Киа воведува пикап во својата понуда од модели и менува сé што светот досега научил да го очекува од возило од таков вид. Тасман ќе се разликува во дизајнот, во просторноста, во приспособливоста и безбедноста.
Кореската марка досега немала пикап во својата понуда, но затоа има 50 години искуство во конструирање и производство на возила за посебна намена, што меѓу другото вклучува и воени возила.
Тоа ја става јавноста во неизвесност околу првиот пикап на Киа, со име Тасман. Премиерата ќе се одржи на 29-ти октомври, во Џеда, повеќемилионски град со пристаниште во Саудиска Арабија. Настанот ќе се пренесува во живот на каналот на Киа на јутјуб.
Во последната најавна слика за новиот модел, Киа ја прикажува точната силуета на серискиот модел, којшто сепак ќе остане во сенка до премиерата. Тасман првпат ќе се појави пред светот на салонот на автомобили во Џеда.
Киа го најавува својот Тасман како пикап што е теренски способен и издржлив, практичен и многустран во широк опсег од видови на примена на возилото. Пикапот е развиен со цел да привлече, и купувачи што професионално ќе го користат возилото, и купувачи што имаат таков животен стил, каде што пикапот се подразбира.
Дел од технологијата што на Тасман му обезбедува врвна пробивност по теренот доаѓа од Киа Телјурајд, најголемиот СУВ што марката го нуди на пазарот во Северна Америка и со него постигнува одличен успех.
Техничарите и проект менаџерите извршија 1.777 различни видови на тестови, секој наменет за проверка на по едно подрачје, при што беа извршени преку 18.000 одделни тестирања.
















