Работниците во фабриката на Tesla во Гринхајде, во близина на Берлин, се жалат дека се преоптоварени, што го загрижува синдикатот ИГ Метал. Покрај тоа, вработените се загрижени и за еден оглас за работно место што го распишала компанијата.
ИГ Метал е загрижен околу условите за работа во фабриката за електрични автомобили на Tesla во Гринхајде, на 40 километри оддалеченост од Берлин. Вработените се жалат до синдикатот дека им е мачно работењето во смени, дека често работат за време на викедите, во целина се жалат дека работата им е премногу заморна, а исто така недостига и повеќе персонал.
Вработените при потпишувањето на договорот за работа морале да потпишат и изјава за чување тајни податоци. Во нивното работно секојдневие, постојано им било укажувано на тоа дека го потпишале договорот, за интерните податоци и информации да не излегуваат од компанијата.
Тоа внесува несигурност меѓу вработените, кои се колебаат дали воопшто им е дозволено да зборуваат за договорите што ги потпишале. „Самото тоа што се поставуваат такви прашања, не ни е познато кај останатите компании, во таква форма и толку зачестено“, коментираат од синдикатот ИГ Метал.
Еден оглас за работно место внесува вознемиреност меѓу вработените
Синдикатот јавува и за распишаниот конкурс за работно место на истражител за безбедност на податоци (Security Intelligence Investigator), што повлекува бројни прашања кај вработените. „Вие ќе спроведувате проактивни, како и реактивни истраги и активно ќе постапувате против интерни и екстерни закани за заштитените и доверливи информации за Tesla“, пишува во описот на работното место во компанијата. Вработените се прашуваат, што точно треба да биде предмет на истрага и дали тие самите ќе се најдат под лупата на истражителот.