Концернот на Пежо и Фиат почна да бара заменик за Тавареш

Поранешниот шеф Карлос Тавареш покрај електрична Алфа Ромео Јуниор 280 Велоче на авто-фестивалот Карамуло

Претседателот на концернот Стелантис, Џон Елкан, почна да бара наследник за извршниот директор Карлос Тавареш, чијшто менаџерски договор истекува во почетокот на 2026 година.

Стелантис соопшти дека било вообичаено тоа што почнала потрагата по заменик или заменичка за Тавареш, имајќи предвид дека договорот му истекнува во јануари 2026 година. Постои можност Тавареш да остане да ја обавува функцијата,откако ќе му биде продолжен договорот.

Расте притисокот врз Тавареш поради слабата продажба на Стелантис на одредени пазари, вклучувајќи ги САД, како најголем единечен извор на профит.

Елкан нема намера веднаш да го смени лидерството и Тавареш ќе биде вклучен во постапката на барање на наследник или наследничка, кажуваат лица што се упатени во случувањата.

Сепак расте незадоволството на Елкан од состојбите во Северна Америка, каде што забавува продажбата и неколку директори си заминаа од компанијата, кажуваат извори што бараат да останат анонимни затоа што се работи за интерни процеси.

Извор што е близок до Елкан, кој е воедно најголем акционер во Стелантис, преку холдинг компанијата Ексор што е во сопственост на фамилијата Ањели, напоменува дека тековните случувања не биле поттик да се почне со барање наследник. Место тоа, изворот посочува дека потрагата по нов извршен директор ќе биде долга и сложена постапка.

Од Ексор не ги коментираат објавите.

Тавареш, 66 годишник, кој раководи со Стелантис уште од основањето во 2021 година, создаде еден од најпрофитабилните концерни во браншата. Тој неодамна беше изложен на притисок да го подобри проблематичното работење на производителот на автомобили во Северна Америка. Поради големиот пад во продажбата и во добивката, вредноста на акциите годинава падна за повеќе од една третина.

Тавареш одреди строг курс за скусување на трошоците, поради потешкотиите со коишто производителот на автомобили се соочува во САД. Во исто време забавува побарувачката за електрични автомобили во Европа и се заострува конкуренцијата од кинеските производители.

Во САД, марките Џип и Крајслер се соочуваат со големи непродадени залихи од возила, со проблеми околу квалитетот и со губење на пазарниот удел.

Во почетокот на месецов, лидерите на мрежата од дилери на Стелантис во САД упатија критики до Тавареш, поради тоа што дозволил „брза деградација“ на марките на концернот, меѓу коишто спаѓаат уште Рам и Доџ. Тие побараа од шефот да ги зголеми вложувањата и да ги исчисти натрупаните плацеви со непродадени авотмобили. Компанијата исто така се соочува со можни штрајкови во САД и Италија во следните седмици.

Решавањето на проблемите во САД ќе биде од „клучна важност“ за Стелантис до завршетокот на годинава, кажа директорката за финансии Натали Најт на 23-ти септември. Таа додаде дека компанијата работи напорно во изнаоѓање решенија од коишто ќе бидат задоволни сите акционери, како и дилерите.

Стелантис неодамна го откажа вложувањето во вредност од 406 милиони долари во три фабрики во Мичиген.

Продавање на марките

Тавареш побара дополнителни скусувања на буџетот со цел да се заштити профитабилноста. Тоа поттикна загриженост дека притискањето да се зголеми ефикасноста може да ги загрози долгорочните проекти и приходи, кажуваат извори.

Тој скуси работни места и го смали капацитетот во американските фабрики, откако падот во продажбата во САД речиси ја преполови добивката во првото полугодие. Тој продаде дел од имотот и ја стави во игра можноста за една или повеќе од 14-те марки да бидат продадени, за да се заштити профитот.

Управниот одбор на Стелантис треба да одржи средба во САД на 9-ти и 10-ти октомври, за да ги оцени плановите за санирање на компанијата во регионот, напоменуваат изворите.

Тавареш доби мошне позитивни оцени со неговото големување на ефикасноста во првите години по здружувањето на Фиат Крајслер и ПСА Група во Стелантис, што му донесе голема добивка на концернот.

Во месеците по пандемијата, Стелантис искористи од натрупаните нарачки и од високите цени на возилата. Вредноста на акциите достигна врв пред околу половина година. Производителот на автомобили пријави пад во добивката од 48 проценти за првото полугодие.

Претходна објаваНовиот шеф на Волво има намера да им го презема пазарниот удел на конкурентите
Следна објаваКако Киа си ја поправи продажбата во Кина

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here