Пежо Е-3008 и Е-5008 со најдолг електричен досег во класа

Пежо доби и службена потврда дека изведбите со продолжен досег (лонг рејнџ) на Пежо Е-3008 и Е-5008 во услови на тестирање според нормата ВЛТП минуваат по 700, односно 668 километри со полна батерија. Тоа е рекорд во класата.

Пежо ги има моделите со коишто може да се минат најмногу километри со полна батерија во класата на компактни СУВ модели со батериски електричен погон. Со тоа се потврдува делотворноста на новата платформа СТЛА-медиум, што нула-нула-осумките на Пежо ја добија први во целиот концерн Стелантис.

Марката со лавот направи споредба, дека со тој досег, во реални услови на возење може да се патува од Париз до Ница, на растојание од 930 километри, со само две запирања по пат, за батеријата да се наполни. На конкуренцијата за тоа би ѝ биле потребни најмалку три запирања и приклучувања на полнач.

Двете нови моделски изведби со продолжен досег го користат новиот електромотор од 170 кВ (230 КС) што е од сопствен развој и производство, во комбинација со батерија со високи перформанси од 96,9 кВч.

Посебноста од батеријата во „лонг рејнџ“ изведбите е во тоа што се постигнува поголем досег при исти габарити на батеријата, во споредба со моделите со помала батерија. Тоа значи дека не се смалува ниту багажникот, ниту просторноста во кабината.

Во батеријата е изведен систем за одржување на температурата, којшто меѓу другото овозможува полнењето да се врши со моќност до 160 кВ. Во тој случај, батеријата од близу 100 кВч се полни од 20 до 80 проценти за 27 минути. Ориентациски може да се земе дека 10 минути полнење обезбедуваат енергија за 150 километри пат.

Двете моделски изведби Лонг Рејнџ ќе бидат изложени на салонот во Париз, што се одржува од 14-ти до 20-ти октомври.

Во отсуство на државни субвенции што на купувачите ќе им го олеснат купувањето електричен автомобил, најдостапната изведба на електричниот Пежо Е-3008 на македонскиот пазар чини 57.330 евра, наспроти 35.780 евра за моделот со благ хибриден погон со 136 КС и автоматик.

Пежо 3008 во хибридна изведба веќе беше на тест возење во Аутомедиа

Претходна објаваБредли Купер главен лик во рекламата за електричната Мерцедес Г-Класа
Следна објаваКако производителите неосетно ги смалуваат цените

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here