаа да се применуваат кон завршетокот на октомври. Целта е на тој начин да се делува против недозволиво високите субвенции според Комисијата на ЕУ, што помогнаа Кина да создаде дополнителен капацитет за производство на 3 милиони електрични автомобили годишно. Тоа е двојно повеќе од големината на пазарот за електрични автомобили во ЕУ.

Истрагите на Европската Комисија околу увозот на електрични автомобили од Кина, коишто започнаа во октомври 2023 година, и забавената продажба на возила во Кина, поради економското слабеење во земјата, доведоа до тоа некои од производителите да ја сменат својата стратегија за Европа и да се префрлат на извоз на хибриди, покажуваат податоците.

Хибридите освојуваат симпатии како компромис

Хибридните автомобили, што користат комбинација од бензински и електричен погон, добиваат на популарност затоа што купувачите во нив гледаат достапен компромис меѓу обичен бензинец и целосно електричен автомобил.

Од јули до октомври, извозот на хибриди во Европа се зголеми за повеќе од трипати во споредба со истиот период лани, на 65.800 возила. Со тоа се смени опаѓачкиот тренд во првото полугодие и во минатата година, покажуваат податоците од кинеското здружение за патнички автомобили.

Тоа помогна за извозот на приклучни хибриди и класични хибриди во третото тромесечје за учествува со 18 проценти во вкупната продажба во Европа на автомобили од Кина. Во првите три месеци, уделот беше 9 проценти. Уделот на електричните возила во истиот период, сепак се смали од 62 на 58 проценти.

Се верува дека тој тренд ќе продолжи да се засилува.

Кина лани ја престигна Јапонија како најголем извозник на автомобили во светот, благодарение на својата превласт меѓу електричните возила. Земјата го засилува извозот затоа што мора да го реши проблемот со вишокот капацитети дома, напоменуваат аналитичарите.

Ако се земе предвид дека САД и Канада применуваат царинска стапка од 100 проценти за увоз на електрични автомобили од Кина, јасно е зошто кинеските производители на автомобили се трудат толку околу европскиот пазар.

Закана за пазарот на приклучни хибриди во Европа

Најголемите кинески производители на автомобили можат да се вмешаат на европскиот пазар на приклучни хибриди, каде што владеат европски и јапонски марки.

Тигуан е најпродаваниот приклучен хибрид на Фолксваген

БИД со својот прв модел со приклучен хибриден погон што го нуди во Европа, Сил Ју ДМ-и, им се спротивставува на концернот Фолксваген и на Тојота.

Моделот има цена од 35.900 евра, што е за 700 евра под најпродаваниот приклучен хибрид на ФВ, компактниот СУВ-модел Тигуан и за 10 проценти е под цената на Тојота Ц-ХР ПХЕВ.

БИД размислува и околу можноста за електрични автомобили и хибриди да се произведуваат во новата фабрика во Унгарија.

„Сегментот може да отвори поголем потенцијал за раст, откако кинеските производители почнаа да носат подостапни модели во Европа, којшто се привлечни за купувачите што внимаваат околу цената“, кажува Јејл Жанг, директор во Аутомотив Форсајт.

САИЦ, за чијшто ЕВ важат највисоки царински стапки во ЕУ, во висина од 35,3 проценти, соопшти дека планира во Европа да понуди модели со различни видови погон. Нивната марка МГ е најпродавана кинеска марка во Европа.

Џили, втор по бројот на произведени автомобили, во минатиот месец во Европа лансираше нов приклучен хибрид од својата марка Линк и Ко. Оваа марка, патем, којашто подолго време е присутна на автомобилската сцена, веќе почна со активности на македонскиот пазар и наскоро се очекува моделот со приклучен хибриден погон да доживее премиера.

Јапонските производители исто така користат придобивки од зголемената побарувачка за класични хибриди во текот на годинава и со тоа ги надминуваат проблемите со својот вишок капацитети во Кина.

Хонда, со раст од 29 проценти во продажбата на возила во Кина во првите девет месеци од годинава, од Кина извезува во Европа два класични хибриди, еден приклучен хибрид и еден целосно електричен модел.

Имајќи предвид дека растечкиот извоз од Кина може да потикне пожестока конкурентска битка со цените на европскиот пазар на хибридни автомобили, некои експерти предупредуваат дека кинеските фирми веројатно ќе настапуваат повнимателно, за да избегнат воведување високи царини за хибридните модели.

„Доколку БИД го донесе Кин Плус во Европа со цена под 20.000 евра, сигурен сум дека тоа ќе предизвика уште еден земјотрес,“ кажува Жанг за лимузината со хибриден погон.

Видеото од тестот на Фортинг Т5 Ево со оригинално изведен хибриден погон

Претходна објаваМерцедес ќе користи автопилот од Момента, го забрзува враќањето во Кина
Следна објаваАвстралија бара посебна дозвола за суперспортски автомобили, казните се мошне строги

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here