Тојота Воуен Сити, односно Плетенград, претставува клучен дел од големата визија на производителот на автомобили, за одново да изникне како компанија за мобилност. Плетенград претставува „прототип за градовите на иднината“ и се подготвува своите први жители да ги вдоми веќе наесен.
Корпорацијата Тојота објави на саемот за потрошувачка електроника ЦЕС во Лас Вегас, дека завршила првата фаза од изградбата на Воуен Сити, во Сусоно, Јапонија. Се гради на просторот на поранешната фабрика на Тојота во Хигаши-Фуџи, во подножјето на планината Фуџи. Првите 100 жители ќе бидат главно вработени во Тојота и во компании што директно се поврзани, заедно со своите семејства.
„Воуен Сити е повеќе од место за живеење, работа и игра,“ кажа претседателот Акио Тојода за време на презентацијата што се одржа во ресортот Мандалај Беј, во Лас Вегас. „Воуен Сити е место каде што луѓето можат да иновираат и да развиваат секакви видови нови производи и идеи. Тоа е подвижна лабораторија.“
Тојота го опишува Воуен Сити како „тест патека за мобилноста, каде што изумителите што се посветени да работат за некој друг освен за себе, можат да развиваат, тестираат и да оценуваат иновативни производи и услуги.“ Изумителите се вработени во Тојота и во Групацијата Тојота, како и надворешни компании, стартапи и претприемачи.
Претседателот кажа дека работењето ќе биде посветено на мобилноста на луѓето, на уреди, информации и енергија.
Во првата фаза е планирано да се сместат околу 360 жители. Откако ќе бидат завршени втората и следните фази, градот ќе вдомува 2.000 вработени и нивни семејства, од 60 држави, пензионирани двојки, трговци на мало, почесни научници и партнери од индустријата. Тојота соопшти дека добила повеќе од 6.000 барања од луѓе што се заинтересирани да станат жители на Плетенград.
Место во коешто се живее и работи
Во 2018 година, на ЦЕС како еден од најголемите саем за технологија и автомобилски иновации од светски размери, Тојота соопшти дека планира да се развие во компанија за мобилност. Две години подоцна, исто така во Лас Вегас, Тојота ја објави веста за Воуен Сити, како заеднички проект на корпорацијата Тојота Мотор и нејзиниот огранок Воуен, со мисија „да ги сменат тековните стандарди на мобилноста, преку иновации што се раководат според човекот.“
На тој настан, Тојода, тогаш уште на функцијата на извршен директор, праша: „Што кога би имале можност да вршиме истражување и тестирање на едно место? Во вистински услови, место во симулирана средина?“
Дојде времето за Воуен Сити да докаже дека идејата функционира.
Првите жители, што Тојота ги води како „пронаоѓачи“, ќе бидат одговорни за „ко-креативни активности“. Ниту една од овие компании не работи во автомобилската сфера, ниту пак учествуваат во традиционалниот автомобилски бизнис.
- Даикин Индастрис: Тестирање простор без полен и персонализирани функционални средини
- ДајДо Дринко: Создавање дополнителна вредност преку иновативни автомати за храна и пијалок (вендинг машини)
- Нисин Фуд Продактс Ко: Создавање и оценување на средини за храна што ќе инспирираат нови прехранбени култури
- УЦЦ Јапан Ко: Истражување на потенцијалните вредности на кафето преку футуристички искуства за консумирање кафе.
- Зошинкаи Холдинг Инк: Истражување на иновативни образовни методи и нови средини за образование.
Тојота соопшти дека преговара со Нипон Телеграф и Телефон Корп., со нафтената компанија Енеос и со производителот на бела техника Ринаи. Во текот на летото ќе бидат поканети стартапи, претприемачи, универзитети и научни институции.

Во понеделникот, Интерстелар Технолоџис објави дека Воуен ќе вложи 44,3 милиони долари во оваа јапонска компанија за вселенски истражувања, како дел од партнерството што ќе овозможи искуството на Тојота во прозводството да се примени во изработка на ракети.
Тојота ги гледа жителите и посетителите како Вивери, односно ткајачи, коишто имаат „страст за проширување на мобилноста и се посветени на создавање општество што напредува.
Во видеото што Тојода го прикажа на видеоѕидот при претставувањето, како пример беше прикажан работник што со помош на две камери ги учи роботите како се диплат летни маици. Веќе во следниот ден, роботите научиле како правилно да диплат во три точки.
Во почетокот, посетите на Воуен Сити ќе бидат ограничени само на деловна посета. Планот е градот од следната година да биде отворен и за јавноста, за посетителите исто така да можат да учествуваат во активностите на креирање.
Големината на Воуен Сити во полн обем ќе биде споредлива со кампусот на Елп во Купертино, Калифорнија.
„Подигањето цел град од темел, дури и во мал обем како овој, претставува единстсвена можност да се развиваат технологии од иднината, вклучувајќи дигитален оперативен систем за инфраструктурата на градот,“ соопшти Тојода во 2020 година. „Со тоа што луѓето, зградите и возилата ќе бидат поврзани и ќе комуницираат меѓусебно, преку податоци и сензори, ќе можеме да тестираме конектирана АИ технологија… како во виртуелна, така и во физичка седина … за потенцијалот да се искористи во целост.“
Развојот на Воуен
Историјата на Воуен бај Тојота почнува во 2018 година, кога е основан како Тојота Рисерч Институт – Адвансд Девелопмент, со цел да се развива софтвер за автоматизирано возење. Во 2021 година, Тојота го преименува во Воуен Панет Холдингс, со што укажува на новата мисија, во којашто се вклучени истражување на нови бизниси и прифаќање на иновативни проекти.
Во 2023 година, огранокот го смени мимето во Воуен бај Тојота и го назначи Хаџиме Кумабе за извршен директор, на местото на Џејмс Куфнер од САД. Тој, пак, беше поставен за главен координатор во новиот центар за развој на софтвер во Тојота, со задача да раководи со автомобилскиот оперативен систем Арен што треба да се појави во 2025 година.
Тојота објасни дека реорганизацијата ќе помогне да се зајакне врската со главниот добавувач Денсо и да се забрза воведувањето на идната генерација возила што се базирани врз софтвер и што за таа цел ќе го користат Арен.
Извршниот директор Коџи Сато планира да почне со примена на Арен во возилата од годинава и да го воведе во следната генерација батериски електрични автомобили на Тојота од 2026 година натаму. Тојота очекува новиот оперативен систем да помогне да се скусат трошоците, да им се понудат попривлечни продукти на клиентите и да се забрза пуштањето во продажба на новите модели.
Тојода не откри колку се вложува во Воуен Сити. Тој напомена дека Воуен не е замислен како комерцијален проект. „Тоа што се обидуваме да го направиме е да ги искористиме големите потенцијали на Тојота и да се обидеме од тоа да создадеме нова вредност.“
















