за

Тест · Шкода Ениак Купе 85 Спортлајн

Што толку различно прави чешката марка, за електричната Шкода Ениак од старт да им се допаѓа на луѓето? Тоа е поврзано со историјата на марката. Тест.

Шкода Ениак во својата купе-СУВ изведба го користи истиот погон на којшто сцената секогаш му приговара дека има кус досег, малку полначи, дека е осетлив е на студ и чиешто производство всушност ја загадува животната средина. Место тоа, електричната Шкода добива само одобрување. Од сите.

Во Порше Македонија, електричниот погон е „држава“. Сите марки што шампион-увозникот ги има во својата понуда, досега имале електрична премиера. Дечиња можат да учат броење во салонот, од Фолксваген ИД.3 до Фолксваген ИД.7, без шестката. Во Ауди одвреме навреме ќе се појави по некој хипер е-трон, многумина ќе се изненадат дека и од електричниот Порше Тајкан досега се испорачани неколку дузини возила. Единствено Сеат уште ја чека својата премиера, но затоа е можно да изненади неговата сестринска марка Купра. Шкода почна да вози на струја.

На покривот се поставени фотоволтаички панели што произведуваат електрична енергија и покриваат повеќе од половина од потребите на дистрибутерскиот центар на Порше. Два турбо електрични полначи се поставени како индијански тотеми пред салонот на марката по којашто целата групација го носи името. За петнаесетина минути чекање на овие единствени полначи – патем, приближно толку време поминува и додека на обичен автомобил се наполни резервоар за петстотка и се купат смоки и струмка на бензинска – елеткричен автомобил ќе нацрпи енергија за да извози до Гевгелија.

Во такви околности, во Аутомедиа доаѓа на тест оваа Шкода Ениак, не „обична“, туку Ениак Купе. Назад пишува 85. Нема ТДИ, ТСИ, само 85. Тоа секако не ќе да е моќноста во коњски сили, туку е друга „моќност“, што е поважна кај електричните автомобили. Оваа бројка по малку претерува за големината на батеријата, затоа што нејзиниот бруто капацитет не е 85 кВч, туку е 82 кВч, па и таа понатаму се сведува на корисни 77 кВч. Така се цени „моќта“ на електричните автомобили, затоа што одамна никој не се сомнева во нивната моќност во коњски сили, односно многу поточно, во киловати.

Со оваа енергија, Шкода Ениак Купе 85, па уште и Спортлајн, во најдобар случај, поаѓајќи од подгреана батерија, ќе вози 559 километри, пред да побара да се приклучи за полнење. Така е пресметано затоа што фабриката измерила дека просечната потрошувачка изнесува 15, не литри, туку киловатчасови на сто километри.

Зошто за време на тестот луѓето покажуваа симпатии кон електричната Шкода Ениак? Приказната е во видеото што го објавуваме со тестот

Погонот е работа на електромотор на задната оска, со моќност од 210 киловати, односно 286 КС. Вртежниот момент од 545 њутнметри е речиси двапати повисок во споредба со Октавиа со дволитарски дизел со 115 КС. Тоа во основа значи дека при забрзување, Ениак ќе го втисне возачот во седиштето со двапати поголема сила отколку во пристојна семејна Октавиа.

Возачките и возачите на електрични автомобили обично не се од таа сорта што се тркаат да се наместат да чекаат први на семафор, но и без тоа е помала шансата за Шкода Ениак да се најде во „пол-позиција“. Причината е во тоа што само малку притисок врз педалата за забрзување е доволна, за Шкода да си најде место да се спровне и да мине на зелено – само заради претстава, што значи моќноста на овој електромотор, односно колку менува тоа што електромоторот испорачува гигантски вртежен момент безмалку уште од првиот вртеж на роторот.

Двестотини килограми. Тоа е разликата во тежината со Октавиа. Два тони, сто килограми и вреќа цемент, толку тежи празна Ениак. Не се петстотини килограми, затоа што голем дел од механичките групи и системи кај возилата со мотор со внатрешно согорување, се вишок кај електричната Шкода. Кај првата електрична Шкода, затоа што годинава доаѓа компактен Елрок, а понатаму е во најава и малеќок модел во ценовна категорија од околу 25.000 евра.

