Тесла ќе го покрива вишокот ЦО2 на Фолксваген

Слика од еден од бројните настани што Порше Македонија ги организира во своите напори да го одомаќи електричниот погон во Македонија

Од 2025 година ЕУ воведува нови ограничувања за ЦО2. Голем број од производителите ценат дека тие се недостижни. Спасот доаѓа со т.н. СО2-пулинг.

Од следната година, во ЕУ ќе почнат да важат нови ограничувања за просечната вредност на ЦО2 од сите автомобили што ќе ги продаде секој производител посебно. Голем број од производителите ценат дека тие цели не може да се достигнат и остро реагираат на новите правила. „Брзината на преоѓање на електрични возила е половина од темпото што всушност ни е потребно за да ги достигнеме тие цели, за да не мораме да плаќаме парични казни,“ коментираше неодамна претседателот на европското здружение на производители на автомобили АЦЕА и шеф на Рено, Лука де Мео.

Студијата на невладината организација ИЦЦТ, меѓународен совет за чист превоз, најде решение. Со помош на вешт ЦО2-пулинг сепак е можно да е постигнат целите.

Законите на ЕУ пропишуваат, вредноста на просечната емисија на ЦО2 од сите продадени нови возила во Унијата, од 110,1 грами карбон на километар во 2021 година, да се спушти под 93,6 грами во периодот од 2025 до 2029 година. Притоа, секој производител мора да ги исполни посебните цели за него, што се одредуваат според видот на понудата од модели на производителот. При пречекорување на границата за ЦО2 се заканува висока парична казна.

За секој грам над границата, за секое продадено возило мора да се плати казна од 95 евра. За просечната емисија на ЦО2 да се спушти, важно е да се зголеми продажбата на батериски електрични автомобили.

Од 2019 до 2021 година е постигнато големо смалување на емисијата на ЦО2

Според ИЦЦТ, производителите во периодот од 2023 до 2025 година ќе мораат да ја смалат емисијата на ЦО2 за дванаесет проценти. Тоа е само половина од просекот со којшто се смали емисијата на ЦО2 од 2019 до 2021 година, кога беше постигнато намалување од 23 проценти.

Во тој период, не само што се продаваа значително помалку електрични автомобили, туку тие имаат и помал досег, а и мрежата од полначи уште не беше доволно развиена, упатуваат авторите.

Производителите мораат да постигнат смалување на ЦО2 во опсег од девет проценти (за Стелантис), до 21 проценти за Фолксваген, кажуваат од ИЦЦТ. За тоа да се постигне, потребно е уделот на батериски електрични автомобили во продажбата да се искачи во опсег од осум проценти (БМВ, Киа, Стелантис), до 18 проценти (Форд). Браншата уште сега се наоѓа среде ценовна војна, затоа што сите производители вожуваат напори да ја забрзаат својата продажба на електрични автомобили.

Пулинг

Производителите сепак можат да ги достигнат целите, преку договори за ЦО2-пулинг. Тоа значи дека производителите ќе треба да се обединат, за потоа просечната емисија да се пресметува од сите возила во тој сојуз. Фолксваген, на пример, го изведе тоа во периодот од 2020 до 2022 година со производителите Форд и САИЦ (Кина), чијашто емисија на ЦО2 тогаш беше под лимитот на ЕУ. На тој начин, германскиот концерн избегна плаќање високи казни, но затоа им плати надомест на двата партнери.

Експертите на ИЦЦТ во својата студија составуваа хипотетички пулови и го пресметуваа ефектот од тоа. „Кај пулинг од којшто производителите постигнуваат корист, опсегот на намалувањето на ЦО2 што треба да се постигне се движи меѓу шест и 13 проценти“, упатуваат експертите на ИЦЦТ. Во тој случај, растот што треба да се постигне во продажбата на батериски електрични авотмобили, се сведува на распон од четири до 12 проценти.

ИЦЦТ ги пресмета следните пулови:

  • Киа-Хјундаи
  • Мерцедес-Стелантис
  • Тојота-Рено-Нисан-Мицубиши
  • Фолксваген-Тесла
  • Волво-Форд

Фолксваген со Тесла?

