Авто-нацијата се подготвува за избори, меѓу клучните теми секако спаѓа и поддршката на моќната индустрија во земјата. ЦСУ ветува субвенции до 3.600 евра за електрични автомобили, без Кинезите.
Продажбата на електрични автомобили во Германија го изгуби некогашното темпо, откако во средината на декември 2023 година, без каква било најава, беа укинати масивните субвенции во земјата, што досегаа до 9.000 евра. Најголемиот автомобилски пазар и воедно најголем пазар за електрични автомобили во Европа, одеднаш стана пример за неуспешно преоѓање во ерата на електромобилноста.
Според последните службени статистики, до ноември лани во земјата биле продадени 347.048 патнички автомобили со батериски електричен погон, што е за 26,1 проценти помалку отколку една година пред тоа. Доколку се вклучат сите видови електрифицирани погони (приклучен хибрид, водороден погон), по германските патишта лани до последниот месец се пуштени 520.000 нови автомобили со овој вид погон, што пак е за 17,2 проценти послабо во споредба со една година претходно.
Германската ЦСУ има намера повторно да воведе помош за купување електрични автомобили. Но, услов за субвенцијата е возилата да бидат произведени во земјата.
Во случај да победи на парламентарните избори што ќе се одржат во февруари, Унијата (ЦДУ/ЦСУ) ќе воведе премија за купување електрични автомобили во висина до 3.600 евра. Информацијата ја објави Дојче Пресе Агентур (дпа), а претходно тоа го јави и Баварското Радио.
Премијата за е-автомобили ќе може да се добие само под одредени услови
Во документот на партијата стои дека главен услов да се добие субвенцијата е патот на транспортот, од монтажата на возилото до местото на продажба на истото. Тоа значи дека предимство ќе се дава на електричните автомобили што се произведени во Германија.
Јасно е дека намерата на умерено десничарската ЦСУ е да се спречи автомобили од кинеско производство да бидат субвенционирани со премијата. ЕУ претходно воведе казнени царини за електирчните автомобили што се увезуваат од Кина.
„Нашата премија донесува двојна корист: за работните места во Германија и за климата“, порача регионалниот шеф на ЦСУ, Александер Добринт. Според документот, висината на премијата за купување ќе се движи до 3.600 евра. Тоа ќе доведе и до смалување на висината на месечната рата на лизинг за околу 100 евра.
Сојузниот канцелар Олаф Шолц (СПД) неодамна се заложи за субвенција за продажба што би важела општо на територијата на Европа и со тоа исклучи секакви надежи дека би подржал повторно воведување субвенции на сојузно ниво.
















