Џим Роуан го откажа планот на шведскиот производител до 2025 година да ја зголеми продажбата на 1,2 милион возила. Шефот предвидува дека светската продажба во следните години ќе остане на сегашното ниво, поради големите промени што се случуваат во Кина.
Волво повеќе не очекува дека во следната година ќе постигне продажба од 1,2 милион автомобили на светскиот пазар.
Таа цел отпадна заедно со откажувањето на планот, Волво до 2030 година да прерасне во производител исклучиво на електрични автомобили. Сегашните очекувања на Волво се електричните возила да учествуваат со 90 проценти во продажбата на марката во 2030 година. Преостанатите десет проценти ќе им припаѓаат на модели со благ и приклучен хибриден погон.
Волво исто така се откажа од бизнисот со претплата на автомобил, како и од намерата за половина од продажбата во светски рамки да се постигнува преку онлајн-канали во 2025 година.
Извршниот директор на Волво, Џим Роуан, кажа дека забавувањето на кинескиот пазар била главната причина за производителот да отстапи од целта за продажбата во 2025 година. Втора причина се царините за ЕВ што се увезуваат од Кина во Европската Унија и во САД. Волво го произведува својот популарен модел Е Икс 30 во Кина.
„Кинескиот пазар се смени од корен во последните две или три години,“ кажа Роуан. „Тамошниот пазар на нови автомобили се смали, поради тоа што таму сега постои голем пазар на користени автомобили, со коишто Кина досега не располагала во толкав обем.“
Во минатото, купувачите на автомобил од средна класа во Кина, кои за првпат можеа да си дозволат нов автомобил, обично избираа модел од западните марки, наведува Роуен. Развојот на пазарот на користени автомобили во Кина доведе до намалување на таа побарувачка – но, за западните марки беше уште повеќе погубен развојот на домашните производители на електрични автомобили.
„Тоа значи дека има помалку нови автомобили во целиот систем,“ објаснува Роуен.
Пазарните аналитичари ИНГ во август предвидоа дека „во втората половина од оваа година ќе продолжи забавувањето во растот во продажбата на нови автомобили.“ Тие наведоа дека „користените автомобили почнаа да стануваат попривлечни.“
Светската продажба ќе остане на истото ниво
Роуен очекува дека Волво ќе расте и покрај тие промени, дури и во услови кога светскиот пазар ќе остане на сегашното ниво. Тој го предвидува тоа за следните неколку години, исто како уште неколку шефови во браншата, вклучувајќи го извршниот директор на Бош, Штефан Хартунг.
„Не знам колку брзо ќе расте премиум пазарот, но јас ќе постигнам уште поголем раст од тоа, преземајќи им го пазарниот удел на моите конкуренти,“ вели Роуен.
Волво засега се одржува добро и не го следи негативниот тренд. Во првите осум месеци, светската продажба на Волво порасна за 11 проценти, на 498.464 возила. Швеѓаните се на пат втора година по ред да постават нов рекорд во продажбата, односно тоа ќе им успее по седми пат во изминатите 10 години.
Волво сепак бележи пад во Кина каде што продажбата до август опадна за 8 проценти, на 100.122 возила. Тоа се должи на фактот што Волво не го продава во Кина својот малечок електричен СУВ-модел Е Икс 30, којшто се произведува во земјата, за да избегне влегување во жестоката ценовна војна што се случува таму.
„Не се натпреварувам во долниот крај на БЕВ-сегментот во Кина,“ кажа Роуен. „Ако таму продавате само батериски електрични возила и се наоѓате во долниот крај на пазарот, тоа не ви е најсоодветното место.“
Место тоа, најновиот модел на Волво за Кина е целосно електричниот луксузен ван ЕМ90, којшто дебитираше лани во ноември и наменет е посебно за кинеските купувачи. Волво до август продаде 1.187 примероци од ЕМ90, но во минатиот месец беа само 85 примероци.
Постојан раст
Роуан посочи дека на Волво му одговара моментната позиција што марката ја има во Кина.
„Ако во моментов сте во Кина и имате марка со богато наследство и имате верна база од клиенти, добра дилерска мрежа, докажани приклучни хибриди и благи хибриди, тоа значи дека уште можеме да растеме,“ кажа шефот. „Тоа ќе биде скромно, но уште можеме да растеме.“
Друг предизвик со којшто се соочува компанијата што е во сопственост на Џили, е тоа што Волво се најде во вкрстен оган во трговскиот спор на ЕУ и Кина, поради масивната помош од Пекинг за домашните производители на ЕВ. Волво во Кина произведува ЕВ што во САД и во ЕУ се погодени од високи царини.
Поради тие царини задоцни почетокот на продажбата на Е Икс 30 во САД, а можно е дека царините ќе ја погодат и продажбата на Волво во Европа. Малечкиот СУВ тука е трет најпродаван ЕВ, веднаш по Тесла Модел Ипсилон и Модел 3.
ЕУ предложи Џили, матичниот концерн на Волво, да биде оптоварен со царина од 19,3 проценти, што ќе се пресметува дополнително на досегашните 10 проценти што важи за увоз од Кина. Тоа ќе влијае врз цената на Е Икс 30, што во Германија во моментов чини 39.790 евра.
За да го избегне тоа, Волво ќе започне Е Икс 30 да го произведува во Гент, Белгија, што треба да се случи в година, но ќе треба да се почека втората половина од 2025 година, додека продукцијата се пушти под полна пареа.
















