Ауди го менува раководството, новиот шеф за продажба доаѓа од Порше

Во управата на Ауди се шегуваат дека новата смена е иста со заминувањето на Ангела Меркел, кога светот требаше да навикне дека Германија повеќе нема канцеларка, туку канцелар. По таа аналогија, место шефица за продажба, Ауди отсега ќе има шеф на продажба.

На местото на Хилдегард Вортман, која во 2019 година ја презеде функцијата на шефица за продажба во Инголштат, доаѓа Марко Шуберт, во моментов сé уште шеф за продажба на Порше за европскиот пазар.

Со овој потег, извршниот директор на Ауди, Герно Долнер, донесува во Ауди уште еден врвен менаџер со минато во Порше. Педесетгодишниот Марко Шуберт сепак има долго претходно искуство во работењето за Ауди.

Шуберт има работено за марката со четирите прстени уште во периодот од 2000 до 2006 година. Неговата професионална кариера започнува во 1995 година, веднаш по завршувањето на студиите за автомобилски бизнис на Унивезитетот Ниртинген-Гајслинген, кај конкурентот Мерцедес-Бенц.

По првите шест години во Ауди, Шуберт доживува вртоглава кариера во универзумот на Фолксваген. Во март 2006 година, тој првпат работи во маркетингот на концернот, во Велика Британија, за во 2009 година да се врати во Ауди. Првата раководна позиција, Шуберт ја добива во 2011 година, како одговорен за бизнисот на Ауди во северна Европа, на којашто позиција останува до 2014 година.

Следно работно место е шеф за продажбата на концернот во Шведска. Во 2017 година следи сосем нов континент: Од 2017 година до февруари 2018 година, тој е директор за продажба на Шкода во Азија. Во 2018 година следи уште едно враќање во Ауди, овојпат на местото на шеф за продажба за целата дивизија на Ауди, за Кина.

Соработката со Вортман

На оваа позиција, Марко Шуберт првпат се среќава со Хилдегард Вортман, која во 2019 година е назначена за шефица за продажба, а со тоа и негова шефица. Соработката со Вортман трае две години, по што Шуберт добива место во Порше, каде што работи на европскиот бизнис на спортската марка.

Директорот за продажба во Порше, Детлев фон Платен, кажа при назначувањето на Шуберт во 2021 година: „Се радуваме што добивме толку искусен човек за нашата европска продажба. Марко Шуберт со своето богато искуство во светот, за различни автомобилски марки, најдобар избор е за ова место.“

„Голем смисол за хумор“

Фон Платен сега мора да го пушти својот „искусен човек“ да се врати во Ауди. „Марко има голем смисол за хумор и секогаш има насмевка на лицето, но кога тоа ќе се смени, секој ќе го почувствува тоа. Тој е водач што поставува големи барања, како од самиот себе, така и од својот тим“, коментираше контакт на Шуберт на професионалната мрежа Линк’д Ин.

Шефот Шуберт уште од почетокот се соочува со огромни предизвици во Ауди. Првото полугодие не беше најдобро за марката од Инголштат. Продажбата е за 8,2 проценти под ланското ниво. Од досегашниот европски шеф на Порше се очекува способност да ја спроведе пресвртницата во Ауди. Електричниот погон со високи перформанси му е посебно подрачје на надлежност.

Претходна објаваКиа Пиканто со светла како Соренто: Имиџот поголем од автомобилот
Следна објаваБез покрив, без ветробран: Овој Мерцедес-АМГ ќе се изработи во 250 примероци

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here