Фабриката во Пекинг е четвртата глобална локација на којашто се произведува новата класа С. Специјално за кинескиот пазар Mercedes за прв пат ќе произведува продолжена изведба од моделот.
Mercedes за прв пат нуди каросериска верзија од класата С со продолжено меѓуоскино растојание. По неполни шест месеци откако стартуваше производството на новата класа С во Бремен следува производствениот старт во Пекинг, во Beijing Benz Automotive Co (BBAC). Продажбата на моделот во Кина ќе започне во септември. Со преку 150.000 продадени примероци од претходната генерација на моделот од средната класа, Кина е втор најголем пазар за класата С. Со специјалната продолжена изведба и со локалното производство, новата класа С несомнено ќе постигне уште поголем успех од претходникот.
Фабриката во Бремен е „носечка“ фабрика во глобалното производство на класата С на четири континенти, како центар за обука, за испорака на алати и за контрола на квалитетот. На тој начин се гарантира дека квалитетот на производството ќе биде идентичен на сите локации: Германија, Јужна Африка, САД и Кина. Верзијата за Кина има за 8 сантиметри продолжено меѓуоскино растојание, заради повеќе комфор за патниците на задната клупа. Специјална опција: Од „директорското“ седиште на задната клупа може директно да се управува со положбата на совозачкото седиште. Се подразбира дека и полето за директно впишување команди со прст, коешто се наоѓа во средишната конзола, ги „разбира“ кинеските знаци.
Моторите исто така се локален производ. Моделите на Mercedes се произведуваат во BBAC уште од 2006 година, а од 2013 и мотори. Лани таму се произведоа 120.000 возила, што е половина од продажбата на Mercedes во Кина. До 2015 година во фабриката ќе влезе инвестиција од вкупно 4 милијарди евра, од кои една милијарда е наменета само за зголемување на производствениот капацитет. Во следната година продукцијата ќе се зголеми на повеќе од 200.000 возила од класите C, E и GLK, а дополнително и од компактниот GLA, којшто тогаш ќе стартува со локално производство.
















