за

Никој нема повеќе дефекти од Тесла Модел 3, покажува извештајот на ТУВ

Не постои друг автомобил што во последно време бил враќан толку често од технички преглед во станиците на германскиот ТУВ, од Тесла Модел 3.

Најновиот извештај од дефектите што контролорите на ТУВ ги откриле кај возилата во дванаесетте месеци поминати од последниот извештај на ценетото германско здружение за техничка исправност, донесе бројни изненадувања и разочарувања, меѓутоа засега еден автомобил води: Тесла Модел 3, најрасипливиот автомобил според ТУВ Репорт 2024.

Тесла Модел 3 има технички проблеми далеку повеќе од просекот на сите автомобили. Во просек 14,7 проценти од примероците од Тесла Модел 3, стари две до три години, добиваат забелешка за „големи недостатоци“ од страна на контролорите на ТУВ, при редовниот технички преглед на возилата во Германија, пред регистрација.

Американскиот електричен автомобил со тоа го заслужи само 111-то и последно место во најновиот ТУВ Репорт 2024. Дури и Дачиа Логан, на претпоследното место, со 11,4 проценти дефектни возила е подобра од автомобилот од компанијата на Илон Маск.

Поразителниот резултат не се поврзува со електричниот погон, затоа што е голем бројот на други модели со погон на струја, што се одлично пласирани. Кај е-Голф, на пример, квотата на дефекти изнесува 2,6 проценти, што е вредно за 4-то место во вкупен пласман. Исто и Рено Зои сé уште е добро пласирана на 49-то место.

„Кај електричните автомобили е исто како кај автомобилите со мотор со внатрешно согорување: Некои се добри, други се лоши“, коментира Јоаким Билер, директор на ТУВ.

Според оцените на ТУВ, за лошите резултати на Тесла има големо влијание и тоа што Тесла нема предвидено нормални временски растојанија или километражи кога возилата треба да се однесат на редовна сервисна проверка. Поради тоа, возилата сообраќаат непроверени.

„Не очекувавме дека Тесла Модел 3 ќе помине толку лошо. Резултатот ја потврдува нашата хипотеза дека и електричните автомобили мора редовно да се носат на сервисирање“, објаснува експертот на ТУВ, Јирген Волц.

Непостоењето сервисни интервали штети на имиџот на Тесла

Постојат низа недостатоци што почесто се појавуваат кај електричните автомобили и коишто се од технолошка природа. Често се наоѓаат дефекти кај сопирачките, коишто поретко се користат, поради рекуперацијата, а од тоа трпи нивната ефикасност. Друг чест проблем е водењето на тркалата, суспензијата. За тоа е виновна високата тежина на возилата, поради батеријата. „Последица се негативни оцени при техничкиот преглед и скапи поправки“

Овие проблеми се однесуваат и на Модел 3. Покрај дефекти во водењето на тркалата, Тесла има натпросечно често проблеми со сопирачките и со светлата. Останатите модели на Тесла не се земени предвид во Извештајот, затоа што нивниот број е премал за да бидат опфатени во статистиката.

Билер кажува дека тоа што електричните автомобили првпат се појавуаат во поголем обем во извештајот на ТУВ покажува дека технологијата веќе омасосува, „ерата на електричните автомобили почнува со овој ТУВ Репорт.

Концернот Фолксваген на врвните позиции

Најдобрите автомобили годинава доаѓаат од концернот Фолксваген. На првото место меѓу автомобилите стари меѓу две и три години, се наоѓа Голф Спортсван, со квота на дефекти од само два проценти. На второто и третото место се Ауди Ку2 (2,1 проценти) и Ауди ТТ (2,5 проценти).

Земено за сите класи на старост заедно, уделот на возила со големи дефекти е зголемен за 0,3 процентен бод во споредба со лани и изнесува 20,5 проценти. „Се приближуваме на нивото како пред корона“, загрижен е Билер. За време на пандемијата, помалку се возеа автомобилите и соодветно беше намалена квотата на дефекти на 17,9 проценти. Најчести дефекти се наоѓаат во светлата, подвозјето, сопирачките и се утврдува протекување масло од моторот.

Колку се постари, толку се поопасни

Исто како и во минатите години, просечната старост расте. Откако во 2022 година, просекот се намали од 9,8 на 9,6 години, за 2023 година просекот се качи на 10,0 години. Во 2000 година, просечната старост на возилата во германскиот возен парк била 6,9 години. „Возилата станаа подолготрајни“, објаснува Билер. Во исто време, автомобилите поскапеа значително и поради тоа голем дел од возачите не сакаат или не можат да си дозволат нов автомобил.

Тоа донесува нови проблеми: „Како што стареат возилата, така растат и дефектите“, кажува Билер. Тоа се покажува во новата класа на старост што е воведена годинава, за возила меѓу 12 и 13 години. Во оваа класа на старост, на дури 28,9 проценти од возилата им се откриваат големи дефекти при технички преглед. За споредба, возилата стари две до три години, имаат просек од 5,7 проценти.

Со најмалку дефекти се јавуваат повторно моделите од концернот Фолксваген. Прв е Ауди ТТ со 15 проценти, по него е Голф Плус (20,7 проценти). Не е изненадување третото место за Тојота РАВ4 со 21,3 проценти.

На спротивниот крај се наоѓа концернот Рено, со Дачиа Логан (40,9 проценти од возилата стари 12 до 13 години се дефектни) и Рено Твинго (39,9 проценти).

Во групата на возила стари 4 до 5 години, повторно е прв Голф Спортсван, пред Т-Рок. Меѓу 6- и 7-годишниците, прва е Мазда ЦеИкс-3, додека кај возилата стари осум до девет години, најдобра е Мерцедес Б-Класа.

По класи, меѓу возилата стари две до три години, кај мини-автомобилите е прв Опел Карл, меѓу градските модели води Пежо 208, прв кај компактите е е-Голф. Во средната класа победува Мерцедес Ц-Класа, меѓу СУВ0-моделите е најдобар Ауди Ку2, додека водач кај вановите е Голф Спортстван.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Убер отсега доаѓа и да ја искоси тревата во дворот

ТУВ: Пежо 208 со најмалку дефекти во категорија до три години старост