Ситроен Ц3 Еркрос на прво возење во Шпанија · Со место за многу обожуватели

Исто како претходно со Ц3, Ситроен со овој Ц3 Еркрос почнува ново поглавје, коешто ниту една нишка не го поврзува со претходниците, иако тие се големи имиња на автомобилската сцена, како самиот Еркрос од првата генерација од 2017 година, па и Ц3 Пикасо пред него. Тоа што го прави Ситроен со фамилијата Ц3 е воедно и ново поглавје за целата европска бранша. Новиот Ц3 Еркрос не е само продолжена изведба на Ц3, туку е сосем различен модел. Прво возење на првиот Еркрос од новата генерација во Шпанија.

Човекот што го раководеше развојот на Ц3 Еркрос, Тиери Бланшар, ја објаснува целата смисла на моделот во две реченици: „Новиот Ситроен Ц3 Еркрос е дизајниран да биде компатибилен со седум патници во кабината. А, кога ќе дизајнирате силуета што е доволно просторна за седуммина, неизбежно е изведбата со 5-седишта да биде на врвот, во поглед на просторот во вториот ред и во зафатнината на багажникот.“

Разликата меѓу Ц3 и Ц3 Еркрос не е само во тоа што вториов е подолг за 38 сантиметри, и со тоа се создало повеќе простор во каросеријата, за да може да се додаде трет ред седишта и тоа да се продава како седумсед, туку има уште бројни подваријанти.

Помалиот Еркрос – затоа што наскоро доаѓа сосем нов Ц5 Еркрос – може да се нарача во изведба со 5 седишта, или во гласно најавуваната изведба со 7 седишта. Освен бројот на седишта, се разликува и поставеноста на вториот ред седишта. Кај изведбата со 5 седишта, задната клупа е поставена 65 милиметри поназад во споредба со стандардниот Ц3. Толку се добива и повеќе простор за колената. Луксуз. За уште повеќе да се ужива во тој простор, потпирачот за грб може да се врати 65 милиметри наназад и да се залегне.

Наспроти првичните претпоставки, Ситроен Ц3 Еркрос не е само продолжена изведба на Ц3, туку е сосем различен модел, токму СУВ, со поголем клиренс, поширока трага и повисоко седење

Не мора да биде седумсед, доволно е тоа што на задната клупа се добива простор како во средна класа

Наспроти тоа, средната клупа кај седумседот е исто толку оддалечена од предните седишта, како кај стандардниот Ц3. Со тоа се обезбедува фер распоред на просторот меѓу патниците во вториот и во третиот ред.

Според тоа, Ц3 Еркрос не е само продолжен Ситроен Ц3, како што би можело да се заклучи лаички, туку е сосем различен автомобил. Дури и 5-седот и 7-седот од Еркрос може спокојно да се водат како два различни модели.

Соодветно варира и големината на багажникот. Кај стандардниот модел, значи петоседот, зафатнината на багажникот изнесува 460 литри. Тоа е веќе ниво на СУВ од компактната класа. Седумседот тука располага со зафатнина од 330 литри, кога третиот ред седишта е спуштен. За споредба, Ц3 има 310 литри багажник.

Јасно се забележуваат проширените крила и нагласокот на вертикалните линии во дизајнот, што го разликуваат Еркрос од стандардниот Ц3

Рационалноста е новата моќ на автомобилите, лизгачка задна клупа никој не бара

Сета оваа приспособливост би добила уште една димензија плус, доколку се понуди опција за средниот ред да лизга надолжно, па според потреба, еднаш да се добие повеќе простор за колената, другпат да се обезбеди повеќе простор во багажникот. Зошто не постои таква можност? Одговорот е цената. На купувачите очигледно им е повеќе важно да добијат подостапна цена, отколку да оставаат резерва и да платат уште неколку стотини евра за средната клупа да се поместува надолжно, ако затреба. Таква функционалност денес е реткост, не само во Б-сегментот, туку и во повисокиот сегмент.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

За цените за македонскиот пазар е уште рано за увозникот Автонова да ги објави. На презентацијата во Сиџес беа соопштени цените за францускиот пазар, а тоа значи 19.700 евра за изведбата со 1,2-литарец со 100 КС и мануелен менувач, во почетното ниво на опременост.

Разликата меѓу стандардната изведба со 5 и верзијата со 7 седишта изнесува околу 850 евра, според францускиот вебсајт, со напомена дека екстра седиштата не се испорачуваат со основното ниво на опременост.

На задната клупа се добиваат 65 милиметри повеќе простор за колената во споредба со Ц3, тоа е ниво на СУВ од средна класа

Повеќе заслужува да се води како Ц3,5 Еркрос

Со дополнителните 38 сантиметри во должина, Ситроен Ц3 Еркрос досега 4,395 метри. Од тоа, во меѓуоскиното растојание се додадени 13 сантиметри во споредба со Ц3, односно има 2,67 метри меѓу оските. Друга клучна разлика е тоа што и ширината на трагата на оските е зголемена, па место 1,518 метар, таа кај Ц3 Еркрос изнесува 1,57 метар. Има додадено и во висина: Растојанието од подлогата кај големиот Ц3 изнесува 20 сантиметри, во споредба со 16 сантиметри кај стандардниот Ц3. Масивната појава ја заокружува и поголемата висина: 1,66 метар, наспроти 1,57 метар. Долгиот Ц3 е околу 150 килограми потежок.

Проширената трага на Еркрос води и кон следното подрачје во коешто се разликува големиот Ц3, што комотно може да се води како Ц3,5. Со тоа на ум, почнуваат да се откриваат и разликите во дизајнот. Отворите за воздух во предниот браник се трапезовидни и исправени, директно надоврзувајќи се на отворот во браникот долу, а различна е и долната линија на маската. Секако, главниот печат го ставаат драстично проширените крила во споредба со Ц3. Сето тоа создава појава на многу помоќен и поспособен автомобил. Во повисоките нивоа има и ефектна надолжна лајсна долу во браникот.

