Опел Корса најпродаван модел на македонскиот пазар во јули

Составот на најпродаваните модели на македонскиот пазар во јули годинава е несомнена потврда дека автомобилската сцена се враќа на нормалниот избор на автомобил. Место премиум лимузина од плац за користени, повторно се избира автомобил од градската класа, точно како во времето кога во Македонија годишно се продаваа далеку повеќе од 10.000 нови автомобили.

Од петнаесетте модели што се наведени во неофицијалната статистика за продажбата на нови автомобили на македонскиот пазар за јули годинава, дури шест модели се автомобили од градската класа, односно „Пунто и Поло“. Вториот најзастапен сегмент се СУВ-моделите од истата таа градска класа, односно во основата кросовер-изведби од класичните комбилимузини.

Тоа е сегментот што напредуваше најмногу во изминативе години и доспеа да биде најпродаван сегмент на европскиот пазар денес. Овие СУВ-модели од Б-сегментот главно ги заменија класичните комбилимузини и лимузини од компакт класата, односно „Голф и Астра“. Секако не недостигаат и класичните комбилимузини и големи имиња во компакт класата, како Тојота Корола или Шкода Октавиа.

За луксузот, тука е Киа Спортаж, најпродаван модел на македонсиот пазар во првите седум месеци, со вкупно 186 испорачани возила, од кои 24 во јули.

Херојот во јулската продажба е Опел Корса, модел што традиционално се продаваше масовно на македонскиот пазар пред да биде заменет со „бемве петка“ од бугарските плацеви, откако во 2010 година беа укинати сите дотогашни правила за увозот на возила на македонскиот пазар и сцената се претвори во автопанаѓур.

Тоа што најмногу разочарува, покрај многуте, ако не и сите нешта што им се препуштаат на Влада и Парламент, е што во цела деценија и пол од 2010 година наваму, државата не презеде ниту еден чекор да ги заштити граѓаните од вложување во користени автомобили со лажирана километража и прикрпена поправка, што брзо завршија во отпад. Граѓаните требаше сами да почувствуваат на сопствениот џеб, дека нештата со полираните лимузини со гнила механика не може да функционираат во реалноста.

Правилото – не сум доволно богат да купувам евтино

Тоа го објаснува враќањето на градските модели во продажбата, освестувањето на купувачите и уверување во одамна напишаното правило за коешто беа свесни генерациите пред инстаграм и тикток – не сум доволно богат да купувам евтино.

Најпродавани модели во Македонија во јули 2024

Марка и модел

Јули 2024

1 Опел Корса 47
2 Шкода Камик 42
3 Пежо 2008 39
4 Ситроен Це-3 28
5 Киа Спортаж 24
5 Хјундаи Тусон 24
7 Фиат Дукато 23
8 Фолксваген Поло 20
9 Пежо 208 17
9 Шкода Карок 17
9 Тојота Корола 17
n/a Шкода Октавиа 15
n/a Дачиа Дастер 9
n/a Рено Клио 8
n/a Шкода Скала n/a

По Опел Корса, со 47 испораки во јули и 172 испораки од јануари до јули, следат вечниот фаворит Шкода Камик, со 42 возила (166 до јули) и Пежо 2008, на којшто фејслифтот му се погоди во вистинското време и за јули запиша 39 испораки (140 за седум месеци).

Водечката петорка ја заокружува Ситроен Це-3, којшто наскоро се заменува со нова генерација. Според неофицијални информации, новиот модел се очекува да се продава по цена од околу 18.000 евра во основната изведба. Тоа несомнено ќе значи продолжување на традицијата на овој модел на Ситроен, којшто е во духот на македонскиот автомобилски пазар уште од Саксо наваму.

Електричниот буџет-модел Ситроен е-Цe3 има за цел да им се спротивстави на кинеските соперници, на пазарот на достапни електрични модели.

Петти најпродаван модел е Киа Спортаж, којшто води пред близначката Хјундаи Тусон со 47 продадени примероци од јануари до јули. Во сегментот прв конкурент им е Шкода Карок, со 17 продадени возила во јули, на 9-то место.

Фиат Дукато на 7-то место на најпродавани „автомобили“ ја потврдува вештата работа на Аутомобиле СК во флотната продажба.

Поло и 208 уште се „бркаат“ и во 2024 година, откако германскиот класик доби силна конкуренција во 2000-те со легендата Пежо 206.

Најпродавани модели во Македонија, јануари до јули 2024

Марка и модел

До јули 2024

Киа Спортаж 186
Опел Корса 172
Рено Клио 167
Шкода Камик 166
Дачиа Дастер 165
Шкода Октавиа 154
Пежо 2008 140
Ситроен Це-3 140
Хјундаи Тусон 139
Шкода Скала 114
Тојота Корола 83

Тојота Корола ја одигра историски најубедливата улога во оваа генерација и со години беше на врвот на продажбата. До јули, лимузината е продадена во 83 примероци. Конкуренцијата доаѓа главно од Јарис Крос како подостапен и СУВ избор, но и од Ц-ХР, како повисока алтернатива. Зошто овие два модели не се појавуваат во статистиката, тоа веројатно се должи на фактот што станува збор за неофицијални податоци, а тоа обично значи и некомплетни.

Сузуки исто така отсуствува постојано на листата, иако јапонската марка според продажбата секако дека се изборува за место во Топ 10.

Резултатот на Шкода Октавиа повеќе е веродостоен според вкупната продажба до јули, со 165 испораки. Слично постигнал и Рено Клио, со 167 возила. Списокот го заокружува Шкода Скала, четврти модел на чешката марка во Топ 10. Не случајно, Шкода е најпродавана марка во јули.

Порше Македонија, патем, се оградува од податоците во статистиките што се објавуваат на Аутомедиа. Друг голем увозник укажува дека „се срамиме кога ќе ни побараат статистика, а ние треба да им одговориме дека не располагаме со такви податоци“. На тоа може да се коментира само едно: Зошто токму во автомобилската сфера би било различно, од сите други сфери што не функционираат правилно во државава.

За општите пазарни движења во јули, повеќе во претходната објава.

Претходна објаваКако производителите неосетно ги смалуваат цените
Следна објаваНовиот Фолксваген Транспортер со дизел, хибриден и електричен погон

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here