Како производителите неосетно ги смалуваат цените

БМВ во Германија го нуди и-Икс во изведбата „Едишн Спорт“ со металик лак и тркла од лесен метал по цена на основниот модел.

Во времето на чип-кризата, продукцијата на автомобили се смали значително, поради тоа што ограничениот број чипови се чуваше за поскапите модели. Основните модели не беа достапни, за нив не остануваа чипови. Понудата беше помала од побарувачката, а тоа секогаш води кон поскапување. Производителите не се двоумеа долго за да ги качат цените. Попусти не постоеја, се продаваше по цена од ценовник.

Според здружението на германските проценители на автомобили, просечната цена на новите автомобили што беа продадени во земјата во 2020 година изнесувала 36.340 евра. Лани, просекот бил зголемен на дури 44.630 евра, што прави разлика од 8.290 евра, односно близу 23 проценти.

Но, во меѓувреме се смени пазарот (сите примери важат само за германскиот пазар) и производителите сега имаат проблем. Автомобилите повеќе не може да се продаваат по истата цена како во чип кризата и веднаш по неа. Медот мора да се врати во теглата, и најдобро е тоа да биде неосетно.

Прикриени попусти

Голем дел од производителите настојуваат да го постигнат тоа преку прикриени попусти, со тоа што воведуваат нови основни нивоа на опременост или додаваат повеќе ставки во постоечките пакети. Постојат бројни примери. БМВ, на пример, го нуди и-Икс во изведбата „Едишн Спорт“ со металик лак и тркала од лесен метал по цена на основниот модел.

Кај Мерцедес Е-Ку-С, Хајперскринот сега се вградува сериски, додека порано кај послабите моделски изведби тој чинеше 7.200 евра доплата. Рено додаде нови нивоа на опременост кај Меган Е-Тек. „Оптимум Чарџ“ стана „Комфорт Рејнџ“. Цената на основната моделска изведба сега изнесува 35.600 евра, што е за 6.700 евра помалку.

Нови основни изведби кај Тојота РАВ4

Кангу Е-Тек сега стандардно доаѓа со мултимедискиот систем Изи Линк и со дигитални инструменти, по цена од 35.850 евра, што е за 3.550 евра помалку. Тојота воведе нова основна изведба за РАВ4 Плагин-Хибрид, којашто чини 52.790 евра и воедно ги смали цените за постоечките варијанти за 3.000 евра. Не е ново тоа што Тојота и на македонскиот пазар го следи примерот, па изведбата на РАВ4 со приклучен хибриден погон и кај нас во моментов се добива по акциска цена што е 2.000 евра под редовната, почнувајќи од 52.290 евра.

Списокот е долг. Тоа што производителите се многу внимателни со цените, не е случајност. „Избегнувајќи намалените цени да ги стават на билборди, производителите и увозниците ја сочувуваат преостанатата вредност на автомобилите“, објаснуваат од Здружението. Доколку со попустите се настапува гласно, тоа ќе ја смали вредноста на продадените автомобили од тој модел, односно ќе им наштети на клиентите.

Задржување на преостанатата вредност

Кога се смалува цената на новите автомобили, мора соодветно да поевтинат и користените, за тие да останат привлечни за купувачите. Понудувачите на возила на лизинг и автомобилските банки, во спротивно не можат да ги постигнат цените што ги пресметале претходно, кога ќе им се вратат возилата од лизинг. Тоа значи губење пари.

Поволните услови за финансирање, како и регистрирањето возила на име на фирма, исто така се омилени алатки, за неосетно да се смалат цените, објаснуваат од Здружението. „Едното или другото однесување го забележуваме речиси кај сите марки.“

Тесла ги разгневи клиентите

Тесла е пример кога нештата ќе тргнат наопаку. Производителот од САД постојано настапуваше со попусти од неколку илјади евра и привлекуваше внимание, но со тоа го навлече врз себе гневот од приватните купувачи што пред тоа го купиле истиот модел по повисока цена.

Истото важи и за фирмите, како рентакар-компаниите, на коишто им се наруши математиката. Поради тоа, Сикст ги продаде сите возила Тесла и ги раскина сите договори со нив.

Германските проценители не очекуваат дека новите автомобили ќе поевтинуваат. „Со самите закони на ЕУ, што бараат дополнителни системи за безбедност и построги норми за издувни гасови, автомобилите ќе продолжат да поскапуваат.“

Претходна објаваПежо Е-3008 и Е-5008 со најдолг електричен досег во класа
Следна објаваОпел Корса најпродаван модел на македонскиот пазар во јули

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here