Мерцедес-АМГ е во завршната фаза од развојот на ексклузивниот спортски автомобил Пјур Спид. Јавноста првпат дозна за намерата на Афалтербах да изработи ваков автомобил во мај, кога тој беше прикажан во Монако како концептен автомобил.
Прототипите од моделот што ќе се изработи во мала серија деновиве може да се сретнат по патиштата на северот на Италија. Следниот чекор ќе биде возење по тест-патеката Нардо, којашто е конструирана за поставување брзински рекорди и се наоѓа на југот на Италија.
Каросеријата е изведена радикално. Родстерот со две седишта и екстремни перформанси нема покрив, ниту ветробран. Намерата е концептот на возилото да биде колку е можно повеќе верен на болидите во формула 1. Во овој дел од тестирањето е предвидено да се минат 3.000 километри со Мерцедес-АМГ Пјур Спид.
Развојниот тим има многу задачи. Прво треба да се потврди дека квалитетот е на ниво, во реални услови на возење. Друго поле на внимание е функционалноста и меѓусебната воиграност на сите системи и компоненти. Секако дека треба да се докаже и зрелоста на каросерискиот концепт, без ветробран.
Во текот на тестирањето ќе се извршат и последните зафати со цел да се постигнат врвни динамични својства, при брзини како на трка. Партнер при тестирањето на јавни патишта е Пининфарина, докажани специјалисти за мали серии.
Меѓу посебностите на Пјур Спид секако дека спаѓа и системот ХАЛО. Тоа е замена за предните столбови и влече корени непосредно од кралицата на мотоспортот. Задача на овој систем е да ги заштити патниците при незгода. Лакот е поврзан со каросеријата. Секако дека за возењето на АМГ Пјур Спид е потребна и кацига. За таа цел се посебно конструирани и изработени две кациги, што се испорачуваат заедно со возилото.
View this post on Instagram
АМГ Пјур Спид е првиот модел од низата модели што ќе се изработат во мали серии и се дел од проектот Мерцедес-Бенц Митос.
















