Француската марка за својот електричен Ц4 Икс тврди дека „потребно му е најмалку време за да помине 1.000 километри.“ Ситроен го докажа тоа во едно споредбено тестирање со конкурентските модели, чијашто веродостојност не може да се порекне.
Околу способноста на електричните автомобили никој не спори. Тие се силни, брзи, тивки, комфорни. Проблемот е полнењето. Ситроен за својот е-Ц4 Икс тврди дека минува до 420 километри со полна батерија. Тоа пак не ги остава возачите да бидат резервирани за е-погонот, тоа што останува како главна пречка е неизвесноста дали по пат ќе има брз полнач и колку време ќе треба да се чека, за батеријата да се наполни и патувањето да продолжи.
Ситроен ја повика независната група за тестирање УТАЦ, да провери со кој од четирите модели најбрзо ќе се поминат 1.000 километри. Соперници на е-Ц4 Икс му беа Рено Меган Е-Тек, Фолксваген ИД.3 и МГ 4.
Електричниот кросовер на Ситроен располага со технологија да се приклучи на брз полнач со моќност до 100 киловати, што е четирипати повеќе од полначите што ги познаваме кај нас. Предности во конструкцијата на Ц4 Икс се аеродинамичната форма на кароеријата и штедливиот електромотор. Уште една предност на францускиот кросовер, што не е видлива како бројка, туку треба да се погледне графиконот, се однесува на рамномерната брзина на полнење на батеријата. Некои автомобили почнуваат брзо и потоа забавуваат, а подобрите подолго време ја полнат батеријата со висока моќност.
Исходот: Цитроенот ги мина 1.000-те километри најбрзо, односно за 11 часови и 57 минути – секако, вклучувајќи и полнење. На конкурентите им беа потребни, од 14 минути до 67 минути повеќе. Резултатите за трите конкуренти се наведени анонимно, меѓутоа резултатот останува тој. За разлика од САД, во Европа не е „фер“ да се објавуваат споредби со конкурентите, односно тука лесно може да падне тужба.
Моделите на тестот
| Модел | Ситроен е-Ц4 Икс | МГ 4 | Рено Меган | Фолксваген ИД 3 |
| Батерија | 54 кВч | 64 кВч | 60 кВч | 58 кВч |
| Досег | 420 км | 435 км | 450 км | 425 км |
| Тежина | 1 603 кг | 1 694 кg | 1 670 кг | 1 790 кг |
Ситроен кажува дека победата на нивниот е-мобил се должи на ниската потрошувачка и брзото полнење
Тестирањето беше изведено на патеката Мортефонтен, на оддалеченост од 40 километри од Париз. Се возеше два дена, во совршени временски услови. Четирите возила појдоа со 100% полна батерија, на патеката се движеа со постојана брзина од 120 километри на час, и се повлекуваа во „бокс“ откако наполнетоста на батеријата ќе паднеше на 10 проценти. Потоа се полнеше до 80 проценти, затоа што полнењето потоа подзабавува кај секој електричен автомобил. Се полнеше на две станици, со моќност од 100 и 50 киловати.
Возачите запираа петпати за да ја наполнат батеријата, еднаш на станицата од 50 кВ, другпат на станицата од 100 кВ.
Колку трошеа 4-те модели на секои 100 километри
| Ситроен е-Ц4 Икс | Конкурент 1 | Конкурент 2 | Конкурент 3 | |
| 100 | 19.6 | 20.2 | 21.1 | 23.3 |
| 200 | 19.4 | 20.2 | 20.6 | 23.1 |
| 300 | 19.4 | 20.3 | 20.7 | 23.0 |
| 400 | 19.4 | 20.4 | 20.7 | 23.0 |
| 500 | 19.5 | 20.6 | 20.9 | 23.1 |
| 600 | 19.6 | 21.0 | 21.0 | 23.1 |
| 700 | 19.8 | 21.3 | 21.0 | 23.2 |
| 800 | 20.0 | 21.6 | 21.3 | 23.3 |
| 900 | 20.1 | 21.8 | 21.5 | 23.3 |
| 1000 | 20.2 | 21.9 | 21.6 | 23.4 |
