Задните светла имаат сосем различна форма, како потковица. Формата на вратата на багажникот, заедно со прозорецот во неа, задните столбови, надолжниот раб што завлегува во задните врати, и секако, пошироките задни врати во спроедба со Ц3, сé е различно. Изненадува колку многу Еркрос всушност се разликува од Ц3, иако првично се поаѓа со претпоставка дека тоа е само продолжен Ц3. Дури и кога се гледа од назад, јасно се забележува колку се проширени предните крила.

Еркрос е крстосувач без потреба од каква било резервираност, како во поглед на моќноста, така во поглед на просторноста и комфорот, посебно комфорот

Електриката е круна на цел сплет од околности, кај нас и повеќе од доволно е да се има 48-волтниот благ хибриден погон

Пошироките задни врати секако го олеснуваат пристапот и до третиот ред седишта, но додаваат во комоцијата дури и кога возилото е во верзија со пет седишта.

Во погонот, има три опции: Турбо-бензинец со 100 КС и 6-степен мануечлен менувач, благ хибрид со 136 КС и 6-степен менувач со двојна спојка, во којшто е вграден електромотор со 28 КС и 55 њутнметри, и целосно електрична изведба, со 113 КС, батерија од 44 кВч бруто, со 307 километри досег.

Годинава ќе биде понудена и втора електрична изведба, со поголема батерија и досег од 400 километри. Во град, сегашниот модел може да мине преку 400 километри без потреба од полнење. Кога стои на располагање брз полнач, до 80% се доаѓа за помалку од 30 минути.

На паркиралиштето од коешто поаѓаше тест-возењето се погоди мошне веродостојна слика за секојдневието со електричните автомобили. По завршувањето на секоја тура, долга меѓу 70 и 100 километри, тимот ги носеше електричните варијанти на Ц3 Еркрос директно на брз полнач – реално, повеќе станица за полнење, отколку обичен полнач, со моќност од 400 киловати, пренослива. Последново значи дека таа огромна „куќа на моќта“ може да се пренесува по потреба, токму за потреби на презентации, на собири, саеми и слично. Со добра организација, за време на тестирањето ниту еднаш не се случи, со електричен Ц3 Еркрос да се појде на некоја од тест-рутите, а батеријата да не биде 100% полна.

Ситроен (повторно) стана марка за уживање во возењето – и во целиот живот пред и по возењето

Токму во тие услови на возење околу Сиџес и Барселона се покажа уште една вистина на електричниот погон. Во тамошните совршени услови на сообраќај, со кружен тек на секоја крстосница, со вешто проектирани сообраќајници и сé околу нив, со совршен асфалт – иако „туристичкиот асфалт“ и на Французите им се виде нереално мазен – електричниот погон е природен погон. Тука човек не се прашува дали автомобилот имал 100 или 200 КС, дали спринтувал за шест или десет секунди, тука возењето е престорено во вистинско уживање. Секојдневието не се сведува на чекање во колона за да се поминат 50 метри, нема нервози, сирени, па дури не е лудост и да се отвори прозорец, затоа што воздухот е чист.

Тука се чувствува крстосувачкиот карактер, повеќе универзален карактер на Ситроен Ц3 Еркрос. Секако, овие возила на тест беа опремени и со комфорни седишта, покрај комфорното подвозје што е стандард, така што сé се чинеше поуверливо.

Во македонски услови, пореален е благиот хибриден погон, поради тоа што честото вклучување на електромоторот во погонската спрега, некогаш кусо, некогаш изненадувачки долго, внесува во возењето дел од убавото чувство на електричниот погон.

Ситроен Еркрос е сосем доволен автомобил за сите сценарија, па дури и повеќе од доволен, кога ќе се земе предвид менаџерската мајсторија што направи овој Ц3 да биде еден од најдостапните модели воопшто на пазарот. Заслугата е во тоа што концернот Стелантис зафати на пазарите коишто на останатите концерни им се видоа како неинтересни, односно на пазарите во Јужна Америка и во Јужна Азија. На тие пазари во раст, Стелантис продава огромни количини возила, и со тоа го постигнува скалестиот ефект – фамозното трговско „три по цена на два“ – скусувајќи ги трошоците во својата мрежа.

Ц3 Еркрос е уште еден важен придонес за марката што создава симпатии со секој следен модел – автомобил не се избира преку ноќ, туку решава постојаноста во градењето симпатии

Автомобилите имаат имиџ. Имиџот е тој што ги продава моделите на автомобилските марки. Ситроен има имиџ и одлично ги продава своите модели. Тоа е марката што веројатно се има сменето најмногу во изминативе неколку години, а пак остана истата. Ситроен историски ја врзуваме со ДС и со 2ЦВ. Токму таа широка спрега меѓу еден од најнародските и еден од најпрестижните автомобили во историјата, покажшува што всушност е Ситроен. Марка со достапни и луксузни автомобил во едно. И тоа е суштината на Ц3 Еркрос. Тој е едноставен и достапен, таму каде што треба, а нуди и секаде каде што се бара софистицираност и зрелост. Ц3 и неговиот Еркрос се зачетници на едно ново поглавје во автомобилската индустрија во целина, кога производителите многу поискрено си ги почитуваат купувачите.

Претходна објаваЗад воланот седеа Фанџо и Мос, овој Мерцедес е најскапиот тркачки болид во светот
Следна објаваВмешувањето на Маск во политиката ја преполови продажбата на Тесла во Европа?

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here