Смарт в година почнува со продажба на електричен СУВ голем колку Мерцедес

Број 5 има кутиест изглед и оддава цврстина. Техниката доаѓа од концернот Џили, производството исто така е во Кина, но дизајнот е Мерцедес.

Смарт првпат нуди модел од средната класа со својот Број 5, целосно електричен СУВ-модел со 800-волтна архитектура, што меѓу другото овозможува брзо полнење. Број 5 ќе конкурира на Тесла Модел Ипсилон.

Продажбата на Број 5, произведен во Кина, почнува наесен. Прво ќе биде услужена Азија, за електричниот СУВ од следната пролет да им биде достапен и на европските возачки и возачи. Првите примероци тука ќе бидат испорачани во текот на летото, потврди производителот. Број 5 беше прикажан прво како концептен автомобил во април, на салонот во Пекинг.

Купувачите ќе можат да избираат меѓу две изведби. Едната е наречена Самит и со неа може да се направат и излети по терен, меѓу другото и поради погонот на сите тркала. Втората изведба е Премиум+ и таа користи само заден погон. Идната понуда во моделското семејство на Број 5 ќе вклучува и изведба Брабус, со високи перформанси, како и основен модел со пониска цена, но и со помал досег.

Постои неизвесност околу почетокот на продажбата на моделот во Европа, поради дополнителните царини што ЕУ ги предвиде за електричните автомобили што се произведени во Кина, посочуваат од Смарт.

ЕУ во почетокот на ноември треба да одлучи дали дополнителните царински оптоварувања за извозот на ЕВ од Кина во Европа ќе бидат со долготрајна важност. Според привремените одредби, за електричните автомобили на Смарт во ЕУ ќе се плаќа дополнителна царина во висина од 19,9 проценти, покрај постоечката царинска стапка од 10 проценти за кинескиот увоз.

Цените на Број 5 и земјите во коишто тој ќе се продава ќе зависат од конечната висина на царинската стапка, порачува производителот.

Број 5 е третиот нов модел на Смарт, откако марката во 2020 година стана заедничка инвестиција 50:50 меѓу Мерцедес-Бенц Групација и Џили. Од марка што во почетокот беше ориентирана првенствено кон микро и мали автомобили, во сопственост на Мерцедес, Смарт стана марка што нуди три електрични модели: малечкиот Број 1, компактниот Број 3 и моделот од средна класа број 5.

Смарт цени дека Број 5 ќе ги привлече сопствениците на малечките модели на Смарт, од коишто повеќето имаат СУВ од средна класа како втор автомобил.

Број 5 има дигитални инструменти од 10,3 инчи и два диспчеи од по 13 инчи поставени едно до друго

Архитектурата е на Џили

Исто како Број 1 и Број 3, Број 5 е конструиран врз платформата СЕА на Џили и се произведува во Кина. Дизајнот е целосно цело на Мерцедес-Бенц, на студијата за дизајн во Германија.

Возилото користи 800-волтна електрична архитектура. Во почетокот, Пет ќе се нуди само со батерија од 100 кВч, најавува Смарт. На брз полнач, таа се полни од 10 до 80 проценти за само 15 минути.

Според кинеските норми, Петката постигнува досег од 740 километри. Смарт нема наведено колкав е досегот според многу пореалната норма ВЛТП.

Смарт објави само неколку детали околу број 5. Повеќе детали ќе бидат објавени подоцна годинава. Каросеријата е долга 4,7 метри, слично со Рено Еспас. Меѓуоскиното растојание од 2,9 метри ветува просторна кабина, а во тоа уверува и фактот што тркалата се поставени на самите краеви.

Со соборена клупа, назад се создава простор голем 1.530 литри. Напред има дополнителен простор од 72 литри.

Во кокпитот на Број 5 се поставени три дисплеи: Дигитални инструменти од 10,3 инчи и два дисплеи од 13 инчи, поставени едно до друго. Во моделот ќе се вградува и проекциски дисплеј со големина од 25,6 инчи.

Исто како кај Број 1 и Број 3, корисниците на Број 5 ќе можат да комуницираат со возилото преку дигитален аватар во форма на животно. Стандардниот избор е лав, наспроти лисица кај Еден и леопард кај Тро. Кирисниците ќе можат да го сменат аватарот или целосно да го исклучат.

Број 5 го очекува жестока конкуренција од модели во сегментот на СУВ од средната класа. Покрј Тесла Модел Ипсилон, најпродаваниот автомобил воопшто во Европа лани, конкуренцијата ги вклучува уште Шкода Ениак (тест), Киа ЕВ6, Тојота би-зи-фор-крос (3.000 км низ Македонија, како и премиум модели од ковот на Ауди Ку4 е-трон.

Во иднина, моделското семејство може да се прошири со наследничка на Смарт Форту. Извршниот директор на Смарт за Европа, Дирк Аделман, во почетокот на годината објави дека компанијата бара партнери, заради скусување на трошоците.

Продажбата на Смарт во Европа е мошне скромна годинава. Во првите седум месеци се продадени само 8.485 примероци од Број 1 и 2.984 примероци од Број 3. Моделот Форту, што повеќе не се произведува, постигна 5.559 примероци. Во рекордната година, во 2008, Смарт произведе 134.000 возила.

Новите модели на Смарт се продаваат по пат на т.н. агенциски пат, односно дилерите за секој автомобил што ќе го испорачаат добиваат износ што го одредува производителот.

Видеото од Волво Е Икс 30 на тест во Аутомедиа; Истата платформа ја користи Смарт Број 5

Претходна објаваБИД се разочара од германскиот дилер, ја преземаат продажбата во свои раце
Следна објаваКиа Пиканто со светла како Соренто: Имиџот поголем од автомобилот

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here