Организацијата Еуро НЦАП секоја година ги издвојува автомобилите што постигнале највисоки оцени при тестирањето на безбедноста. Најголемото изненадување годинава го приредува Ora Funky Cat, автомобил од истиот концерн со СУВ-марката Haval.
Меѓу најбезбедните нови модели на автомобили што конзорциумот Еуро НЦАП ги тестираше лани се вбројува еден автомобил од Кина. Поточно, два автомобили, и двата од истиот концерн, од Great Wall Motor. Автомобилите од кинескиот концерн во последниве години го привлекоа вниманието и на македонската сцена, прво со големиот СУВ-модел Haval H6, потоа и со компактниот Haval Jolion.
Строгите и темелни проверки на безбедноста на Еуро НЦАП, освен тестови на каросериската структура и на делотворноста на воздушните перници, опфаќаат и проверка на работата на системите за асистенција, на техниката што има задача да го спречи настанувањето на самиот судир. Според тие тестови, најбезбеден од сите модели во градската класа, се покажа Ora Funky Cat. Во класата на големи СУВ-модели, најдобро е оценет Wey Coffee 1, исто така од концернот Great Wall Motor.
До пред десетина години, автомобилите од кинеските марки не минуваа најдобро на краш-тестовите. Но, нештата во меѓувреме се сменија од корен.
Од Еуро НЦАП коментираат: „По неуспешните обиди во минатото да се пробијат на европскиот пазар, некои производители докажуваат дека кинеските марки денес можат во безбедноста да се натпреваруваат со добро познатите европски марки.“ Во описот на Ora Funky Cat се наведува и дека опременоста е исклучително богата и дека на врвот на својата класа, тој престигнал неколку докажани брендови.
Вториот најдобро пласиран модел во својата класа е големиот WEY Coffee 01. За споредба, неговите резултати на краш тестот на Еуро НЦАП се подобри дури и од Lexus RX, којшто се најде на второто место.