
Водечките германски производители на автомобили во минатата седмица ги објавија бројките од продажбата, коишто потврдија дека нивниот клучен бизнис во Кина продолжува да слабее. Голема е веројатноста дека тој тренд ќе забрза, затоа што директорите на концернот Фолксваген, групацијата БМВ и Мерцедес-Бенц не успеаја да најдат начин да го спречат нивното слабеење на најголемиот пазар за автомобили во светот.
Сите три германски компании со децении вложуваа во растот на автомбилскиот пазар во Кина, каде што странските проиизводители, а посебно Германците, до скоро беа најпосакувани марки и владееја со пазарот. Тие сега го губат тлото под нозете во Кина, некогаш главен профитен центар за трите големи германски производители, исто како и за голем број нивни добавувачи.
Подемот на кинеските домашни марки, растечкиот удел во продажбата на електричните возила и забавувањето на економијата во Кина, го подриваат доминантното место што некогаш им припаѓаше на БМВ, Мерцедес и Фолксваген на најголемиот пазар во светот. На тоа се надоврзува и неизвесноста, откако Европска Унија реши да воведе високи царини за кинеските електрични возила што се увезуваат во Европа. Тоа создаде услови за совршена бура, што само дополнително ја поткопува некогашната владејачка позиција на германските производители на автомобили во Кина.
„Конкурентските услови во Кина се мошне жестоки, што е главната причина за тоа што нашите испораки во светски рамки опаѓаат,“ кажа директорот за продажба во концернот Фолксваген, Марко Шуберт, во соопштението од 11-ти октомври.
За девет месеци, испораката на нови возила на концернот Фолксваген се намали за 2,8 проценти, со испорачани 6,5 милиони возила. Вкупниот пад најмногу се должи на поткопувањето на позицијата на концернот Фолксваген во Кина.
Заедничката продажба на сите марки на концернот Фолксваген, вклучувајќи ги Порше, Ауди и Бентли, во третиот квартал опадна за 15 проценти. За девет месеци, тоа дава пад од 10 проценти и 2,06 милиони испорачани возила, соопшти производителот.
Доколку се брои продажбата без Кина, светската продажба на концернот Фолксваген дури и се зголемила за околу 1 процент.
Кина учествуваше со 32 проценти во вкупната продажба на возила од концернот Фолксваген во првите девет месеци од годината.
Од германските производители, во Кина најмногу изгуби БМВ. Баварците пријавија пад во продажбата на своите марки БМВ и Мини за 30 проценти, на 147.691 возила во третото тромесечје. Во првите девет месеци, БМВ и Мини продадоа 523.638 возила во Кина, што е пад од 13 проценти, свои во соопштението од 10-ти октомври.
Кина сочинува 27 проценти од продажбата на групацијата БМВ, без да се сметаат мотоциклите, во третото тромесечје, односно 30 проценти од почетокот на годината до септември.
Наведувајќи ја забавената продажба, поради тоа што добавувачот им испорача неисправни системи за сопирање за некои модели и „побарувачката во Кина што долго е стивната,“ БМВ на 10-ти септември ги предупреди инвеститорите дека треба да се очекуваат промени во профитот, и воедно ги смали предвидувањата за бизнисот за годинава.
БМВ соопшти дека сега очекува „благо намалување во испораката“ во светот, место мало зголемување, и исто така ги приспособи предвидувањата за профитот.

Мерцедес-Бенц ги обвини „ослабнатите макроекономски услови, главно во Азија“ за забавената светска продажба, којашто во третото тромесечје се зголеми за 1 процент, на 503.600 возила. Продажбата во Кина во истиот период опаднала за 13 проценти.
„Општо намалената потрошувачка, посебно за лускузна стока и долготрајното намалување на цените, главно во сегментот на ЕВ, влијаеше врз продажбата во Кина,“ се наведува во соопштението на Мерцедес.