Фолксваген и Тесла во заедничкиот пул во 2023 година имаа вредност на емисијата на ЦО2 од 108 грами на километар, којашто мораа да ја спуштат на 96 грами – тоа значи смалување за 12 проценти. Доколку Фолксваген останеше сам, според пресметката на ИЦЦТ, емисијата ќе требаше да се смалува од 120 на 95 грами, што е намалување за 21 проценти.

Ефектот е уште поголем кај Волво и Форд. Двата производители во 2023 година имаа заеднички просек од 99 грами. За 2025 ќе им биде потребно да постигнат 93 грами (смалување за шест проценти). Во случај Форд да е сам, емисијата ќе требаше да ја спушта од 119 на 94 грами (намалување за 21 проценти).

Секој пул не е остварлив

Во друг дел од студијата се рагледува веројатноста да се склучат договори за ЦО2-пулинг меѓу производителите. Тешко е да се замисли дека Мерцедес и Стелантис би се здружиле. Таквото здружување би му наштетило на Стелантис. Двата производители би морале својата емисија на ЦО2 да ја смалат од 106 на 95 грами (11 проценти).

Доколку Мерцедес е сам, ќе биде неопходно да се постигне намалување од 109 на 91 грами (17 проценти). Само на Стелантис би му била потребна редукција од 105 на 96 грами (9 проценти).

Некои производители немаат друг избор, освен да се решат за стратегијата со пулинг. „Незамисливо е Фолксваген да ги постигне своите цели за ЦО2 со сопствени сили“, цени Патрик Хумел, шеф за автомобилско истражување во банката УБС. „На Фолксваген итно му е потребен партнер за пулинг. Па дури и тогаш ќе биде тесно.“

Повтино е да се плати за пулинг отколку да се плаќаат казни

За производителите што ја пречекоруваат граничната вредност за ЦО2, пулингот е релативно евтино решение, за да се избегне плаќање високи казни кон Европската Унија. Износот што го бараат посебно „зелените партнери“ може да достигне вредност од десетици милиони евра.

Европските производители во 2020 година мораа да ѝ платат на ЕУ парични казни во висина од вкупно 510 милиони евра. Само концернот Фолксваген има платено над 100 милиони евра. Висока парична казна од 40 милиони евра мораше да плати и Јагуар Ланд Ровер.

Мерцедес и Форд веќе пријавија пул

Повеќето производители што досега учествуваа во т.н. отворени пулови, ги откажаа истите по завршетокот на 2024 година. Овие производители се убедени дека со зголемената продажба на електрични автомобили ќе можат да ги постигнат целите и без туѓа помош. Отворените пулови им се достапни и на марки што не припаѓаат во концерните, додека затворените пулови важат само за марки од истиот концерн.

За следната година, кога стапуваат на сила значително построги гранични вредности за емисијата на ЦО2, само Форд и Мерцедес пријавија отворени пулови. За 2026 година, единствено Мерцедес засега има оставено отворен пул.

Компаниите имаат време до октомври секоја година, да пријават пулови во ЕУ. На тој начин тие можат многу пофлексибилно да се приспособат според продажбата на возила со бензински мотор или со електричен погон.

На Форд нема да му биде лесно

Германската Форд Верке ГмбХ, како управител на пулот, се соедини со Форд Австралија и со мајката на концернот, Форд во САД. Во пилот е вклучен и ЦНГ Техник ГмбХ.

Оваа компанија од Бад Кројцнах вградува уреди за автогас во возилата на Форд со мотор со бензински мотор. Тие возила испуштаат помалку ЦО2 од обични бензинци. Со само три електрични модели (Експлорер, Капри, Мустанг Мах-Е), Форд ќе има проблем да биде под лимитот на ЕУ.

Мерцедес исто како и досега се соедини со Смарт Аутомобиле, нивната заедничка марка со кинески Џили. Смарт од основањето на заедничката компанија произведува само електрични автомобили.

Претходна објаваПорше 911 ГТ3, едниот за тркачка патека, другиот за пат
Следна објаваТесла Модел Ипсилон ја предводи септемвриската продажба, Рено и Фолксваген во тесна битка за второто место

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here