Покрај тоа што самиот електромотор е далеку помал и полесен од споредлив МВС, тука нема резервоар со гориво, нема систем за ладење, нема менувач, многу нешта се „заборавени“. Со ниско тежиште, поради тоа што батеријата е долу во подот, Шкода Ениак Купе 85 Спортлајн е забавно автомобилче за возење. Моќно, темпераментно, стабилно, со добро чувство на контрола на воланот, со питоми возни својства.

Во основа, сé е исто како да се вози СУВ од средна класа, со трилитарски линиски дизел со битурбо натполнење, интеркулер, комон рејл, пиезо инјектори, ДПФ, Адблу, меѓутоа нема бучава, нема штетен издув, плус погонот повлекува промптно и со елан, каков што МВС сепак не може да понуди.

Фабрика вели 6,7 секунди до темпо сто. Толку од приказните дека електричните автомобили биле бавни и троми. На Ениак уште подобро ѝ лежи дисциплината до 50 км/ч, во којашто ѝ се ранг Порше 911 и Ауди Р8. Крајната брзина е ограничена на 180 километри на час. Колку ли само било нормално тоа, да се вози автомобил што не оди побрзо од 180.

Тоа всушност покажува колку се сменети времињата. Денес светот на автомобилите се интересира за други вредности. Се бара автомобил што ќе понуди квалитетно поминато време. Затоа и внатрешноста на Ениак е изведена како да е дневна соба или можеби клуб-салон. Место конзоли од сите страни да нудат прекинувачи, команди и инстурменти, за човек да се стави во филм божем е пилот, тука се седи во удобни фотелји, се ужива во спокојството во коешто во не толку мал обем учествуваат системите за асистенција, се ужива во квалитетот на возењето.

Објавата на инстаграм, Шкода Ениак Купе извозе многу електрични километри на тестот

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Тоа што оваа Шкода е Спортлајн, вооошто не ја нарушува мисијата на уживање. Изгледот е облагороден со спортски детали, па и во внатрешноста сé е изведено со идеја за спортско возење, и во тоа се ужива исто и со 80 км/ч и со 120 км/ч. А, ако се посака Спортлајн да извози спортски по некој планински превој со бројни свијоци, Ениак и тоа ќе го исполни.

Целото искуство од тестот на Шкода Ениак Купе 85 Спортлајн е содржано во видеото со минутажа колку долгометражен филм. Тоа е оваа Шкода, филм. Не можеше да биде покусо, оваа електрична крстосувачка создава материјал за коментар.

Цената на стандардната моделска изведба, во варијанта Спортлајн, е 62.070 евра. Ениак не е создадена да биде евтина, туку по дифолт е престижна. Отмена и различна, затоа што таква некоја или некој ја сака и може да си ја дозволи. Лани Шкода продаде 81.700 примероци од Ениак и Ениак Купе. Тоа е повеќе дури и од Кодиак.

Во Спортлајн, многу нешта доаѓаат како стандард: Сончев покрив, електрика на возачко седиште, тркала од 20 инчи, скапо обложени спортски седишта, отворање на задниот поклопец со замавнување со нога, матрични диодни светла, целосна покриеност со системи за асистенција за комфор и безбедност.

Од класичните ставки дополнителна опрема, достапни се само десет позиции, со тоа што десеттата е избор по желба – металик боја. Сé е вклучено во пакети на опрема. Така е поевтино, отколку да се избира одделно и секако дека така е во ред.

Во тестираното возило е вграден пакет Адвансд, препознатлив по осветлената маска, кристал фејс. Заедно со проекциски дисплеј – првпат во Шкода со унапредена реалност, греење на сите седишта и на ветробранот, плус врвен аудио систем Кантон, пакетот чини 2.087 евра. Многу фер.

Кај Спортлајн има само уште еден пакет во понуда. Макс, со камери за преглед во 360 степени, прогресивно управување, приспособливо подвозје, масажа за возачко седиште, за 3.324 евра. За верзија со погон на сите тркала, и тоа е повеќе од фер: 2.170 евра.

Техничките податоци за тестираниот модел во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК

Skoda Enyaq Coupe iV 85 Sportline

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Илон Маск прогласен за најпреценет шеф во Америка

Мерцедес прв, потоа останатите: Зошто е важно за краш-тестовите да има и женска кукла