Салоните на Јeep почнуваат да примаат нарачки за првиот целосно електричен модел на американската теренска марка, за компактниот СУВ-модел Avenger. На одредени пазари, моделот по којшто ќе следат и верзии на Fiat и Alfa Romeo, ќе биде достапен и со класични мотори. Аутомобиле СК веќе го најавува новиот модел.
Електричниот СУВ на Jeep е меѓу седумте финалисти во изборот на автомобил на Европа за 2023 година. Утре на 13-ти јануари, од авто салонот во Брисел ќе биде прогласено дали Avenger ќе ја понесе најпрестижната европска титула. Ова е првпат, Jeep да се најде меѓу финалистите во изборот.
Увозникот Аутомобиле СК веќе почна со најави за моделот, иако засега недостигаат цените и точниот почеток на продажбата. Потврдено е дека на македонскиот пазар ќе се продава и бензинската изведба. За нивоата на опременост и за цените на одделните моделски изведби во објавата ќе се раководиме според ценовникот во Италија.
Гамата се состои од четири нивоа на опрема – Avenger, Longitude, Altitude и Summit. Поважно од опременоста, секако е досегот со електричниот погон. Според светската норма, Jeep на струја постигнува досег до 400 километри. Само во град, автономијата изнесува 550 километри, меѓу другото и поради честото запирање, при што се надоместува дел од енергијата. При користење брз полнач, енергија за 30 km пат се полни за три минути.
Jeep ги цени предностите на Avenger во компактните, во спој со напредна технологија. Европа е главен пазар за електричниот модел, па затоа се внимавало на посебните барања и желби на тукашните возачки и возачи.
Каросеријата поседува заштита од излети на терен и од блиски средби во градското секојдневие. Заштитата на подвозјето напред и назад е изработена од бојадисан полимер. Тоа значи дека штетата нема да се познава, затоа што плочите не се лакирани или обложени.
Со должина од 4,08 метри, Avenger e најмалиот Jeep во којшто собира петмина патници
Внатрешноста располага со прегради со вкупна зафатнина од 34 литри. Багажникот со 380 литри во бензинската и 355 литри во електричната изведба е дури и повеќе од очекуваното. Отворот на багажникот е широк над 1 метар.
Дигитални инструменти од 10,25 инчи доаѓаат во комбинација со инфо-забавен систем Uconnect со истата големина. Преку мобилна апликација ќе може оддалеку да се провери колку батеријата се наполнила во меѓувреме, а секако дека може и да се вклучи климатизациајта, за кабината со време да се загрее или излади.
Стандардната опрема вклучува напредна контрола на тракција Selec-Terrain, како техника што е преземена од регалот на коцернот. Растојанието од подлогата изнесува 200 милиметри.
Основното ниво Avenger располага со црни челични тркала од 16 инчи, целосно диодни предни светла, темпомат, систем за задржување во лента, радио со дисплеј од 10,25 инчи и дигитални инструменти од 7 инчи. Електричната верзија на Jeep Avenger дополнително располага со автоматска клима, контрола на тракција Selec-Terrain и онлајн услуги.
Понудата на македонскиот пазар веројатно ќе почнува од второто ниво Longitude, што значи дека Avenger дополнително ќе располага со алу-тркала, сиви заштитни плочи за подвозјето, бојадисани рачки на вратите. Електричниот модел ќе располага и со задни паркинг сензори.
Има новини во дополнителната опрема, заради поедноставување на конфигурирањето. За сите нивоа на опрема, освен за основното, може да се додадат дополнителни пакети: Инфо забава и функционалност, системи за асистенција, стил и комфор.
Во Италија, електричната верзија стартува од 35.400 евра, додека најопремената изведба чини 42.900 евра. Бензинскиот Jeep Avenger, со 1,2-литарец со 100 КС, почнува од 23.300 евра во нивото Longitude, што е под цената на Renegade, којшто останува во понудата.
Како почеток на испораката за Италија се наведува вториот квартал годинава, за македонскиот пазар чекаме да објави Аутомобиле СК.