
Секој модел на Опел отсега е достапен во верзија со целосно електричен погон. Понудата се заокружи со втората генерација на компактниот СУВ-модел Грандленд и помалата Фронтера, што доаѓа во замена за Кросленд. Двата модели стартуваат со продажба годинава.
Тоа претставува голем чекор во правец на крајната намера на марката, да се премине на продажба исклучиво на целосно електрични автомобили, кажува извршниот директор Флориан Хуетл. Фронтера, којашто ќе чини под 30.000 евра и конструирана е врз платформата Смарт Кар на концернот Стелантис, претставува одговор на Опел за достапните електрични автомобили од Кина.
Уредникот на Аутомотив Њуз Европа, Питер Сигал, зборуваше со Хуетл околу патот на Опел кон целосна електрификација, за новите модели на германскиот производител и за плановите за проширување на извозните пазари.
Дали поставениот рок на Опел, во 2028 година целосно да се премине на електричен погон, сега е пофлексибилен откако пазарот на ЕВ забави?
Флориан Хуетл: Во моментов се водат бројни дискусии околу патот на електрификацијата. За нас, нема двоумење дека иднината е електрична, и тоа од две причини. 1) Цениме дека ЕВ се подобри автомобили, од причините што ни се познати: забрзувањето, смиреноста, отсуството на бучава, можноста да се вози без да се користат фосилни горива. 2) Електричната мобилност ја гледаме како единствен изводлив начин за еден големоволуменски производител да стане карбоински неутрална компанија, што ни е обврска во концернот Стелантис, којашто треба да ја исполниме до 2038 година. Годинава, Опел ќе стане првиот германски производител што располага со целосно електрифицирана понуда. Со воведувањето на Фронтера и на Грандленд, секој модел во нашата понуда од патнички автомобили ќе биде достапен со избор на погони, што вклучува и батериски електричен погон. Оваа мулти-енергетска стратегија ни овозможува добра позиција за подемите и падовите што е сосем извесно дека ќе се случуваат на патот на електрификацијата.
Дали постои можност Опел по 2028 година и натаму да продава возила со мотор со внатрешно согорување (ИЦЕ), покрај своите ЕВ?
Ние самоуверено го следиме нашиот пат кон електрификацијата. Денес сме веќе подготвени за тоа што може да се случи во следните неколку години. На крај, ние сме целосно обврзани да преминеме на целосно електрична поинуда и нашиот пат е многу јасен. Мулти-енергетските платформи се исклучително важни за првиот чекор во насока на електрификацијата. Тие ни помагаат да ги пребродиме влијанијата врз производствената мрежа. Во следниот чекор, нашите идни модели ќе бидат само електрични.
Дали лансирањето на подостапните ЕВ, каква што е Фронтера, ќе даде нов поттик во продажбата на целосно електричните модели на Опел?
Дефинитивно. Неопходно е постојано да ја подобруваме нашата понуда и да ја правиме попривлечна и подостапна. Тоа е клучен услов за да бидеме конкурентни во сегментот на ЕВ. Фронтера ни е мошне важна – годинава направивме клучен чекор, за електромобилноста да ја направиме попривлечна, со тоа што ја понудивме Корса Електрик со цена под 30.000 евра. Фронтера е следниот чекор во достапноста на ЕВ, со цена од околу 29.000 евра, за СУВ-модел што е практичен и има функционалност на семеен автомобил. Новиот Грандленд исто така е мошне важен. Со него добиваме целосно електричен компактен СУВ, што се натпреварува во мошне динамичен сегмент.
Опел сега располага со неколку модели со новиот 48-волтен хибриден систем на Стелантис. Дали тоа ви дава поголема флексибилност во бројот на батериски електрични автомобили (БЕВ) што мора да ги продадете, за да ги исполните построгите лимити за емисија на карбон, што стапуваат на сила во 2025 година?
Во 2025 година, европските лимити за емисија на карбон ќе се заострат, и нашата мулти-енергетска понуда што ја имаме денес ни овозможува да се обратиме на поширок круг купувачи, вклучувајќи ги тие што уште не се подготвени за целосно ЕВ. Тие можат со хибрид да го отпочнат своето патување кон електромобилноста. Хибридите што ги воведовме годинава нудат извесни предности во електрификацијата, вклучувајќи можност да се вози целосно на струја при пониски брзини, и тие имаат свој придонес за исполнувањето на нашите вкупни цели за ЦО2.
Колкав процент на целосно електричните возила целите да постигнете во продажбата во следната година?
Целта ни е да го зголемиме нашиот микс. Во 2023 година, продадовме околу 90.000 ЕВ од вкупно 670.000 автомобили, што е малку повеќе од 13 проценти. Чекор по чекор, како што ја прошируваме нашата понуда од ЕВ до завршетокот на годинава и правиме таа да биде попривлечна и подостапна, извесно е дека уделот на ЕВ ќе се зголеми.
Опел наскоро треба да претстави иден модел, базиран врз платформата СТЛА Медиум, којшто е предвиден само за електричен погон. Но, друг нов модел од вашата сестринска марка Џип, којшто ќе ја користи истата платформа, ќе нуди и хибридна изведба. Дали Опел исто така ќе нуди избор на хибрид?
