Договорот на Стелантис со рентакар компанијата Сикст опфаќа 250.000 возила, вклучувајќи лимузини, СУВ и пикапи од сите марки на концернот, од Алфа Ромео и Крајслер, преку Ситроен, Фиат, Џип, Опел, Пежо, до РАМ и Масерати.
Стелантис ќе испорача 250.000 возила на Сикст во договорот што следи по само неколку недели, откако најголемата компанија за изнајмување автомобили во Европа соопшти, дека се откажала од натамошно користење на електричните возила на Тесла во својот возен парк.
Првите испораки што се дел од нарачката вредна повеќе милијарди евра, ќе започнат веќе во тековното тромесечје, објавија компаниите во вторникот.
Возилата – вклучувајќи модели со мотор со внатрешно согорување, приклучни хибриди, но и батериски електрични возила – ќе бидат дел од возниот парк што Сикст ќе им го нуди на своите корисници во Европа и Северна Америка во следните три години.
Опфатени се сите категории возила, од лимузини, преку СУВ, до пикапи, од сите марки на коцнернот – Алфа Ромео, Крајслер, Ситроен, Фиат, Џип, Опел, Пежо, РАМ и Масерати.
Компаниите за изнајмување возила ги откажаа плановите за да вклучат електрични возила во својот возен парк, главно од Тесла, поради тоа што американскиот производител на електрични возила скапо го наплаќа сервисирањето, а уште повеќе поради тоа што масивните поевтинувања на автомобилите на Тесла, им направија загуба на рентакар-компаниите, затоа што и тие по договорниот период ќе мора да ги продаваат возилата поевтино. Тоа им го урива бизнисот.
Сикст уште во декември најави дека ќе се откаже од марката на Илон Маск, посочувајќи го како причина токму масивното поевтинување на новите возила, со што американскиот производител сакаше да ја засили продажбата.
Претставник од Сикст кажа дека нарачката од Стелантис не е поврзана со одлуката на компанијата да ги продаде возилата Тесла во својот парк.
Никој нема повеќе дефекти од Тесла Модел 3, покажува извештајот на ТУВ
Уште еден светски гигант во изнјамувањето автомобили, Херц Глобал Холдингс, месецов соопшти дека планира да продаде една третина од електричните возила во својот возен парк во САД, наведувајќи ги како причина слабата побарувачка и високите трошоци за одржување.
Компанијата преку својот вебсајт ги продава возилата Тесла Модел 3 по цена под 18.000 долари. Тоа е вистински показател колку автомобилите на Илон Маск изгубиле од вредноста.
Сикст и натаму планира да електрифицира 90 проценти од својот возен парк во Европа до завршетокот на деценијава. Во 2022 година, компанијата потпиша договор со кинескиот БИД, за купување 100.000 електрични возила во период од шест години.
















