Автомобили со подигната хауба се честа појава на патиштата како што почнуваат летните горештини. Начинот како да се спречи прегревањето на моторот е мошне едноставен – со пуштање на греењето во кабината.
Кога сонцето ќе запече ниту ладењето на моторот не може секогаш успешно да си ја зврши работата. При патување на летен одмор или во долги застои во градскиот метеж постои голема можност да прегрее моторот. Искусните возачи го знаат решението, иако тоа може да изгледа збунувачки: Кога мерачот на температурата ќе влезе во црвено, едноставно пуштете го греењето во кабината на најтопло.
Греењето на кабината ја спроведува топлината од моторот во внатрешноста на кабината и на тој начин ја намалува температурата на средството за ладење. Клима уредот е подобро да се исклучи, затоа што тој дополнително го оптоварува моторот. Потоа побарајте паркиралиште или запрете на првата бензинска станица, за возилото и моторот да се изладат пристојно.
Ако прегревањето е резултат од недостаток на течност за ладење, истата треба да се дотури. Во итен случај ќе помогне и обична вода од чешма, но подобро е да се најде специјална течност за ладење со заштита од корозија и мрзнење.
Чепот на ладилникот, односно на садот за изедначување на нивото не смее да се отвора при прегреан мотор, затоа што ќе почне да прска жешка вода под дејство на притисокот во системот и да предизвика попарување на кожата. Садот за изедначување исто така може да е под притисок и најдобро е да се отвори со дебела крпа. Внимавајте да не дотурате студена вода, затоа што наглата промена на температурата може да предизвика пукнатини во системот.
















