Благородните марки од островот планираат суперинтелигентен автомобил што ги познава своите патници, им ги знае навиките и желбите, ги помни закажаните состаноци.
Во тајните лаборатории на Jaguar и Land Rover се работи на нов вид на интелигенција на автомобилите. Како што кажува првиот човек за развој во JLR, Волфганг Епле, за период од пет до шест години автомобилите ќе ги познаваат своите возачи подобро отколку што тие си ја познаваат сопстената жена.
Новите генерации на модели на Британците ќе знаат на примиер дека нивниот сопственик во следното попладне има закажано да игра тенис по неколкуте деловни состаноци, дека на враќањето ќе мора да оди по заобиколен пат поради поправка на вообичаената рута, како и дека реервоарот е при крај. Сето тоа му успева на автомобилот преку синхронизација со календарот од паметниот телефон.
Кога сопственикот наутро ќе седне во автомобилот, тој преку апликацијата на мобилниот телефон го препознава и соодветно ги мести седиштето, воланот, ретровизорите и ги пушта неговите омилени песни, притоа потсетувајќи го да ја понесе и опремата за тенис. Одредиштата за обврските за тој ден веќе се вчитани во навигацијата, секако предвидувајќи ја алтернативната тура заради избегнување на метежот на вообичаената делница. „Батлерот“ во автомобилот го потсеќа возачот да се јави на сопругата и да ѝ соопшти дека ќе задоцни. Секако, тој нема да пропушти да го упати возачот кон најблиската бензинска станица поради тоа што резервоарот веќе е при крај. За освежување по тенискиот меч, батлерот ја мести и климатизацијата на малку постудено.
Интелигенцијата на возилото го знае и стилот на возење на разните возачи што седнуваат зад воланот. Преку приспособливиот темпомат, системот ги собира податоците за одржувањето растојание од возилата напред, за брзината на возење и за забрзувањето, за соодветно да ја приспособи регулацијата на уредот според вообичаениот начин на возење на возачот. Секако дека батлерот ја помни положбата на седиштата, ретровизорите, климатизацијата, навигацијата и сите типични местења за сите други возачи.
За неколку години ќе следува нова револуција, во којашто возачот ќе може да ги задава вообичаените команди со обично гестикулирање со рацете, исто како кај паметните телефони или играчките конзоли. За таа цел, сензорите ги мерат промените во електричното поле и ја препознаваат командата без потреба возачот да ги притиска копчињата. Модерните паметни телефони веќе го умеат тоа од растојание од околу половина сантиметар. Кај Jaguar Land Rover, ова растојание се зголемува на 15 сантиметри. Така може да се нареди на пример отворање на сончевиот покрив.
Поголем предизвик е следната генерација на проекциски дисплеи. Место на обична табла со инструменти, сите податоци во иднина ќе се прикажуваат на целиот ветробран. „Откачена“ опција ќе биде можноста интелигенцијата на возилото да ја проектира врз ветробранот иделната линија на возење доколку возачот посака да сврти неколку брзи кругови на тркачка патека, притоа прикажувајќи ги и идеалните моменти за префрлување на степените на пренос и ориентирите за сопирање.
Кога ќе треба да престигне или да вози наназад, возачот на Jaguar во иднина ќе треба сам да гледа во дигиталните инструменти пред него. Системот постојано го следи движењето на главата на возачот и на неговиот поглед, прикажувајќи природна тродимензионална слика на дисплејот зад воланот. Ретровизорите стануваат непотребни.
Британците планираат и комплетно нова генерација на мотори, под раководство на поранешниот шеф за мотори на BMW, Волфганг Цибарт. Новите бензинци и дизели ќе бидат компактни, полесни и поштедливи, и ќе имаат многу заеднички компоненти. Исто како кај BMW, цилиндрите во сите мотори ќе имаат зафатнина од по половина литар. Планирани се мотори со три, шест и осум цилиндри, како и верзија со хибриден погон.
Новите мотори од генерацијата Ingenium, што е латински збор за мотор, полесни се и до 80 килограми од претходниците и секако дека трошат помалку од истите. Од 2015 година, овие мотори со алуминиумска конструкција ќе се произведуваат во фабриката за мотори на Jaguar Land Rover во Волверхемптон и ќе се вградуваат во новиот XE, конкурентот на серијата 3 на BMW и на класата С на Mercedes.



















