Откако Порше првпат го воведе како моделска изведба во гамата на 911 во 1999 година, ГТ3 отсекогаш е моделот што бил блиску до мотоспортот, а во исто време нуди и комфор за секојдневието. За 25-годишнината, Штутгарт првпат ги пушта двете варијанти заедно од старт. Едната е спортска машина со масивен заден спојлер, втората варијанта е помалку нападна со изгледот и со пакет Туринг е наменета за благородно крстосување.
Порше има нов 911 ГТ3. Спортскиот модел што без каков било зафат е подготвен од градскиот асфалт да се пушти по тркачка патека, во славеничката година доаѓа со неколку зафати плус во смалувањето на тежината, со атмосферски 4,0-литарски боксер со 6 цилиндри и 510 КС, односно 450 њутнметри.
ГТ3 првпат може да се нарача со пакет Вајсах, којшто нуди дополнителни можности за возилото да се подготви за тркачка патека. Збогатена е и безбедностана опрема, а има и неколку ставки што одат во корист на прецизноста и спортските возни својства.
Свежата двојка има сменет изглед напред и назад, што главно е во насока на подобрување на аеродинамичноста. Предниот дифузор со сменета контура и сменетите перки долу го смалуваат потисокот и го подобруваат струењето на воздухот.
Предните матрични диодни светла имаат сменета форма. Кај ГТ3 може да се нарача бел прстен околу нив. Сите функции се содржани во главните светла, нема потреба од дополнителни светла долу. Со тоа се зголеми и отворот за воздух. Назад е нова формата на дифурозот, отворите за воздух и на хаубата на моторот. Задниот спојлер на 911 ГТ3 доби нови странични плочи.
На предната оска се користат посебни надолжни водилки со форма на капка, заради подобрена аеродинамичност. Тие го смалувааат потисокот и воедно го подобруваат ладењето на сопирачките. За балансот меѓу предната и задната оска да не се наруши при сопирање од висока брзина, инженерите го сведоа потонувањето на носот на најмала можна мера. За таа цел, предниот сферичен зглоб во долната надолжна водилка е свртен надолу. Тоа се зафати од 911 ГТ3 РС.
Напред се вградени спортски гуми со подобрено држење на влажно, со димензија 255/35 ЗР 20, назад се 315/30 ЗР 21. Опција се тркачки гуми што се дозволени за користење во јавен сообраќај.
Пакетот Туринг се нуди од старт и нуди повеќе индивидуалност
Првпат од старт се нуди пакетот Туринг, којшто е мошне баран. Името Туринг-Пакет се повикува на 911 Карера РС 2.7 од 1973 година. Тој е воведен првпат во гамата на ГТ3 во 2017 година. Назад стои и натпис со името.
Разликата е во тоа што кај овој пакет отсуствува заден спојлер. За аеродинамичен баланс се грижат заден спојлер што се извлекува самостојно, заедно со сменет дизајн на перките во подот.
Внатрешноста се одликува со скапа кожа и класично спортски изглед. Првпат може да се нарача и задна клупа.
Легендата на релито и амбасадор на марката, Валтер Рерл, вели дека „токму на кривулести споредни патишта се чувствува јасно дека управувањето е уште подобро нагодено отколку кај претходникот.“. Според Рерл, управувањето посредува поголема доверба во автомобилот, „затоа што реагира посмирено кога ќе се помести од средната положба, без да се изгуби директноста.“ Скусениот преносен однос исто така го зголемува уживањето, додава шампионот.
Скусување на тежината на сите места
Новите, сребрени тркала, ја смалуваат тежината на инерциските сили од втор ред за преку 1,5 килограм во споредба со претходникот. Со пакет Вајсах се оди чекор понапред, со тркала од легура што содржи магнезкиум. Со нив се заштедуваат 9 килограми. Дополнителна заштеда од 4 килограми се постигнува со нов литиум-јон акумулатор од 40 Ач. Во најдобар случај, 911 ГТ3 тежи само 1.420 килограми.
Преносен однос скусен за осум проценти
Четирилитарскиот боксер е преработен заради новите норми за издув и доби два филтри за честички и четири катализатори. Тоа не го наруши звукот. Моќноста е задржана, со прерасботка на главите и со поостри брегасти вратила од 911 ГТ3 РС, што обезбедуваат посилно повлекување при високи вртежи. Има промени и во придушниците, како и во ладилниците за масло.
На 1 КС доаѓаат по 3,8 килограми тежина
Седумстепниот менувач со двојна спојка ПДК и 6-степениот мануелен менувач ГТ располагаат со преносен однос што е скусен за 8% во споредба со претходникот. Спринтот со ПДК трае 3,4 секунди, крајната брзина е 311 км/ч. Со мануелен менувач се постигнуваат 3,9 секунди и 313 км/ч.
За разлика од Карера, 911 ГТ3 не стартува на копче, туку со вртлив прекинувач. Опција е заштитен кафез, како поздрав од мотоспортот. Различниот контраст на инструментите овозможува полесно читање на бројачот на вртежи и штоперката. Со префрлување во Трак-Скрин се појавуваат податоци за гумите, маслото, водата, горивото. Бројачот на вртежи може да се сврти, за граничните 9.000 вртежи да се најдат во положба на 12 часот.
Ексклузивен часовник како „спортски автомобил за рачниот зглоб“
Ексклузивно за сопствениците на 911 ГТ3 и 911 ГТ3 Туринг, од Порше Дизајн следи часовник што со дизајнот и перформансите го следи спортскиот модел. Куќиштето е од ултралесен титаниум, бројченикот покажува жолти акценти и хексагонална структура, по пример на инстурментите од ГТ3. Боите се бираат по желба, што важи и за ремнот.
Новите 911 ГТ3 и ГТ3 Туринг почнуваат од 209.000 евра, нарачките се отвораат кон завршетокот на годината. Пакетот Вајсах чини 18.076 евра, за лесен пакет треба да се смета на 33.867 евра.
















