Сони Пикчрс Ентертејнмент, корпорацијата Ајмакс, Мерцедес-Бенц и ДТС, на штотуку почнатиот саем за потрошувачка електроника и напредна технологија ЦЕС во Лас Вегас објавија дека забавниот сервис Рајдвју на Сони во иднина ќе овозможува филмовите од библиотеката на СПЕ да се гледаат во моделите на Мерцедес-Бенц.
Услугата ќе биде достапна налето, во моделите што располагаат со најновата генерација на инфо-забавниот систем Мбукс на Мерцедес-Бенц.
Збогатената понуда донесува врвно доживување, затоа што овозможува во филмовите со Ајмакс-квалитет од големата библиотека на Сони да се ужива во автомобилите на Мерцедес-Бенц, исто како во домашното кино.
Рајдвју овозможува да се гледаат избрани филмови со Ајмакс Енхенсд квалитет, што се дигитализирани со сопствената технологија ДМР (диџитал медиа римастеринг) на Ајмакс и што можат да се следат на повеќе јазици со звук синхронизиран со ДТС:Икс.
Мерцедес-Бенц е меѓу првите производители во светот што нуди филмови преку Рајдвју (прв е релативно анонимниот виетнамски производител Винфаст). Оваа платформа на Сони е развиена посебно за користење во автомобили, со цел да овозможи врвно кино-доживување во автомобилот. Во моментов, таа е достапна во Германија, САД, Јапонија, Обединетото Кралство и Ирска.
Освен на екраните во возилото, филмовите преку Рајдвју може да се гледаат и на телефон, односно таблет.
За соработката меѓу Сони, Мерцедес и Ајмакс, директорот за продажба на Сони Пикрчс Ентертејнмент кажа: „Со овозможувањето содржини со Ајмакс Енхенсд преку Рајдвју, покажуваме колку многу може да се постигне, со поместувањето на границите на пренос на содржини и звук во автомобилите, почнувајќи со моделите на Мерцедес-Бенц во текот на годинава.“

Новата генерација на Мерцедес-Бенц Е-Класа стандардно доаѓа со средишен дисплеј од 14,4 инчи, со мултимедиски систем Мбукс, камера за возач, скенер за отпечаток на прст, комуникациски модул 5Г, како и со подготовка за Мбукс Ентертејнмент Плус, што дозволува токму користење на услуги како стриминг на филмови, со претплата што се потпишува директно преку екранот во возилото.
За трет екран, пред совозачкото седиште, се доплаќа 1.773 евра според германскиот ценовник, вклучувајќи ја и фамозната камера за селфи. Во тој случај не смее да недостига и најнапредниот аудио систем Бурместер 4Д-Сараунд, што чини доплата околу 1.375 евра, со 17 звучници, 4 ексајтери и 730 вати моќност.
