Не можам да коментирам за гласините што се однесуваат на фабриките и моделите што ќе се произведуваат во нив. Тоа што можам да го кажам: Во иднина, секој нов модел на патнички автомобил, по Фронтера и Грандленд, ќе биде само електричен.

Поради забавената побарувачка за ЕВ, Стелантис ја стави во мирување гигафабриката во Кајзерслаутерн, Германија, којашто е заедничка инвестиција со АЦЦ. Дали тоа го компликува вашето снабдување со батерии за ЕВ?
АЦЦ е мошне важен дел во нашето снабдување со батерии. Првата фабрика на АЦЦ (во Дуврен, северна Франција) веќе работи. Минатата седмица ја посетив за да добијам свежа престава за батериските модули што таа ги произведува. Тие батериски модули ќе ја задвижиуваат Грандленд, кога нашите купувачи ќе ја добијат. Располагањето со батерија што е произведена од АЦЦ во Европа претставува многу, многу важен чекор. Компонентите се испорачуваат од Франција во Ајзенах, во домашната фабрика за новата Грандленд, каде што се склопуваат батериските пакети.
Дали уште нудите дизели?
Да, во Астра и во комбито Астра Спортс Турер, како и во доставните возила. Тоа е важно за нашите клиенти со возни паркови. На крај, нашата хибридна технологија е одлична замена за дизелот.
Продажбата на Опел во Европа годинава е слична со ланската. Дали имате намера да го зголемувате волуменот?
Годинава ни е за стабилност и консолидација. Важно е да се запомни дека 2023 беше година на брз раст за Опшел. Продадовме 670.000 возила, за 15 проценти повеќе отколку во 2022 година. Тоа го постигнавме главно преку електрификација и интернационализација. Ова ни е година за зајакнување на стабилноста и воедно е транзициска година, во којашто се збогуваме со два модели, Кросленд и тековниот Грандленд. Фронтера веќе се продава, а наскоро ќе следи Грандленд. Секако ќе биде потребно извесно време додека тие фатат чекор со пазарот.
Каков е соодносот во продажбата во Европа и во остатокот од светот? Во еден момент Русија требаше да стане следниот светски пазар на Опел. Дали постојат други извозни пазари на коишто можете да ја зголемите продажбата?
Важно е да се расте надвор од историските пазари во Европа. Сакаме нашиот бизнис во светот да стане поотпорен и помалку да зависи од еден или друг регион. Во изминатите години систематски го развивавме нашиот воневропски бизнис. Мошне сме силни на турскиот пазар; лани почнавме на алжирскиот пазар, којшто има голем потенцијал. Напредуваме добро во Мароко и на други пазари во регионот на Средниот Исток и Африка. Убедени сме дека Фронтера ќе привлече нови купувачи на тие пазари, затоа што автомобилот е мошне добро скроен за медитеранските држави.
Каква е вашата цел за извозните пазари?
Нашата цел е растот. Лани продадовме околу 101.000 возила надвор од Европа, што е 15 проценти од нашиот вкупен продажен волумен. Тоа беше историска година за продажба надвор од Европа и одлична појдовна точка.
Каков микс на ЕВ/ИЦЕ очекувате за Грандленд?
Новата Грандленд е значително поголема од сегашната. Таа располага со изобилство од простор за товар и патници, и претставува модел што е на врвот на сегментот на компактните СУВ. Нашата тековна понуда од патнички модели – Астра, Корса, Мока, Фронтера, Грандленд – навистина ги покрива сите главни сегменти, што се важни за нас. Секако имаме наша хипотеза околу миксот на ЕВ во продажбата на Грандленд, но тој зависи од држава во држава. Исто така е важно да се посочи дека новиот Грандленд нема да биде достапен како обичен ИЦЕ, туку како приклучен хибрид, благ хибрид со 48-волтна технологија и целосно електричен модел.

Дали Грандленд ќе добие „голем брат“ со седум седишта, како што е случај со Пежо 3008 и 5008?
Опцијата за седум седишта ја покриваме со новата Фронтера.
Фронтера ќе го замени Кросленд, а таа нема хибрид. Дали лансирањето се одвива според планот, покрај гласините дека Ситроен е-Це3 доцни, што е уште еден модел конструиран врз платормата Смарт Кар?
Фронтера е сосем нов модел. Имаме мошне високи очекувања во поглед на квалитетот и подготвеноста на моделот да го освои светскиот пазар. Ги вложуваме сите напори за да го подготвиме и да го пуштиме на пазарот уште годинава. Првично, тој ќе биде лансиран во целосно електрична изведба со досег до 300 километри и во хибридна изведба со автоматски менувач. Подоцна ќе следи уште една електрична варијанта, со досег зголемен на 400 километри.
Дали постои можност за друг модел врз платформата Смарт Кар во понудата на Опел?
Платформата Смарт Кар нуди бројни можности за марките да соработуваат. Засега сме среќни со пуштањето на Фронтера во продажба.
















