Сузуки Џимни доби изведба со 5 врати, прво во Јапонија

Сузуки го најави почетокот на продажбата на изведбата на Џимни со пет врати на домашниот пазар на 3-ти април. Моделот со пет врати ја носи ознаката Номад и се произведува покрај класичната изведба во фабриката на Сузуки во Индија.

Јапонската марка што го носи истиот знак како Супермен, првпат ја прикажа изведбата на Џимни со пет врати како концептен автомобил на салонот во Индија во 2023 година.

Џимни Номад ќе се извезува од фабриката во Гуруграм на близу 100 пазари ширум светот. Малечкиот теренец на Сузуки во сите свои генерации од 1970-те години наваму се докажуваше како способен автомобил за возење во предизвикувачки услови на терен и тоа му даде бескласност и безвременост.

Во тековната генерација, Сузуки примени стил сличен на класичарите, на Г-Класа и на стариот Дефендер, што наиде на одушевување на пазарот. Тоа го претвори Џимни во трендовски автомобил што се вклопува во уличната слика.

Соединување на каросеријата со шасијата, најкласична конструкција што и натаму е ненадмината на терен

Фактот што тоа е веќе втор СУВ-модел што од Индија се испорачува за јапонскиот пазар, претставува уверливо признание во квалитетот на изработката на возила во фабриката на Марути Сузуки, од каде што лани беа извезени преку 320.000 автомобили. Освен Џимни со 5 врати, во Јапонија се извезува и Фронкс.

Сузуки Џимни се извезува насекаде, во Мексико, Австралија, Јужна Африка

Малечкиот, но цврст теренец на Сузуки влече корени од пред повеќе од 50 години. Досега се продадени преку 3,5 милиони примероци, во 199 држави и региони.

Во споредба со изведбата со три врати, меѓуоскиното растојание е продолжено, на задната клупа се добива пристојна понуда од простор, задните врати се широки. Багажникот исто така нуди повеќе простор. Палетата од бои за Номад е проширена со две бои, црвена и металик сина со бисерен ефект.

На контрола пред да излезе од фабриката на Марути Сузуки

Погонот на сите тркала е стандард, моторот е истиот од стандардниот Џимни, што значи атмосферски 1,5-литарец со 102 КС.

Иако со 5 врати, Џимни ја задржува својата втора најсилна страна, што пак се поврзува со супериорноста на терен, а тоа се компактните димензии. Петвратниот Џимни е долг 3,89 метри, односно има 34 сантиметри екстра во споредба со класичната изведба.

Целата таа дополнителна должина отпаѓа на зголеменото меѓуоскиното растојание, што според мери 2,59 метри. Јапонците наведуваат и податок дека задната клупа е поместена 11,5 сантиметри поназад. Тежината порасна за точно сто килограми.

За најави за македонскиот пазар уште е рано, моделот со 3 врати постигна одлична продажба и кај нас. Ценовникот за Џимни со 3 врати почнува од околу 23.000 евра.

Претходна објаваЛексус со новата изведба ги инспирира возачите да излезат на терен
Следна објаваДонгфенг и Чанган пред соединување, заедно поголеми од БИД

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here