Важни премиери од Suzuki на салонот на автомобили во Делхи, Индија. Прво беше претставен концептот eVX, како најава за електричниот модел за 2025 година. Денес следи уште една премиера, поточно две: Верзијата на Suzuki Jimny со 5 врати и нов СУВ-модел Fronx.
Maruti Suzuki, огранокот на јапонската компанија во Индија, уште годинава ќе ги пушти во продажба новиот Jimny во продолжената изведбата со 5 врати, како и новиот СУВ-модел Fronx. Со тоа се проширува СУВ-гамата на Suzuki во Индија на четири модели, во чекор со големиот раст во продажбата на автомобили во земјата.
Со продолжената изведба на Jimny се проширува кругот на купувачи, односно се цели на компании што имаат потреба од способно теренско возило, превоз на патници или товар до тешко достапни места. Секако дека дополнителниот простор му дава и привлечност на Jimny како семеен модел, со простор за децата и за багаж.
Петвратниот Jimny ќе се продава прво во Индија, а потоа ќе следи извоз на глобалните пазари на Suzuki. Сигурни пазари на коишто прво ќе се извезува новиот Jimny се Африка и Латинска Америка. ЕУ веројатно нема да го добие новиот модел, поради лимитот од 95 грами СО2 што го поставува Унијата, но затоа има изгледи Jimny 5-door да се најде во македонскиот ценовник на увозникот Миркат, каде што и класичниот модел со 3 врати остана во редовна понуда.
Малечкиот Jimny е „голем“ теренец. Каросеријата се потпира врз цврста носечка рамка, задната оска е крута, што значи дека може да постигнува многу поголем агол на закосување во спроедба со задна оска со независно водење. Погонот на сите тркала Allgrip Pro се разликува од оној во Vitara, меѓу другото и со можноста да се вклучи редукција. И традицијата е долга, моделското име Jimny постои во понудата на Suzuki уште од 1970 година.
Од теренските својства, со продолжувањето на меѓуоскиното растојание се менува единствено аголот на рампа. Тој изнесува 24 степени, во комбинација со клиренс од 210 mm.
Правиот агол што го сочинува рамната арматурна табла и средишната конзола има и практична функција. Овие правилни форми помагаат возачот да има точна претстава за аголот под којшто во моментот е наведнато возилото.
Моторот е ист како во Jimny 3-door, односно тоа е 1,5-литарец со 105 КС при 6.000 вртежи во минута и вртежен момент од 134,2 Nm при 4.000 вртежи.
Каросеријата е долга 3.985 mm (изведба со 3 врати: 3.480 mm, +505 mm), широка 1.645 mm и висока 1.720 mm. Меѓуоскиното растојание е продолжено на 2.590 mm (2.250 mm, +340 mm). Багажникот располага со зафатнина од 208 литри (со 3 врати: 85 литри), односно 332 литри со соборена задна клупа, сметајќи до долниот раб на прозорците.
Suzuki Fronx