Пежо изведе убедлив потфат за на светот да му укаже дека неговата животинска сорта е загрозена. Во рамките на кампањата Со Лавовски Погон (пауерд бај лајонс), на дел од најпрометните места во Париз беа поставени полначи за електрични автомобили во форма на лав.
Четирите лавовски полначи беа поставени на два дена. Секој од нив се поврзува со вистински лав, чијшто опстанок е обезбеден од страна на добротворната организација Борн Фри. Лавовите секако имаат имиња, тоа се Кинг, Тес, Даду и Саида. Соодветно и четирите полначи беа именувани според овие лавови.
На секој полнач беше поставен код за скенирање, што понатаму водеше кон апликација за донирање во корист на заштитата на лавовите. Средствата ќе бидат искористени за четирите лавови да добиваат квалитетна храна и стручна грижа. Тие живеат во резерватот Шамвари во Јужна Африка, за којшто се грижи Борн Фри.
Поставувањето на полначите во Париз беше придружено со сеопфатна кампања на друштвените мрежи и дигиталните канали, на сите пазари и на вебсајтовите на Пежо. Кампањата понатаму води кон страница на којашто можат да се добијат подробни информации за грижата за лавовите и да се донира.
На штандот на Пежо на салонот во Париз, што трае до 20-ти октомври, поставена е скулптура во форма на лавовските полначи за електрични автомобили.
Шефицата на Пежо, Линда Џексон, вели дека „лавот е срцето што чука“ на Пежо. Лавот како заштитен грб на марката, се наоѓа насекаде во автомобилите на марката. Француската марка е воедно и во улога на образовен партнер, што „ја подржува работата на Борн Фри во нивниот придонес за опстанокот на лавовите и за сочувуѕвањето на животната средина. „Образованието исто така е во срцето на нашата посветенот“, додава извршната директорка.
Пежо во овој период ќе насочи 60 проценти од предвидениот буџет за маркетинг во корист на добротворната организација Борн Фри, со седиште во Обединетото Кралство. Организацијата ќе добие од Пежо и возен парк од неколку примероци од пикапот Ландтрек.
Кампањата може да се погледне на следната врска:
Вил Траверс, основач на Борн Фри, вели „електричните возила и полначите сé повеќе стануваат дел од нашите животи. Но, благодарение на полначите Лајон на Пежо, тоа секојдневие го издигнавме во нешто што елеткризира, нешто што луѓето сакаат да го користат и да го обожуваат.“
















