
Шпанската марка на концернот Фолксваген ќе биде присилена да ја скуси продукцијата и да отпушти околу 1.500 работници, доколку ЕУ до завршетокот на март не ја смали царината за електричниот модел Купра Таваскан, што се произведува во Кина, изјави за Ројтерс извршниот директор на Сеат и Купра, Вејн Грифитс.
Почнувајќи од октомври, кога Европската Унија воведе царина за увоз на електрични автомобили што се произведени во Кина, Сеат плаќа дополнителни 20,7 проценти царина, на постоечките 10 проценти царина, за моделот Таваскан што се произведува во фабриката во Анхуеј, Кина, што е во мнозинска сопственост на концернот Фолксваген.
Директорите на неколку европски производители на автомобили оценуваат дека дополнителните царини за нивните модели што се произведени во Кина, предизвикуваат колатерална штета на домашните компании и на работните места, место да служат во нивна заштита.
Грифитс вели дека царините со коишто се оптоварени автомобили што се продаваат по цена од 50 до 60 илјади евра, биле причина за шпанскиот огранок да не ги исполни финансиските цели за минатата година и дека тоа во 2025 година ќе повлече дополнителни трошоци во висина од стотици милиони евра.
„Немаме многу време. Треба да најдеме решение уште во првиот квартал,“ кажа Грифитс во интервјуто за Ројтерс.
Директорите на Сеат и на концернот Фолксваген одржале неколку средби со претставници на ЕУ, на коишто меѓу другото се зборувало за иднината на Таваскан. Шпанскиот премиер Педро Санчез исто така испратил барање до претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, да се најде решение за проблемот и да се спречат отпуштања, кажа претставник од Сеат.
Грифитс не посочи колкава е висината на царината што шпанскиот производител може да ја поднесе, но кажа дека таа треба да е „колку е можно поблиску“ до првобитните 10 проценти.
Како Сеат ќе ги исполни целите за ЦО2 на ЕУ без Таваскан?
Доколку дополнителната царина не се смали или откаже во првото тромсечје, Сеат ќе биде принуден да ги исклучи од својата понуда моделите што не носат добивка, кажа Грифитс.
Тоа ќе предизвика дополнителен проблем за Сеат: Како просечната емисија на ЦО2 да се доведе во согласност со барањата на ЕУ, без Таваскан.
Производителите на автомобили имаат избор, или да купат кредити од производителите на ЕВ, односно да направат „пулинг“, или да го скусат производството на автомобили со мотор со внатрешно согорување и на тој начин да ја намалат својат просечна емисија на ЦО2.
Концернот Фолксваген досега се воздржуваше од придружување во пул и во декември соопшти дека очекува да ги исполни барањата на ЕУ преку зголемување на продажбата на електрични модели.
„Не можеме да ги решиме работите преку ноќ“, кажа Грифитс. „И што да се прави? Да се смали продукцијата на возила со мотор со внатрешно согорување и да се почне со делење откази. Тоа ќе се случи доколку не најдеме решение.“
Тесла, БМВ, Мерцедес-Бенц и неколку кинески производители на електрични автомобили поднесоа тужба против новите царини до Eвропскиот Суд. За овие случаи сепак се потребни по 18 месеци во просек и може да се поднесе жалба.
Сеат не исклучува правно дејствие, вели директорот, но не може да си дозволи да чека.
„Купра е нашиот гејм-чејнџер – таа направи нашата компанија да биде профитабилна,“ вели Грифитс. „Доколку Купра се најде во опасност, и Сеат ќе биде во опасност.“















