Штутгарт планира нови вложувања во Кина и најмалку четири идни модели што ќе го користат софтверот за самостојно управување на кинескиот стартап. Тоа го кажуваат три извори што се упатени во тамошните случувања.
Плановите коишто не се објавени досега, се однесуваат на компанијата за развој на софтвер за автономно возење Момента, којашто ќе биде првиот кинески добавувач на Мерцедес, што е избран за главен снабдувач со важна технологија.
Соработката со Момента воедно ќе биде продажен аргумент за моделите на Мерцедес, во време кога жестоката конкуренција и технолошките иновации во Кина бараат производителите на автомобили од западот да ги сменат своите стратегии за изборот на добавувачи.
Германскиот производител вложува во Момента уште од 2017 година, но двете компании досега немаат објавено дека заеднички развиваат производи.
Во меѓувреме, кинеската компанија прерасна во еден од главните снабдувачи во Кина со напредни системи за асистирано возење (АДАС), што се слични со системот за самостојно управување на Тесла. Тој систем овозможува возилото да се движи автоматски во градски сообраќај, со нагледување од возачот.
Мерцедес има намера да вложи нови 75 милиони долари во Момента и во иднина може дополнително да ги зголеми своите вложувања, како клучен инвеститор, кога Момента во првото тромесечје од 2025 година ќе понуди акции во компанијата на јавно наддавање, кажуваат изворите.
Момента е избрана за главен снабдувач со АДАС за четирите модели што ќе бидат пуштени во продажба во Кина од 2025 до 2027 година. Се размислува дали софтверот во Момента да се користи и во моделите за кинескиот пазар по 2027 година, додава еден од изворите.
Се работи и на плановите за технологијата на кинескиот добавувач со софтвер да се користи за модели на Мерцедес што ќе се продаваат надвор од Кина.
Мерцедес и Момента немаат излезено со коментар за објавите.
Мерцедес и Нвидиа работат на самостојно управување
Мерцедес на тема АДАС има партнерство и со производителот на чипови за вештачка интелигенција од САД, Нвидиа, како дел од соработката што беше објавена во 2020 година. Двете компании тогаш соопштија дека ќе развиваат возила на Мерцедес со функции за самостојно управување што ќе можат да се надградуваат со текот на времето. За производи од оваа соработка уште не е јавено.
Мерцедес се вклучува во трката со електрични возила и со софтвер за самостојно управување во Кина, каде што водат Тесла, Нио и Шаоми.
Годинава само 3 проценти од вкупната продажба на Мерцедес од 443.764 возила на Мерцедес во Кина се електрични автомобили. Тоа е една десетина од продажбата што ја постигнува Нио.
Производителите во Кина се посветени на трката со автономното возење. БИД вработува десетици илјади инженери, за да го засили сопствениот развој на таков софтвер.
Нио, Експенг и Шаоми развиваат сопствени чипови за АДАС што ќе овозможат нивните ЕВ да постигнат подобри перформанси на автономното возење.
Трендот им помогна на кинеските добавувачи со АДАС, како Момента, Хуавеј и Дипрут.аи, за брзо да привлечат клиенти меѓу производителите на автомобили и да договорат нивните системи да се вградуваат во повеќе модели.
Меѓу клиентите на Момента се БИД, САИЦ (МГ) и Ауди во Кина.
Најголем инвеститор од автомобилската бранша во Момента е кинески САИЦ (со марката МГ), додека Џенерал Моторс и Тојота се јавуваат како подржувачи.
Џенерал Моторс во август доби добрение да тестира електирчни авотмобили со систем за автономно возење во одредени подрачја во Шангај, со користење на технологијата на Момента.
















