Колку се безбедни кабриолетите при превртување

Клубот ADAC ја тестираше безбедноста при превртување на четири популарни модели на кабриолети. Opel Cascada мина најдобро на тестот, VW Golf најлошо.

На последниот тест на превртување на клубот ADAC, два модела добија пофални оцени, еден модел доби задоволителна и еден модел незадоволителна оцена. Клубот избра четири модели на кабриолети од компакт класата: Opel Cascada, Renault Mégane CC, Peugeot 308 CC и VW Golf Cabriolet.

Првите два модела добија највисоки оцени за заштитата на патниците. Предните столбови кај Opel се доволно цврсти и не се деформираат при превртување, а солидна заштита добиваат и патниците на задната клупа. Кај кабриолетот на Renault, патниците во вториот ред исто така се заштитени добро, но патниците на предните седишта се во опасност од здобивање помали повреди на главата, поради допирот со асфалтот.

Кабината не се деформираше и кај Peugeot 308 CC, но предзатегнувачите на ремените на предните седишта не ги затегнаа тест куклите доволно цврсто, поради што доаѓа до посилен контакт на главата со асфалтот. Наспроти тоа, вредностите на оптоварувањето во подрачјето на главата се во дозволемото подрачје. Крајна оцена: Задоволителна заштита.

Четвртиот кандидат, VW Golf Cabriolet доби само незадоволителна оцена. Рамката на ветробранот се деформираше повеќе од очекувањата, со што се стесни просторот за заштита на патниците. Предзатегнувачите на предните ремени реагираа премногу лабаво и не успеаја да ги задржат куклите во седиштата. Поради тоа, главата на куклите удри посилно во асфалтот. Едниот од патниците на задната клупа исто така би здобил повреди од контактот со подлогата. Клубот оценува дека е недоволна стабилноста на предните столбови и на сензорите на предзатегнувачите и препорачува Volkswagenда ги коригира овие забелешки.

Како општа препорака, клубот советува седиштата во кабриолетот да се спуштат колку е можно подолу, заради поголема заштита при превртување. Клубот исто така препорачува производителите да вградуваат предзатегнувачи на сите седишта во кабриолетите.

Ова беше трет тест на заштитата при превртување во кабриолет од 2003 година. Тестот беше извршен со превртување на возилата со помош на катапулт, од брзина од 50 километри на час, поради што возилата ротираа околу вертикалната оска. На тестот се оценуваше статичката цврстина на каросеријата, односно колку останува „простор за преживување“ при деформирањето на ветробранот, потоа силината на ударот на главата на тест куклите во подлогата, земајќи го во предвид функционирањето на лакот за заштита при превртување, како и на предзатегнувачите на ремените и на воздушните перници во возилото.

Претходна објаваCorvette Z06 ќе игра во највисоката лига
Следна објаваКоја е правилната температура за клима уредот во автомобилот?

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here