за

Единствен германски производител: Сите назад, само Porsche во плус

Porsche е единствен германски производител што во минатата година ја зголемил продажбата. Еден модел напредувал најмногу.

Светото германско тројство на премиум марки – Mercedes, Audi, BMW, сите во минатата година продадоа помалку возила, поради недостигот од чипови и поради мерките против ковид во Кина. Единствено Porsche е во плус.

Производителот на спортски автомобили и покрај сите пречки успеа да продаде повеќе возила. Во 2022 година се продадени вкупно 309.884 возила или за три проценти повеќе од претходната година. Не само што продажбата порасна, туку и достигна нов рекорд. „Porsche е поставен врз цврсти темели. Врз тие темели градиме“, изјави директорот за продажба Детлев фон Платен.

Најпродаван модел во минатата година бил Cayenne со 95.604 единици (2021: 83.071). Тоа го приближи луксузниот СУВ до малиот брат Macan, којшто обично ја предводеше продажбата. Macan лани достигнал 86.724 примероци, нешто помалку отколку преклани, кога имаше 88.362 продажби.

Продолжува да напредува пра-моделот 911. Со продадени 40.410 продадени примероци, купето и кабриолетот напредувале за 5% во споредба со 2021 година.

Најголемиот напредок сепак го постигна еден модел што во минатите години честопати остануваше во сенка. Спортската лимузина Panamera освои 34.142 клиенти, што претставува раст од 13 проценти.

Наспроти тоа, забележливо е назадувањето на единствениот чисто електричен модел Taycan. Porsche лани продал 34.801 примероци од оваа моделска серија ширум светот – тоа претстаува минус од 16 проценти. Моделот што во меѓувреме двапати се има појавено на традиционалната Porsche Experience Tour во Македонија, се соочуваше со проблеми во испораките на компоненти од добавувачите. За високата побарувачка за електирчниот модел сведочи тоа што книгите со нарачки и натаму се полни.

Од моделите 718 Boxster и 718 Cayman се испорачани 18.203 приимероци. Кај нив исто така има мало назадување во споредба со преклани, кога продажбата им достигна 20.502 возила.

По региони, Европа е силна со 62.685 продадени возила (+7%). Само домашниот пазар во Германија учествува со 29.512 возила Porsche (+3%). ВО Северна Америка се испорачани 79.260 возила, што е исто ниво како во 2021 година. Недостигаат уште 1.000 примероци – коишто потонаа со бродот Felicity Ace, на пат кон Америка.

Кина е најголем единечен пазар, со 93.286 возила (-3%). Малиот пад се должи на проблемите со пандемијата.

Акциите на Porsche од септември котираат на берзата. За инвеститорите да останат во добро расположение, компанијата мора да постигне висока доходовност. Годинава се очекува таа да се движи меѓу 17 и 18 проценти. Директорот за финансии Луц Мешке на подолг рок цели на над 20 проценти.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes ќе ја менува ознаката EQ за своите електрични модели

Jeep почнува со нарачки за новиот Avenger, прв на струја