Обединетото Кралство во 2024 година ја престигна Германија и стана најголем пазар за електрични автомобили во Европа. Минималната квота што ја пропиша државата помогна да се забрза продажбата на електрични автомобили во земјата, во услови кога нивната побарувачка забавува во целиот регион.
Бројот на новорегистрирани целосно електрични возила во Германија падна за повеќе од четвртина во минатата година, на 380.609 возила, според службените податоци што беа објавени на 6-ти јануари. Тоа е помалку во споредба со 381.970 електрични автомобили во ОК, каде што продажбата на електрични автомобили напредуваше за 21 проценти, исто така според службени податоци.
Батериските електрични возила го зголемија својот удел на пазарот во ОК во изминатите месеци. Производителите мораа да го исполнат условот и да постигнат одреден удел од вкупната продажба да отпаѓа на електрични автомобили. Владата предвиде во 2024 година најмалку 22 проценти од вкупната продажба на возила да отпаѓа на чисто електрични автомобили. Во спротивно, производителите се соочуваа со казна во висина до 15.000 фунти (околу 18.800 евра), по секое продадено возило со мотор со внатрешно согорување. За да не плаќаат пенали, производителите мораат да тргуваат со емисија на ЦО2.
Наспроти тоа, продажбата на ЕВ во Германија беше десеткувана, откако во средината на декември 2023 година ненадејно беа укинати и последните субвенции. Помошта за фирмите да купат службено електрично возило заврши во сепември истата година, за пред завршетокот на годината да биде укината ми субвенцијата за приватни купувачи, којашто достигнуваше 9.000 евра.
Продажбата во Шведска, Франција, Ирска и други држави исто така беше под очекувањата, по укинувањето на субвенциите, односно поради недостигот од модели со достапна цена.
Бројот на регистрирани возила опадна и поради тоа што производителите го одложија пуштањето во продажба на новите модели на електрични возила за 2025 година, за да можат да ги задоволат построгите барања на ЕУ за емисија на ЦО2, што стапуваат на сила годинава. Доколку не ги исполнат барањата на ЕУ, што зависи главно од уделот на електрични автомобили во продажбата, производителите ќе мораат да се соочат со казни што ќе достигнат неколку милијарди евра.
Силниот продажен бран во декемвриски придонесе уделот на ЕВ во продажбата во ОК на ниво на цела година да достигне 19,6 проценти. Тоа остана под поставената цел за удел од 22 проценти. Производителите ги спуштаа цените за да ја поттикнат продажбата и да избегнат казни. Целта за годинава е уделот да се зголеми на 28 проценти. Во Германија, ЕВ во минатата година учествуваа со 13,5 проценти во продажбата.
Властите во ОК во моментов ги преиспитуваат законите и можно е во иднина да им се даде поголема флексибилност на производителите, за да ги исполнат барањата. Активистите за чиста енергија стравуваат дека спуштањето на минималната квота може да го забави преоѓањето од мотори со внатрешно согорување на електричен погон.

Побарувачката за електрични возила во ОК и натаму е мошне слаба. Само еден од десет приватни купувачи се решил за ЕВ во 2024 година. Најголемиот придонес за растот во продажбата отпаѓа на службените возила и на фирмите со големи возни паркови.
Аналитичарите очекуваат дека германскиот пазар ќе заздрави кон завршетокот на 2025 година, откако ќе заврши вообичаениот тригодишен период на лизинг и тие возила ќе се најдат на пазарот како користени електрични автомобили, додека во исто време корисниците на лизинг ќе ги продолжат договорите за следните три години, за нов електричен автомобил.
















