Дистрибутерот за Германија, Хедин Електрик Мобилити, наскоро преоаѓа во сопственост на БИД, што значи дека кинескиот прооизводител самостојно ќе раководи со продажбата во земјата. Производителот од Кина, на пат да биде светски шампион во продажбата на електрични возила годинава, се разочара од слабата продажба на своите возила на најголемиот пазар во Европа.
Германија беше клучен пазар, за БИД да ја постигне целта за освојување 5 проценти од европскиот автомобилски пазар во среден рок.
Продажбата на БИД сепак остана на ниско рамниште, и покрај тоа што кинескиот производител привлече многу внимание во јавноста, со спонзорирањето на европското првенство во фудбал што се одржа во Германија.
Целта на БИД е во Германија во 2026 година да продаде 120.000 возила. До јули годинава, кинескиот производител сепак успеа да продаде само 1.432 возила и со тоа да освои само 0,1 процент од пазарот.
Хедин Електрик Мобилити од 2022 година е генерален увозник на БИД во Германија и снабдува околу 30 дилери на БИД во земјата со возила и резервни делови.
Преземањето на дистрибутерот ќе овозможи БИД непосредно да им ги продава своите возила на дилерите, што ќе значи и поголема слобода во одредувањето на цените и во достапноста на возилата.
Дилерствата на Хедин Мобилити ќе останат партнери на БИД, објави кинескиот производител во соопштението од 30-ти август. Хедин исто така го задржува статусот на увозник и дистрибутер на БИД за Шведска.
БИД не објави финансиски детали околу зделката, за којашто се чека одобрение од германските власти.
Преземањето на дистрибуцијата на БИД во свои раце доаѓа во време кога кинеските производители на електрични возила, вклучувајќи ги БИД и кинеската марка МГ којашто е дел од корпорацијата САИЦ се борат за пробив на европскиот пазар, во услови на забавена побарувачка и нови царини за ЕВ произведени во Кина.
Во јули значително опадна продажбата на кинеските ЕВ во Европа, коишто покриваат само 9,9 проценти од вкупниот европски пазар на електрични возила.
















