
Џенерал Моторс го претстави својот луксузен електричен модел Кадилак Лирик во Франција. Тоа ќе биде обид на производителот од САД да го прошири своето присуство на тукашниот пазар, откако лани се врати во Европа. ЏМ воедно ќе тестира дали онлајн продажбата ќе ги привлече богатите купувачи на електрични автомобили,
Како прв чекор во враќањето на европскиот пазар, Џенерал Моторс лани во октомври најави дека почнува со продажба во Швајцарија. Производителот од САД во 2017 година ги продаде своите европски марки Опел и Воксхол на ПСА Пежо Ситроен, по цена од 2,3 милијарди долари. Намерата е Кадилак тука да продава исклучиво електрични автомобили.
За разлика од домашниот пазар, каде што продажбата се заснова врз широка мрежа од дилери, европските купувачи ќе можат да го конфигурираат и да го купат својот електричен Кадилак единствено по пат на онлајн-продажба.
Европските производители се посветени кон производство на подостапни електрични автомобили, под притисок од кинеските соперници и од забавената побарувачка.
Шефицата на Џенерал Моторс за Европа, Џеклин Меквејд, во понеделникот, за време на претставувањето на моделот во Париз, изјави дека се очекува електричните СУВ и натаму да бидат сегмент во којшто најбрзо расте продажбата на возила со нулта емисија на штетни материи.
„Кога ќе го погледнете пазарот на батериски електрични вопзила во Франција, токму луксузниот маркет порасна најмногу,“ кажа Меквејд. „Фокусот во моментов е во луксузниот пазар.“
Најпродаван електричен автомобил во Франција лани беше Тесла Модел Ипсилон, којшто стартува од 42.990 евра на тамошниот пазар.
GM returns to France with fully-electric Cadillac Lyriq https://t.co/xqVDFDvYqy pic.twitter.com/FSlI9pvxab
— Reuters (@Reuters) February 26, 2024
Нагласувајќи го француското потекло на Кадилак – францускиот авантурист Антоан де ла Мот Кадилак го основаше Детроит во 1701 година – Меквејд кажа дека ќе има и следни електрични модели, што ја користат истата архитектура како Лирик. Лускузниот СУВ се произведува во Тенеси.
Лирик во Швајцарија почнува од 82.000 швајцарски франци, меѓутоа ГМ засега не ги објавува цените за Франција.
Кадилак планира да отвори и салон во Париз. Лирик ќе може да се нарача онлајн почнувајќи од 23-ти март. Луксузнииот ЕВ треба потоа да стартува и на останатите европски пазари, вклучувајќи ја Германија кон завршетокот на годината.