Повеќето од проблемите со коишто се соочуваат германските производители во Кина произлегуваат поради сопствени пропусти или се исход од тоа што во изминатите години се превиде брзиот подем на кинеските домашни производители, особено кај ЕВ.
Бидејќи електричните возила сега учествуваат со повеќе од половина во продажбата на нови автомобили во Кина, слабата понуда од целосно електрични модели од странските производители и нивната неспособност да држат чекор со технологијата што ја воведуваат иновативните новодојденци, става огромен притисок врз странските играчи.
Во првото полугодие, странските марки, како Фолксваген, БМВ и Мерцедес, заедно учествуваа со 43 проценти во продажбата на нови возила. За споредба, во истиот период лани, нивниот удел изнесуваше 50,5 проценти, објавува кинеското здружение за патнички автомобили.
Кинеската политика со помагање на домашните марки со масивни субвенции, им помогна тие да го зголемат својот удел на пазарот, но аналитичарите и директорите на автоконцерните велат дека домашните производители исто така создале структура на трошоци што е конкурентна. Покрај тоа, кинеските производители побрзо ги донесуваат автомобилите од цртачка табла во салон, што менаџерите го оценуваат како „кинеска брзина.“
„Германските производители едноставно немаат широка понуда од модели со електричен погон, како Кинезите,“ оценува Штефан Брацел, основач и извршен директор на Центарот за автомобилски менаџмент во германски Бергиш Гладбах.
„Кинеските играчи стануваат побрзи и подобри се во иновациите, што може да се види во конкурентноста, во нивната структура на трошоци. Западните филми не можат да држат чекор со нив со електирчните возила.“
Огромниот број на кинески производители на ЕВ, од коишто повеќето не само што добиваат субвенции од владата, туку уживаат помош и на регионално и локално ниво, доведе до тоа кинеското производство на автомобили да се соочува со прекумерни капацитети, што не може да се искористат доволно.
Бидејќи потрошувачката ослабна поради забавениот економски раст во Кина, домашните производители се најдоа загрозени, што понатаму водеше кон ценовна војна. Тоа, пак, врши дополнителен притисок врз западните производители, коишто треба да поднесат сметка пред акционерите дома.
Фолксваген, кој и натаму е најголем странски производител во Кина, одговори на предизвиците со тоа што дозволи поголема слобода во своите активности во Кина, како и со здружување со нови кинески компании што ветуваат многу и од коишто може да се научи како да се постигне „кинеска брзина.“ Фолксваген вложи во стартапот со електрични возила Експенг, за заеднички да се развиваат нови ЕВ за Кина. Концернот воедно вложи во Хоризон Роботикс, кинески производител на полупроводници што се вградуваат во возилата.
Соочувајќи се со конкуренција од кинеските производители, коишто се во предност со тоа што нудат понапредни дигитални функции од нивните соперници од Западот, Мерцедес на 10-ти октомври соопшти дека се работи на зајакнување на понудата од модели во Кина.
„Клучното портфолио од модели во Кина ќе добие понапредни интелигентни функции во текот на годината,“ стои во соопштението од Мерцедес.
Автомобилските менаџери не можат да дејствуваат против некои фактори што влијаат врз кинескиот пазар.
Во моментов е голема неизвесноста, како изборите во САД ќе влијаат врз трговските односи со Кина. Прашање е дали ќе победи потпретседателката Камала Харис или дали вториот мандат на Доналд Трамп ќе доведе до натамошно заострување на економските односи со Кина.
Европа изврши притисок врз Кина со воведувањето високи царини за кинеските електрични автомобили што се увезуваат во Унијата. Индустријата и политиката чека одговор, дали Кина ќе возврати, што понатаму ќе ја оневозможи Германија да се натпреварува со својата автомобилска индустрија во Кина.
„Уште е неизвесно како ќе одговори Кина,“ велчи Штефан Брацел. „Но, јасно е дека индустријата стравува дека кинеската влада ќе преземе нешто да им го отежни животот на европските производители.“















