Алфа Ромео нема да стане целосно електрична марка, сите погони остануваат во понуда

Алфа Ромео го напушти планот по 2027 година да произведува само автомобили со целосно електричен погон и се префрлува на стратегијата да се нуди секој вид погон. Тоа го соопшти Крис Фоел, шеф на Алфа Ромео за Северна Америка, каде што деновиве почнува продажбата на Тонале со дволитарски бензински мотор со турбонатполнење и 272 КС.

Италијанската марка на премиерата на компактниот СУВ-модел Тонале со приклучен хибриден погон во 2023 година, најави дека тоа ќе биде последниот модел со мотор со внатрешно согорување.

Фоел во декември презеде надлежност за Алфа Ромео во Северна Америка и во минатиот месец кажа дека марката го менува курсот. Тој соопшти дека изведбата на Тонале со обичен турбо бензинец деновиве почнува да се доставува до дилерите. Купувачи ќе се привлекуваат со месечна рата на лизинг во висина од 399 долари.

За време на НАДА-шоуто, редовен годишен собир на автомобилската бранша во Северна Америка, на Фоел му беше поставено прашање дали Алфа Ромео ќе почне да го нуди малечкиот кросовер Јуниор на пазарот во САД.

Моделот се продава на европскиот пазар во изведба со благ хибриден и целосно електричен погон.

„Најголемото нешто во нашата патна карта за производи и технологија е преоѓањето од стратегија исклучиво со батериски електрични возила на Алфа, во стратегија со повеќе видови погон,“ изјави Фоел за Аутомотив Њуз на настанот. „Имаме 110 дилери… во нашата мрежа во САД, и за нив ќе биде голем предизвик да опстанат само со батериски електрични модели во својата понуда.“

Фоел кажа на состанокот на браншата дека најголемата грижа на дилерите е одржливоста на мрежата. Продажбата во САД во последниот квартал лани падна за 38 проценти, односно за 19 проценти во цела 2024 година.

Продажбата на Алфа Ромео во САД опаѓа четири години во низа.

Наспроти тоа, новиот Јуниор донесува силно раздвижување во продажбата во Европа. Во декември, првиот негов месец во продажба, Јуниор постигна 1.809 продажби, значително повеќе од Тонале, со 1.276 возила во декември, односно 24.850 за цела година.

Јуниор го круниса завршетокот на 2024 година со предновогодишна македонска премиера

Претходна објаваЏагјуар Ланд Ровер гради лакирници од 65 милиони фунти за специјални бои по нарачка
Следна објаваМакедонскиот пазар лани со најдобра продажба на нови автомобили по 2009 година

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here