Производителите на автомобили во Кина бараат излез од жестоката ценовна војна и од недоволно искористените фабрики, во соединување.
Локални медиуми известуваат дека двата производители на автомобили, Донгфенг и Чанган, коишто се во државна сопственост, отпочнале преговори, со план да се реструктурираат во заеднички концерн. Намерата е да се приклучат и останатите компании што се под контрола на државата.
Донгфенг во изминатата година продаде близу 2,5 милиони автомобили, додека Чанган постигна 2,7 милиони продажби. Голем дел од тоа отпаѓа на продукција на возила во заеднички проекти со странски производители. Донгфенг работи со Нисан, Хонда и Пежо-Ситроен, додека Чанган соработува со Форд и Мазда.
Новиот концерн ќе биде поголем од БИД
Новиот концерн би располагал со продажба од преку 5,1 милион автомобили и со тоа би бил поголем од сегашниот водач на пазарот во Кина, БИД. Тоа ќе има влијание и врз светскиот пазар, иако останува голем заостаток зад тешката категорија, во којашто спаѓаат Тојота и Фолксваген. Во 2023 година, концернот Стелантис, со марките околу Фиат и Пежо, продаде 6,4 милиони автомобили, додека на Џенерал Моторс му припадна шестото место со 4,9 милиони автомобили.
Донгфенг и Чанган во минатите години ставаа далеку помалку нагласок на електричните возила, отколку што тоа е случај кај БИД. Електричните автомобили сепак постигнуваат огромен раст на пазарот во Кина.
Експертите очекуваат здружувања
Производителите се соочуваат со недоволно искористени фабрики, што понатаму доведе до жестока војна со цените. Експертите предвидуваат дека нема сите производители да преживеат и дека во следните години ќе се случува низа здружувања. Поради тоа, производителите сакаат да се впуштат на извозните пазари, но најголемите пазари, како САД и ЕУ, кочат со високи царини, со цел да си ја заштитат сопствената индустрија.
Кинеските прозиводители и покрај тоа, продолжуваат да притискаат на европскиот пазар. Нивниот успех засега се држи во граници, но тоа може да се смени во следните години, со електрични автомобили со достапна цена.
















