за

Mazda му најде место на ванкел моторот и во електро-ерата

Новата погонска изведба на Mazda MX-30 прво вози 85 километри на струја, а потоа се вклучува ванкелот и произведува струја за електромоторот.

Ванкел-моторот, заштитниот знак и на RX-8 и на целата марка Mazda, добива нова шанса во времето кога електромоторите стануваат стандард во погонот на автомобилите. За разлика од порано, ванкелот во новата верзија на Mazda MX-30 не го движи возилото, туку служи само како генератор на струја. Ова ќе им се допаѓа на познавачите на техниката.

Европа досега можеше да ѝ се одушевува на Mazda MX-30 „само“ поради изгледот и поради функционалноста на задните врати што се отвораат наназад. Електричниот погон не му беше најсилна страна на компактниот кросовер, затоа што досегот од околу 200 километри сепак е недоволен за поголем успех на европскиот пазар. Наспроти тоа, во Јапонија се нудеше верзија со благ хибриден погон, додека европските купувачи ја имаа на располагање само електричната верзија.

Сега нештата се менуваат драстично, затоа што инженерите на Mazda му осмислија нова задача на традиционалниот ванкел мотор. „Традиционално“, тука има само условно значење, затоа што се работи за комплетно нова конструкција на ванкел моторот. Голема е разликата: Додека клиповите во класичните мотори се движат горе-долу, и поврзани се со коленасто вратило, преку клипница што линиското движење на клиповите го претвора во ротирачко движење, кај ванкел моторот нема клипница, туку има еден клип во приближно триаглеста форма, што ротира во цилиндар со посебна форма.

Тоа овозможува ванкел моторот да биде компактен, лесен, едноставен, со незначителни вибрации. Но, проблемот е што ванкелот троши повеќе од класичен четиритактен мотор и издувот не може да биде толку чист. Затоа ванкелот мораше да си замине од своето почесно место во Mazda. Сепак има спас, затоа што ванкелот пак може да биде примерно чист за животната средина, ако се конструира да биде помал – и со нова задача.

Место да служи за погон на MX-30, ванкелот тука служи како генератор. Новата погонска верзија на моделот се води како Mazda MX-30 E-Skyactiv R-EV. Не постои друг мотор, покрај ванкелот и погонскиот електромотор. Погонот во принцип е приклучен хибрид. Батеријата со големина од 17,8 kWh располага со енергија за електромоторот да го напојува за 85 километри пат.

New item by Automedia MK / Google Photos

Кога батеријата ќе се испразни – или секогаш кога тоа ќе го посака возачката или возачот – тогаш стапува на сцена ванкелот. Тој го троши бензинот од резервоарот од 50 литри и при својата работа произведува електрична енергија за напојување на електромоторот. Со потрошувачка од околу 7 литри бензин на сто километри, потоа може да се вози уште близу 500 километри.

Ванкелот е едноцилиндарски, со зафатнина од 830 сантиметри кубни. Тоа одговара на класичен мотор од 1.660 сантиметри. Последната Mazda MX-8 имаше двоцилиндарски ванкел, со „класична“ зафатнина од 2,6 литри. Моќноста е 55 kW, односно 74 КС при 4.700 вртежи во минута, максималниот вртежен момент е 116 Nm при 4.000 вртежи. Тоа се нерелевалтни податоци за погонот, затоа што ванкелот функционира единствено како генератор на струја за електромоторот.

New item by Automedia MK / Google Photos

Погонот е задача на електромоторот со моќност од 125 kW, што одговара на 170 КС, а максималниот вртежен момент е 260 Nm. Забрзувањето до темпо сто трае 9,1 секунди, крајната брзина е ограничена на 140 km/h. Тежината на празно возило изнесува 1.778 килограми. При користење полнач од 11 kW, батеријата се полни од 20 до 80% за 50 минути, додека со брз полнач со еднонасочна струја, се чека само 25 минути.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ora Funky Cat на краш-тест: Од Кина, безбеден, на струја

Jeep првпат во финале и веднаш титула на автомобил на годината за Avenger